Денешното новинарство е под дигитална опсада

05.05.2022. / 14:40

Глобалната годишна конференција која е посветена на слободата на медиумите и која се организира секоја година во склоп на одбележувањето на Светскиот ден на слободата на медиумите, оваа година за размислување и за дискусија ја имаше тематаНовинарството под дигитална опсада“.

Целта на отворањето на оваа тема е да се укаже на повеќекратните начини како државните и недржавните актери во дигиталната ера ги надгледуваат новинарите/ките, собираат податоци и користат вештачка интелигенција и како сето тоа влијае на новинарството, на слободата на изразување и на приватноста. Важен сегмент на оваа конференција беше и прашањето за одржливост на медиумите во дигиталното време и заканите за довербата на јавноста кои произлегуваат од надзорот и од дигитално посредуваните напади врз новинарите/ките, како и последиците од сето тоа врз довербата на јавноста во дигиталните комуникации.

Според последниот извештај на УНЕСКО за светските трендови се истакнува дека надзорот и хакирањето го компромитираат новинарството. Тоа особено се забележува кај истражувачките новинари/ки.

Сѐ поголемата софистицираност и неоткривањето на злонамерниот и на шпионскиот софтвер и нивната сѐ поголема употреба против новинарите/ките и бранителите/ките на човековите права од страна на државните и недржавните актери, го загрозуваат слободното и независното новинарство.“ – се наведува во извештајот.

Ваквите видови на надзор што се вршат над новинарите/ките можат да откријат информации што ги собрале новинарите/ките, вклучувајќи ги и свиркачите/ките и на тој начин го кршат принципот на заштитата на изворот, кој генерално се смета за предуслов за слободата на медиумите и е содржан во резолуциите на ОН. Надзорот, исто така, може да ѝ наштети на безбедноста на новинарите/ките со откривање на чувствителни приватни податоци кои можат да се користат за произволно судско вознемирување или за напад.

Специјалниот известувач на ОН за промоција и за заштита на правото на слобода на мислење и на изразување, уште во мај 2019 година изнесе наоди и загриженост во врска со надзорот и со човековите права, истакнувајќи дека надзорот врз поединци/ки – најчесто новинари/ки, активисти/ки, опозициски личности, критичари/ки и други, се покажало дека доведува до произволно притворање, понекогаш и до малтретирање и можеби и до вонсудски убиства”.

Помеѓу 2011 и 2021 година Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) забележа десетици инциденти на новинари/ки кои биле цел на шпионски софтвер. Ова откритие беше поддржано од истражувачкото новинарство и од организациите за проверка на фактите кои открија информации дека стотици новинари/ки биле избрани како цели.

Надзорот на движењето на новинарите/ките со помош на вештачката интелигенција и тролањето на новинарите/ките преку ископување на податоци и автоматизирани напади, исто така, се закана за слободното новинарство. Намалените трошоци значат дека незаконските надзорни активности што ги преземаат државните или приватните актери, можат да бидат пошироки, несразмерни, поинвазивни и подолготрајни од било кога досега, а дека новинарите/ките или нивните извори не се свесни за нив и дека не можат да се одбранат.“ – се наведува во извештајот на УНЕСКО од конференцијата.

Новинарите/ките и медиумите секојдневно се изложени на различни дигитални ризици, кои се пренесуваат во сите сфери на новинарската дејност. Овие индикатори за надзор само ја потврдуваат важноста да се обрне внимание на дигиталната заштита на новинарите/ките и на медиумите денес.

Различните вонредни околности, кризите од кои сме погодени, како што е пандемијата, но и војните кои беснеат во различни делови на светот, пред медиумите и пред новинарите/ките поставуваат различни предизвици и ризици за дигиталната безбедност.

Надзорот има големо влијание врз новинарството. Ја зголемува ранливоста на новинарите/ките затоа што државните и недржавните актери можат постојано да ги следат. Ова ја загрозува доверливоста на нивните извори, кои како последица на тоа, можат да бидат спречени да разговараат со медиумите. Исто така, ги принудува да усвојат оптоварени безбедносни протоколи и да користат софистицирана и скапа технологија и опрема, што најчесто редакциите не ја поседуваат. 

Ocijenite kvalitet članka