Дигитална безбедност на новинарите/ките: Енкрипција на пораките и мејловите

10.01.2020. / 09:25

Новинарите/ките поради специфичноста на својата работа и често работење на чувствителни теми кои бараат заштита на изворите на информациите, мора да размислуваат за безбедноста на каналите за комуникација кои ги користат. Во дигиталниот свет сите корисници на дигиталните уреди стануваат изложени на ризикот за откривање на приватноста на информациите, а кога се во прашање новинарите/ките изложеноста е уште поголема. 

Новинарите/ките користат разни мрежни налози и тие податоци содржат лични податоци за медиумот во кој работат, како и податоци за колегите/шките, семејствата и што е мошне важно, за изворите. Обезбедување на тие налози и редовно безбедносно копирање и отстранување на податоците ќе помогне во заштита од хакерите. Ова е особено важно за истражувачките новинари/ки кои често работат на теми поради кои можат да бидат изложени на хакерски напади.

Дали постојат начини за заштита на вашите текстуални пораки и мејлови, колку се тие ефикасни и како да ги заштитите каналите за комуникација, се прашања за кои веруваме дека новинарите/ките често си ги поставуваат?

Оваа статија ќе ви помогне подобро да ги заштитите вашите информации што ги имате на мобилните комуникациски апликации и мејловите.

Содржини на пораките и мејловите

Новинарите/ките можат побезбедно да комуницираат со изворите на информации со користење на шифрирана апликација за размена на пораки или софтвери кои ги шифрираат мејловите на начин што може да ги прочита единствено лицето на кое сте му ги пратиле. Некои алатки се полесни за употреба од други. Шифрирањето ја штити содржината на пораките, но мораме да имаме предвид дека метаподатоците се видливи, вклучувајќи и во кое време сте ја испратиле пораката, кој ја примил и другите детали кои можат да ја откријат содржината на пораката. Овие компании, зависно од софтверот кој го користите, имаат различни политики за тоа како ги чуваат тие податоци и како реагираат кога властите ќе ги побараат.

Шифрирање на текстуалните пораки

Оние апликации кои најчесто се препорачуваат се апликации за размена на текстуалните пораки кои нудат шифрирање end-to-end, што значи дека податоците се шифрираат кога се испраќаат од испраќачот до примателот. Двете страни мора да имаат налог со иста апликација. Сите кои имаат пристап до уредот кој испраќа или прима порака или лозинка од налогот поврзан со апликацијата сѐ уште можат да ја пресретнат содржината на пораката. Примери на апликации за размена на пораки со end-to-end енкрипција ги вклучуваат Signal, WhatsApp и Telegram.

Веќе порано во текстот Основи на безбедноста за новинарите пишувавме за тоа дека нашата препорака за комуницирање преку пораки е со користење на Signal. 

Некои препораките кога ќе се одлучите да користите шифрирани апликации за размена на пораки се: 

  • Истражете кој е сопственик на апликацијата, кои кориснички податоци ги чуваат и дали постои можност владите да ги добијат тие податоци. Ова мошне често зависи од тоа каде се наоѓа нивното седиште и инфраструктура. Проверете каква е нивната политика за одговарање на барања за споделување на кориснички податоци. Овие информации можете да ги пронајдете на интернет.
  • Користете PIN или лозинка со помош на апликација каде што тоа е можно, за да спречите некој да ја отвори ако ви го украде телефонот.
  • Проверете каде на вашиот телефон се чуваат информации испратени до апликациите за размена на пораки.
  • Сѐ што ќе преземете, како што се фотографии или видеа, ќе биде зачувано на вашиот уред и би можело да се копира на други уреди и апликации, особено при изработка на безбедносна копија на податоците. Обрнете внимание како ви се снимаат податоците.
  • Некои услуги, како што е WhatsApp, прават безбедносна копија на содржините на пораките на налозите поврзани со телефонскиот број, проверете го тоа.
  • Контактите снимени во вашиот телефон се синхронизираат со апликациите за размена на пораки и со налозите, така што броевите кои се обидувате да ги избришете на едно место можат да се зачуваат на некое друго место, бидете внимателни со тоа.
  • Редовно правете безбедносни копии и бришете ги пораките за што помалку да ги задржувате на мобилниот уред или на вашиот налог. 
  • Направете си механизам за константно копирање на содржината што ја добивате (веднаш кога ќе ви дојде, на секои 24 часа или еднаш неделно), и зачувајте ги преземањата на шифриран надворешен уред за складирање.

Шифрирање на мејловите

Шифриран е-mail е побезбеден начин за размена на информации со изворот на информациите. Двете страни мора да преземат и инсталираат определен софтвер за да можат да испраќаат и примаат шифрирана е-пошта.

Некои препораки кога ќе се одлучите да шифрирате мејлови:

  • Поставување на софтвер за шифрирање на мејлови понекогаш за новите корисници/чки може да биде комплицирано, па доколку не знаете да инсталирате некои опции, секогаш можете да се обидете да најдете помош на интернет или можете да прашате некои лица кои повеќе се разбираат во дигитална безбедност за да ви помогнат.
  • Научете ги софтверите кои би можеле да ви користат за овој вид комуникација. Задолжително обратете внимание на редовно ажурирање. Некои софтвери за шифрирање на мејлови се GPG Suite за корисниците/чките на Mac, GPG4win за корисниците/чките на Windows и Linux, Thunderbird со Enigmail extension и Mailvelope.
  • Mailvelope е PGP клиент кој му дозволува на корисникот/чката да управува со клучевите и да испраќа енкриптирани мејлови директно од својот интернет пребарувач. Прилично е едноставен за местење и се вклопува со онлајн мејл клиентите како што е Gmail. Истиот дозволува и енкрипција на прилозите кон мејловите.
  • Одделете време за однапред да креирате долги и единствени лозинки за вашиот шифриран мејл софтвер. Запомнете дека доколку ја загубите вашата лозинка, можете да го загубите пристапот до шифрираниот мејл. Сепак не се препорачува некаде да ја запишувате, туку сепак да ја запомните. 
  • За да не заборавите како да го користите софтверот, се препорачува кога веќе сте го направиле овој вид на комуникација истиот да го користите почесто. Запомнете дека деталите за мејлот, кои го вклучуваат насловот, вашата мејл адреса и адресата каде што испраќате, не се шифрирани, и можат да бидат видливи.

Никогаш не е доволно вниманието

Важно е, без оглед на сите препораки, да имате предвид дека дигиталната безбедност е многу поширока и дека различните дополнувања на овие софтвери и апликации се случуваат често. Иако понекогаш ни се чини дека нема потреба за ваков вид на шифрирана комуникација, напоменуваме дека некои од најголемите истекувања на информации се случиле поради едноставна лозинка. Во овие неколку препораки креирајте долги и комплексни шифри, користете ги мобилните апликации како што е Signal и софтвери за да испраќате шифрирани мејлови. Тие можат да ве зачуваат од различни компромитирања и од загуба на важни извори на информации. 

Ocijenite kvalitet članka