Довербата, разновидноста и независноста се клучни за денешното новинарство

22.05.2023. / 10:50

Довербата, разновидноста и независноста се клучни елементи на денешното новинарство.

И тоа не треба да биде новост.

Овие три елементи отсекогаш биле важни во новинарството и тие треба да продолжат да бидат основа на дејноста на оваа професија, за да ја обезбедат иднината на опстанокот на новинарството такво какво што треба да бидевистинито, проверено, објективно и во служба на општеството.

Во ерата во која доминираат дезинформациите и лажните вести, доверливоста е клучна за новинарите/ките да можат да го задржат кредибилитетот и релевантноста. Публиката се потпира на медиумите и очекува од нив да обезбедат точни и веродостојни информации како и да ги проверуваат фактите. Новинарите/ките треба да им дадат приоритет на транспарентноста, на интегритетот и на етичките стандарди за да ја заслужат и да ја задржат довербата на нивната публика.

Сведоци сме на сѐ поголема недоверба на публиката, која одлучува да ги избегнува вестите, особено оние актуелните кои не засегаат сите нас, а сето тоа се случува поради зголемувањето на бројот на дезинформации.

Истражувањето на Институтот Reuters за проучување на новинарството, во нивниот годишен извештај за дигиталните медиуми наведува:Додека поголемиот број од испитаниците редовно консумираат вести, 38% од нив кажале дека често или понекогаш ги избегнуваат веститево однос на 29% во 2017 година. Околу 36% – особено оние помладите од 35 годинивелат дека вестите им го намалуваат расположението.“

Разновидност и независност

Редакциите кои се разновидни обезбедуваат поширок опсег на перспективи и на искуства во известувањето, правејќи го тој опсег поинклузивен и посеопфатен. Новинарите/ките од различни средини и потекло носат единствен увид и експертиза во нивната работа, што помага да се избегне пристрасноста и нуди попрецизно прикажување на настаните за кои се известува. Разновидноста во редакциите помага во градењето на довербата меѓу разновидната публика која сака да види приказни со кои може да се идентификува. Новинарството има функција да ги покрива и да известува за различните заедници за да се поттикне поголемо разбирање и да се надминат предрасудите што постојат поради недоволното познавање на заедниците.

Интегритетот и објективноста на медиумите се обезбедува преку нивната независност. Новинарите/ките треба да имаат слобода во медиумското известување бидејќи единствено на таков начин можат да известуваат без непотребно влијание или мешање. Независното новинарство ги смета за одговорни оние што се на власт, ги открива вистините и се смета како чувар на општеството. Новинарите/ките треба да бидат ослободени од политички, корпоративни или кои било други надворешни притисоци кои можат да ја загрозат нивната способност да известуваат вистинито и бестрашно.

Она што ја одржува медиумската независност всушност е финансиската независност. Во тој сегмент, медиумските организации ќе треба да најдат начин за нивната медиумска одржливост која нема да зависи од инвестициите на другите. Инвестицискиот фонд за развој на медиумите (MDIF) наведува дека медиумите можат да бидат вистински независни само ако немаат финансиски потешкотии. Токму поради ова тие го креирале Plūrālis, креирале модел за финансирање кој го комбинира филантропскиот и комерцијалниот капитал за интервенции кога медиумите се најранливи.  Plūrālis е создаден како експеримент со цел да се обезбеди тестирање на новиот модел на финансирање. "Беше потребен нов пристап и ова беше експеримент, но навистина може да биде модел за во иднина", изјави за Guardian нивниот главен стратешки директор Patrice Schneider.

Различни модели на медиумска одржливост

Сè повеќе медиуми се свртуваат кон различни модели кои ќе им обезбедат финансиска стабилност, како што се претплатничките модели. Сепак, ова изгледа како голем предизвик, ако се земе во предвид дека со онлајн сферата достапноста на вестите е голема, па затоа се поставува прашањето за одржливоста на овој модел, бидејќи публиката секогаш ќе пронајде простор каде што ќе ги добие информациите. Прашањето е какви ќе бидат тие информации.

Дигитализацијата и распространетоста на интернетот донесоа презаситеност со информации, дезинформации и потреба да се проверуваат изворите на информации, па тоа е уште една од причините поради кои претплатничките модели можат да имаат успех, бидејќи публиката сепак бара информации кои ќе бидат вистинити и проверени.

Основните форми за медиумско финансирање, како што се рекламирањето или претплатничките модели веќе не се доволни, и како што наведува Ирена Омазиќ, предизвиците се големи и медиумите треба да поседуваат широко познавање за сите модели, да ги комбинираат и да го пронајдат најефикасниот начин како да ги имплементираат.

Европската федерација на новинари/ки (EFJ) пред две години објави извештај во кој се испитуваат иницијативите кои имаат за цел да го промовираат одржливото иновативно новинарство, вклучувајќи ги и оние кои ги истражуваат новите деловни модели. Овој извештај дава бројни примери и пристапи кои ги покажуваат заедничките трендови и идеи за постигнување на потребната одржливост и иновација. Истражувањето покажало дека успешни медиуми се оние кои нудат силен ангажман со нивната разновидна публика и создаваат сојузи. Добра практика за финансирање е да не се потпирате во голема мера на само еден извор на финансирање. Разновидноста во редакцијата не придонесува само за разновидноста во известувањето туку може да придонесе и за пронаоѓање на диверзифицирани модели на финансирање.

Ocijenite kvalitet članka