Етичките принципи во користењето на OSINT алатките во истражувачкото новинарство

28.11.2023. / 08:06
Автор/ка
osint ethics
osint ethics

Во денешното динамично медиумско окружување, истражувачкото новинарство игра клучна улога во откривањето на вистината, откривањето на скриените информации и поставувањето на прашања кои често предзивикуваат длабоки општествени, политички и економски импликации. Во тој процес, новинарите/ките стануваат чувари на јавниот интерес, сносејќи одговорност да обезбедат објективни, точни и релевантни информации за нивната публика. За да го одржат интегритетот на професијата, новинарите/ките мораат цврсто да се придржуваат на етичките принципи кои не само што го штитат нивниот кредибилитет туку и ја обезбедуваат довербата на јавноста во новинарското известување.

Изобилството на информации кои се складирани на интернет на новинарите/ките во голема мера им го олесни начинот на нивното собирање и користење во нивните истражувања. Ова особено се однесува на користењето на OSINT алатките и изворите на податоци. За тоа што е тоа OSINT пристап во новинарското истражување, како да се планира и да се спроведува истражување со користење на OSINT алатките, но и за другите аспекти и начините за нејзиното користење во новинарството, зборувавме претходно.

Во основа, OSINT истражувањето вклучува собирање, анализа и интерпретација на информации од јавно достапни извори. OSINT алатките ја користат моќта на интернетот за да пребараат огромни количини на податоци, вклучувајќи ги социјалните медиуми, јавните записи и онлајн форумите, обезбедувајќи им на новинарите/ките вредни сознанија за нивните истражувања.

Меѓутоа, со голема моќ доаѓа и голема одговорност. Етичката употреба на OSINT алатките е клучна за зачувување на довербата на јавноста и за почитување на новинарските принципи. Во продолжение донесуваме некои од клучните совети и практики кои новинарите/ките треба да ги разгледаат при користењето на овие алатки.

Насоки за Етички OSINT Истражувања

Blackdot Solutions, креаторите на Videris софтверот за истраги, ги издвојуваат следните практики за OSINT истражувања за да се обезбеди почитување на етичките принципи:

  1. Користете јавно достапни податоци секогаш кога е тоа можно: Јавно достапните податоци најчесто се поетички, но истражителите мораат да ги почитуваат правилата, како што е GDPR, за да обезбедат етичко собирање и користење на тие информации.
  2. Осигурајте се дека истражувањата се насочени: Непринципиелното собирање на големи количини на податоци може да ги изложи организациите на ризици и да ја наруши нивната репутација. Поставувањето на јасни цели за собирање на податоците на почетокот на истражувањето помага да се насочат напорите на она што е навистина потребно, избегнувајќи го непотребното собирање на податоци.
  3. Одлуките треба да ги носат луѓето: И покрај улогата на технологијата во забрзувањето на истражувањата, носењето на клучните одлуки треба да остане во рацете на луѓето. Интелигентната автоматизација може да помогне во автоматизацијата на рутинските задачи, но човечкиот надзор обезбедува нијансирана проценка на ситуацијата и носење на етички одлуки.
  4. Запишете ги вашите активности за да останете одговорни: Запишувањето на секоја фаза од истражувањето има двојна корист обезбедува етичност во собирањето на податоците и нуди доказ за целосното истражување, што може да биде важно во регулаторен или во правосуден контекст. Технологијата може да го автоматизира овој процес, што ќе им олесни на истражувачите/ките да ја одржат одговорноста без да губат време на рачни задачи.

Етички практики во користењето на OSINT

Иако постојат бројни извори кои предупредуваат за важноста на етичкиот аспект во  користењето на OSINT алатките и изворите на податоци во истражувачкото новинарство, секој од нив има за цел да им помогне на истражувачите/ките да обезбедат усогласеност со законските стандарди и да го сочуваат професионалниот углед. Некои од најдобрите практики го вклучуваат следново:

  • Преглед на условите за користење: Запознајте се со условите за користење на веб-страниците што ги користите за да обезбедите почитување на законските обврски.
  • Внимателна употреба на лажни идентитети: Дозволено е создавање на лажни идентитети, но избегнувајте лажно тврдење за некаков посебен статус или да се претставувате како некој друг без негова/нејзина согласност.
  • Избегнување на хакирање: Воздржете се од искористување на ранливостите или учествување во хакерски активности; незаконските дејствија можат да резултираат со кривично гонење.
  • Разгледување на ризикот при комуникацијата: Избегнувајте користење и комуникација на dark web-от, без внимателна и темелна проценка на потенцијалните ризици и исходи.
  • Безбедно складирање на податоците: Имплементирајте силни безбедносни мерки за да ги заштитите собраните податоци и да го намалите ризикот од протекување на информации.
  • Проверка на точноста на информациите: Обезбедете точност и навременост на собраните информации за да ги избегнете неточните заклучоци и погрешните тврдења.
  • Одржување на транспарентност: Откријте ја целта на истрагата и методите што се користени за собирање на информациите кога е соодветно за да ја одржите транспарентноста во OSINT активностите.

Новинарите/ките треба да бидат отворени за методологијата што ја користат при собирањето на информациите. Ова вклучува опис на користените алатки, изворите на податоци и процедурите за анализа. Транспарентноста помага во градењето на доверба меѓу новинарите и публиката а исто така обезбедува одговорност во истражувачката работа. Обезбедете контекст за ограничувањата на OSINT, признавајќи дека собраните информации не мора секогаш да бидат сеопфатни или целосно точни.

Покрај наведеното, погрижете се да го обезбедите следново:

  1. Информирана согласност: Принципот на информирана согласност е клучен, а истражувачите/ките треба да бараат дозвола од поединци пред собирањето, користењето или споделувањето на личните информации. Во ситуации кога согласноста не е можна, податоците треба одговорно да се користат во согласност со законите.
  2. Точност и интегритет на податоците: Одржувањето на точноста на собраните податоци е клучно за етичките OSINT истражувања. Непроверените информации можат да шират лажни податоци, затоа е неопходно користење на повеќе извори на информации за потврда на податоците за да се обезбеди квалитет и веродостојност на истражувањето.
  3. Минимизирање на штетата: Истражувачите/ките треба да ја разгледаат потенцијалната штета што е предизвикана од нивните активности и да избегнуваат предизвикување на непотребна штета на поединци или заедници. Ова вклучува претпазливост во толкувањето и презентацијата на наодите, спречувајќи го ширењето на дезинформации.

Имено, пред новинарите/ките да ги објават информациите што се собрани со помош на OSINT алатките, важно е да се провери нивната точност и веродостојност. Недостатокот на верификација може да доведе до ширење на лажни вести и на непотребни сензации. Покрај тоа, внимателниот избор на информации е клучен, бидејќи некои веб-страници и платформи можат да понудат неверодостојни или пристрасни информации. Важно е да се проучат и да се разберат карактеристиките на изворите пред да ги вклучите во истражувачката работа. Критичкото размислување за веродостојноста на изворите е клучно за да се избегнат погрешните толкувања и манипулации со информациите.

Користењето на OSINT алатките во истражувачкото новинарство претставува моќно средство за собирање и анализа на информациите. Меѓутоа, новинарите/ките имаат обврска за одговорен пристап кон користењето и споделувањето на информациите до кои ќе дојдат во истражувањето. Разгледајте ги аспектите на корисност на информациите до кои сте дошле. Дали тие ќе и бидат корисни на јавноста или нивната цел е да го посрамотат лицето или лицата за кои сте нашле некои компромитирачки содржини? Одговорот на ова прашање нуди решение на дилемата дали ви е поважна етиката или сензацијата.

Етичкото користење на OSINT алатките е клучно за зачувување на интегритетот на новинарскиот повик и градењето на доверба меѓу новинарите и публиката. Транспарентноста, почитувањето на приватноста, валидацијата на информациите, веродостојноста на изворите, свесноста за техничките средства и придржувањето кон правните норми ги сочинуваат основните принципи кои треба да ги водат новинарите/ките во користењето на OSINT алатките во истражувачката работа. Само со почитување на овие принципи, новинарите/ките можат да го искористат потенцијалот на OSINT алатките на етички начин, со што ќе придонесат за вистината, транспарентноста и за демократските вредности на новинарството.

Оценете го квалитетот на статијата