EU DisinfoLab нуди голем број на ресурси и на алатки за борба против дезинформациите

22.11.2022. / 08:50

Дигиталната револуција во последните години, особено со експанзијата на социјалните мрежи, донесе и ширење на лажни информации и на дезинформации. Социјалните мрежи му овозможија на секого да креира информација и на едноставен начин да ја рашири преку каналите за комуникација на социјалните мрежи.

Поради широката распространетост на лажните информации, кои создаваат информациско нарушување, почнаа да се појавуваат и различни иницијативи кои се борат против оваа појава. Организациите кои својата работа ја засноваат токму на борбата против дезинформациите и ширењето на лажните информации креираат голем број на алатки и ресурси со кои медиумите можат полесно да препознаат што е дезинформација.

Во последните неколку години креирани се голем број на чекори кои можат да ви помогнат при откривањето на дезинформациите, а неодамна пишувавме и за апликацијата Disinformation Toolkit, апликација за проверка на фактите за балканското говорно подрачје.

Заедницата на факт-чекери, новинари/ки и активисти/ки, кои се занимаваат со проверка на фактите, сѐ повеќе расте, бидејќи потребата за борба против дезинформациите од ден на ден е сѐ поголема и поголема.

Во врска со ова, денес зборуваме за уште еден ресурс кој не се однесува директно на проверката на фактите на Балканот, туку во земјите на Европската Унија, но многу од ресурсите и алатките што се споменати, можат да им бидат корисни и на новинарите/ките и на активистите/ките од нашите простори при проверката на информациите и борбата против дезинформациите.

Истражувајте ги дезинформациите со EU DisinfoLab

EU DisinfoLab е независна непрофитна организација која е фокусирана на борбата против софистицираните кампањи за дезинформирање што се насочени кон ЕУ, кон нејзините земји членки, кон основните институции и кон основните вредности.

Оваа лабораторија се занимава со истражување, со споделување на знаење и со застапување.

Како што наведуваат тие на нивната страница:

Постојано ги следиме активностите за дезинформирање на главните платформи (на дигиталните и на традиционалните), ги идентификуваме трендовите и заканите, ги предупредуваме активистите/ките и истражувачите/ките за нив и го правиме нашиот збир на ресурси широко достапен за соработниците/чките.“

Преку оваа лабораторија ја развиваат и ја одржуваат независната европска платформа за дезинформации и на тој начин нудат голем број на алатки и на ресурси за поттикнување на соработката и борбата против дезинформациите. Тие преку нивната работа учествуваат во давањето на препораки на ниво на ЕУ и на земјите членки, врз основа на нивните анализи.

Иако во фокусот им се земјите членки на ЕУ, ресурсите, алатките и истражувањата кои работат на полето на борбата против дезинформациите можат да бидат корисни и пошироко, особено кога зборуваме за подрачјето на Западен Балкан.

Корисни алатки за анализа и за истражување на дезинформациите

Во одделот алатки, тие нудат голем број на алатки кои можат да ви бидат корисни при проверката на фактите и борбата против дезинформациите и со потенцијалната манипулација со објавите на интернет.

Меѓу алатките што можете да ги пронајдете на нивната страница се оние со кои можете да ги истражувате социјалните мрежи, како што се Facebook и Twitter, како и Google пребарувачот.

За следење на дезинформациите на Facebook тие ги препорачуваат CrowdTangle, Facebook Transparency Ads и Tracking.exposed.

За следење на Twitter можете да ги користите AccountAnalysis, Make Adverbs Great Again, Tweet Beaver,  Twitter Transparency Advertisement Database.

За понатамошно истражување и анализа на социјалните мрежи, можете да ги користите и Reddit Comment Visualizer и redditviz.info. 

Google Transparency database и Tracking.exposed можете да ги користите за следење на Google.

Во одделот за OSINT (Open-Source Intelligence Tools) се наведуваат следните алатки кои можат да ви бидат корисни при истражувањето: Лига против клевета: База на податоци за симболи на омраза, онлајн алатката за истражување на Bellingcat, Citizen Evidence lab, Foreign Interference Attribution Tracker, базата на податоци на RAND на веб алатки, Алатки за анализа на социјалните медиуми (SMAT).

За понатамошна проверка на фактите и атрибуција, можете да ги користите attribution.news, додатокот WeVerify-InVID,  Youtube DataViewer, водичот на УНЕСКО за изборите во дигитално време.

Покрај алатките, во одделот ресурси, можете да пронајдете информации за различните иницијативи и организации кои се борат против дезинформациите од различни перспективи и дисциплини.

Можете да пронајдете и сеопфатен водич низ политичките и правните иницијативи што ги преземаат земјите членки на ЕУ за да се фатат во костец со проблемот на дезинформациите.

Во одделот Научни извори ќе најдете обемна база на податоци која сигурно ќе ви биде корисна при анализирањето и борбата против дезинформациите.

Други извори поврзани со специфични теми

Покрај општите алатки и ресурси што се поврзани со борбата против дезинформациите, EU disinfo Lab креираше и голем број на други алатки. Креирањето на специфични центри е поврзано со актуелноста на светските теми, како што е  центарот за COVID-19 пандемијата, како и за актуелената тема за војната во Украина, каде што креираа посебен Ukraine War Resource Hub.

Тие собраа суштински информации и линкови до веродостојни истражувања, анализи и проверки на факти за да помогнат во борбата против дезинформациите што се поврзани со војната во Украина. Исто така можете да пронајдете совети и начини за борба против дезинформациите, како и одговори за сузбивање на дезинформациите.

Исто така, можете да прочитате повеќе за приказните, трендовите и стратегиите што се поврзани со војната во Украина во блог објавата на Maria Giovanna Sessa, виша истражувачка во EU DisinfoLab, како и во двонеделното Disinfo ажурирање. Овде можете да се претплатите на нивниот билтен.

Работата на EU DisinfoLab можете да ја следите и на Twitter, каде што можете да ги следите најактуелните теми и ресурси на кои тие работат.

Ocijenite kvalitet članka