Fact-checking 101: Како да си го олесните работењето?

10.06.2020. / 09:08

Сега кога сме свесни дека фактите не се секогаш вистинити какви што би требале да бидат, и дека најчесто треба да се проверуваат пред да ја втемелиме врз нив својата приказна и статија, стануваме и свесни дека тоа е процес којшто трае. Па како прашање се наметнува како да се биде актуелен и веродостоен во исто време. Актуелноста не е нужно и веродостојност, и обратно. Но во секој случај, секогаш тежнееме да ги постигнеме двете. 

Она што на секој/а новинар/ка може да му/ѝ помогне во таа задача се мали и едноставни совети и чекори кои ја олеснуваат захтевната и долготрајна постапка. Тие чекори нужно не значат дека вашиот текст од прва ќе биде побрзо напишан или објавен, туку дека постапката на негово настанување ќе се заснова врз точни и проверени факти, и ќе биде исправно контекстуално поставен. Со тек на време, како што факт-чекингот ќе ви влегува под кожа, и додека за секоја статија размислувате во тој контекст, ќе дојде и потребната брзина која носи актуелност.

Бидејќи во оваа работа, работата за проверка на факти е важно да се биде упорен и доследен. А фактите, засновани врз докази, се она што им го должите на вашите читатели и читателки како и на довербата која тие ви ја укажуваат. 

Затоа, како прво, мошне е важно од што поаѓате и врз што го темелите својот текст. 

Попросто кажано, цитатот треба да ви биде светост

Без оглед дали се работи за нешто што некој јавно го кажал, или пренесувате дел од некој документ/текст, важно е да го пренесете во изворна форма, како што истиот оригинално настанал. За цитатите е важно да не се прераскажуваат, ниту да се скратуваат таму каде што вашиот интерес престанува, туку да се пренесат од збор до збор.

Кога фактички проверувате само дел од некој изговорен цитат, неговиот остаток е важен пред сѐ бидејќи му дава потребен контекст. Спорадично вадење на делови од цитатот често доведува до конфузија, или ве носи во погрешна насока и до погрешни заклучоци.

Од друга страна ако се работи за делови од некој текст или документ, не заборавајте покрај изворниот дел за којшто пишувате, да го дадете и изворното толкување на текстот од којшто потекнува тој дел. И не грижете се, ако самиот автор не дал однапред толкување, истото можете да го побарате од авторот. Важно е да не талкате, или да не интерпретирате произволно.

Заклучок: Строго држете се до изреченото! 

Често ќе се случи да сакате да пишувате и да морате да ја проверувате точноста на официјална изјава на некој од носителите на јавни функции. Потрудете се изворот на таа изјава да биде видео, а не веќе објавен текст од некој друг медиум. Ако се работи за службена седница на некоја јавна институција, а видеото за нејзе не е достапно, обидете се да го пронајдете стенограмот од седницата. Или едноставно побарајте да ви го достават, на тоа секако имате право.

Последното прибежиште на изворот на информации нека биде веќе објавениот текст од друг медиум. Ако веќе го користите како извор за определен цитат, бидејќи друга опција не ви е на располагање, тоа нека биде текст од кредибилен медиум на кој му верувате и за кој знаете дека својата работа ја темели врз проверени факти. Во спротивно, лесно ќе се случи да проверувате погрешно пренесена или погрешно протолкувана изјава, односно цитат. 

Складирајте и архивирајте

Изворите на своите точни информации секогаш складирајте ги и архивирајте ги безбедно. Реконструкции и измени на веб страниците можат да доведат до трајна загуба на изворите на вашите информации. Користејќи ги алатките како што се archive.org или други интернет архиви за книги, документи, текстови и сѐ друго што постои на интернет, лесно и безбедно ќе го спасите својот извор на информации од трајно изумирање. Покрај тоа што вашиот текст треба и мора да содржи линкови кои водат до потребните докази, никогаш не знаете кога истите повторно ќе ви затребаат.

Не е лошо да се има, а сепак е едноставно да се направи, своја мала база на податоци и службени документи. Материјалите од седниците на владите и парламентите, записниците и стенограмите од истите, и други релевантни извештаи и документи од надлежните институции, можете едноставно да ги симнете од веб страниците и да ги снимите на безбедно место. Со малку планирање и добра организација, сите документи можете да ги сортирате и да ги направите пребарливи со користење на некои од достапните простори за онлајн складирање на документи, врзани за вашиот приватен е-маил налог (Google Drive, OneDrive и сл.).

И додека институциите од власта ширум регионот сѐ уште се борат со транспарентноста, бавно одделувајќи кој дел од нивната работа треба да биде јавен, во кој обем и во кој временски распон, со својата база на податоци го намалувате стравот дека ќе останете без истите ако се случи тие некогаш да ги избришат или отстранат. Континуирано следење на работата на институциите важни за вашата работа може брзо да стане рутина, па вашата база подеднакво брзо може да стане достапна. 

Утре, доколку некој друг чека службено да му се врачи некој извештај од 2019 година, вие можете да го имате во својата база, и врз основа на него да го напишете својот текст.

Да се обезбедат најважните државни документи и експерти/ки

Обидете се за себе и за својата база ретроактивно да ги обезбедите најважните државни документи, како што се на пр. буџетите и нивните извршувања. Замолете ги надлежните институции да ви ги проследат за последните 10 години, бидејќи тие се ретко достапни онлајн, а ќе ви требаат и повеќе отколку што мислите. Ако е можно, нека ви ги достават во отворен формат, кој ќе биде полесно пребарлив и користен. Избегнувајте скенирани документи, кои не можат да се пребаруваат, бидејќи патот до пронаоѓањето на потребната информација ќе трае многу подолго. Секако, некогаш нема да имате опција, но секогаш останува да инсистирате врз нејзе бидејќи имате право на тоа.

Обезбедете се и со база на експерти/ки, како и со контакти од други релевантни лица, кои брзо и едноставно можат да ви дадат релевантни факти, информации или документација. Поискусен/на колега/шка новинар/ка или факт-чекер/ка сигурно со задоволство ќе ви ги проследи своите контакти, додека во слободно време можете и самите да го истражите и да го подготвите сето она што може да ви затреба во текот на работата.

И точно, не можете однапред да го претпоставите сето она што ќе ви затреба. Но добар план е половина завршена работа. Замислете што би се случило ако истиот уште и го изреализирате.

Ocijenite kvalitet članka