Фотоновинарство и етичките предизвици за покривање на пандемијата

08.12.2020. / 12:34

Да се известува за која било екстремна ситуација ги става новинарите/ките пред уште еден тест на етичноста на новинарската професија. Живееме во време на преплавеност со онлајн портали чии принципи на новинарството неретко се засноваат врз тоа кој побрзо до веста толку подобро. Кликнувањата станале поважни од проверката на фактите и вистинитоста на она што го пренесуваат.

Савана Дод, основачката на Photography Ethics Centre, неодамна напишала статија за Thomson Foundation зборувајќи за етичките предизвици за покривање на пандемијата преку фотоновинарството. Текстот се потпира врз нејзините онлајн курсеви Новинарството сега: Етички алатки за фотографите/ките.

Таа во оваа статија наведува примери кои ги забележала во текот на оваа година, а кои  ја отсликуваат не(етичноста) на фотоновинарството, осврнувајќи се врз важноста на емпатијата, автономијата, личниот интегритет на лицата кои ги фотографирате, свесноста, автентичноста и точноста на она што го пренесувате.

„Како фотографи/ки, мораме да се држиме до одговорноста за да обезбедиме продолжување на грижата за поединците/ките на нашите фотографии и да не фотографираме само затоа што за тоа имаме дозвола, туку затоа што тоа е исправно.“ – наведува таа.

Еден од примерите кои таа ги наведува е објавен во април на онлајн порталот на данската телевизија TV2 чија цел била едукација на своите читатели за тоа што значи различен агол на фотографирање и колку фотографијата може да ја продлабочи нетрпеливоста и неразбирањето.

Статијата дава споредба на две фотографии од истото место снимени во исто време. На едната изгледа дека луѓето ги игнорираат мерките за физичка дистанца. Од друга страна, ги прикажува младите луѓе разместени според моменталните препораки од јавното здравство.

e

„Постојат многу потенцијални пречки за точноста; едната е естетика. Естетските избори кои ги носиме – како фокусна должина, перспектива и кадрирање – не се бенигни. Тие влијаат врз начинот на кој гледачот/ката ги чита сликите и ја разбира стварноста. Во гореопишаниот пример од данските вести, изборот помеѓу зумот и широкоаголните леќи не е само естетска преференција; го менува значењето на фотографијата.“ – наведува Савана Дод во оваа статија.

Оваа статија, како поука до читателите/ките  да бидат поскептични кон фотографиите кои ги гледаат, изгледа како да е поважна за фотографите/ките во контекст на одговорноста за кои фотографии тие се одлучуваат да им ги предадат на своите редакции, да станат повеќе свесни за својата репрезентативна моќ и да ја имаат предвид усогласеноста со етичките принципи на фотоновинарството.

Без оглед дали зборуваме за фотоновинарството во текот на пандемијата или надвор од нејзе, фотографите/ките треба да се држат до основните етички принципи на фотоновинарството. Фотографите без граници (Journalists without borders) на својата страница ги наведуваат стандардите на практиката и 8 основни принципи од етичкиот кодекс, а тоа се:

  1. Луѓето имаат гласови, ние ги засилуваме

  2. Труди се да бидеш добар/ра сојузник/чка

  3. Немој да нанесуваш штета

  4. Претставувај ги луѓето и заедниците точно

  5. Добијте директна согласност за фотографирање

  6. Задржете го интегритетот

  7. Не прифаќајте надомест

  8. Не правете селфија

Фотоновинарството, како и новинарството, без оглед што постојат разни насоки и принципи, сепак доста се сведува на лично чувство за она што е исправно. Во врска со тоа, Photography Ethics Centre го објаснува начинот на учење за етичноста на занимавањето со новинарството: „Кога зборуваме за фотографската етика, зборуваме за примена на концептите како што се одговорност, моќ и достоинство на начинот на кој фотографираме и ги споделуваме фотографиите. Секој ќе одговори на етичките прашања на свој начин, врз основа на сопственото животно искуство, личните уверувања и фотографската визија. Етиката е флуидна, контекстуална и субјективна. Поради тоа на фотографите/ките не им даваме список со етички насоки. Наместо тоа, ги учиме за етичка писменост. Етичката писменост подразбира вештини на донесување на здрави етички одлуки. Тие вештини вклучуваат работи како што се критичко мислење, свест за ситуацијата и културна чувствителност. Им помагаме на фотографите/ките да ги развијат вештините за критичко размислување за етиката во својата работа и јазикот за да ја дефинираат сопствената етичка практика.“

Ocijenite kvalitet članka