Good Tape: Онлајн алатка за транскрипција на аудио или видеозаписи

20.09.2023. / 08:17

Верувам дека секој/а новинар/ка многу добро знае колкава е важноста на брзата транскрипција на аудио или видео изјавите и интервјуата. Новинарите/ките понекогаш губат часови, па и денови, да ги препишат изјавите на соговорниците/чките. Рачното препишување е бавно и не е во согласност со брзината што новинарството и публиката ја бараат денес. 

Во врска со ова, алатките кои ќе го олеснат овој процес се од клучно значење. Сѐ почесто можеме да видиме дека се креираат нови алатки кои ги конвертираат аудио или видео разговорите во текст. Ваквите алатки со помош на вештачката интелигенција стануваат сѐ подобри и подобри. Меѓутоа, најчесто се соочуваме со тоа што овие алатки многу лошо ги преведуваат аудио разговорите во текст на јазиците од Западен Балкан. Овој проблем сѐ уште не е целосно решен, како што е тоа случај со англискиот јазик каде што транскрипцијата е совршена.

Сепак, се чувствуваат промени и алатките кои се нудат денес се сѐ попрецизни.

Денес ви презентираме една алатка која има потенцијал да им ја олесни транскрипцијата и на новинарите/ките од Западен Балкан.

Алатка Good Tape

Good Tape е автоматска алатка за транскрипција која е базирана на вештачка интелигенција и е дизајнирана за новинарите/ките и за други, за да креираат текстуални транскрипти од аудио или видеозаписи, без оглед на нивниот јазик или квалитет.

Таа нуди едноставен и ефикасен начин за конвертирање на интервјуа, разговори и друга говорна содржина во пишани формати со користење на технологија за препознавање на говор.

Платформата поддржува повеќе од 90 јазици, вклучувајќи босански/српски/хрватски, македонски и албански. Нејзината функција Autodetect автоматски го открива јазикот што се зборува во датотеката и во согласност со тоа го транскрибира.

Good Tape може да им заштеди време и напор на новинарите/ките и на другите професионалци/ки на кои им се потребни што е можно побрзо точни и веродостојни транскрипти. Платформата нуди безбедна услуга за транскрипција која ги шифрира сите податоци и датотеки, обезбедувајќи највисоки стандарди за приватност и безбедност. Податоците се заштитени со end-to-end енкрипција. Тие исто така целосно се усогласени со GDPR. Алатката Good Tape ја креираше Zetland, наградуван дигитален весник од Данска.

Вашите транскрибирани датотеки ги добивате во три фајлови: .txt фајл со и без временски кодови а исто и во .srt фајл за оние кои работат со титлови.

Бесплатни и платени планови

На корисниците/чките на располагање им се три планови за употреба на оваа алатка.

Бесплатниот Casual налог вклучува 3 прецизно транскрибирани снимки во рамките на еден месец во времетраење до 90 минути по снимка. Транскрипциите се достапни на повеќе од 90 јазици, а ги вклучуваат и јазиците од Западен Балкан. Во бесплатната верзија ќе чекате од неколку минути до неколу часа за транскрибирање.

Платениот пакет Professional чини 15 евра месечно, а можете да го тестирате за 9 евра. Овој пакет нуди неограничени должини на снимките, без време на чекање за транскрипција, неограничена архива за транскрипциите, уште поголема безбедност, усогласеност со GDPR, приоритетен пристап до нови функции, приоритетна поддршка и откажување на пакетот во кое било време.

Постои и Teams пакет, кој вклучува сѐ што е наведено во Professional пакетот плус повеќе корисници/чки (5+), зголемен капацитет за транскрипција, централизирана пресметка. Планот се приспособува врз основа на потребите на корисниците/чките.

Како да се користи алатката Good Tape

Good Tape нуди едноставен интерфејс каде што корисниците/чките можат да внесат датотеки и да ги конвертираат во пишан текст.

Пред да почнете со внесување на вашите снимки, ќе треба да креирате налог. За тоа нема да ви треба повеќе од една минута, а за креирање на налогот потребна ви е само адресата на електронската пошта.

Откако сте го креирале налогот, на екранот ќе ви се појави овој прозорец.

good tape transcription

Сè што треба да направите е да кликнете на плусот (+) каде што пишува Upload file, да ја додадете вашата снимка, да ја именувате и да изберете јазик.

Откако ќе ја додадете и ќе кликнете на Transcribe, ќе треба да почекате извесно време за снимката да се транскрибира. Доколку сакате, можете да ја означите иконата за да ви биде испратена е-маил порака кога транскрипцијата ќе биде готова, за да не чекате.

Кога снимката ќе се транскрибира, ќе ви се појави на страницата, а тогаш ќе можете да ја снимите како текст со и без временски кодови, но и како .srt file.

transkripcija good tape tool

Платениот пакет препознава и различни гооворници на снимката и ги раздвојува, што е одлична опција за транскрипција на интервјуа или дискусии.

Двете аудио снимки што ги ставивме за тестирање од БХС јазик имаа различни резултати. Првата, пократката и поедноставната беше совршено транскрибирана, додека втората која беше и многу подолга, беше полошо транскрибирана. Дали е поради должината на траење на видеозаписот или до бесплатната верзија, не пронајдовме одговор на нивната страница. Можно е дека бесплатната верзија не е доволна за транскрипција на покомплексни аудио снимки. Можеби вреди да се платат 9 долари за едномесечно тестирање на алатката.

Доколку ја тестирате алатката, пишете ни и презентирајте ни го вашето искуство.

Оценете го квалитетот на статијата