Граѓанско новинарство: Како медиумите можат да ги земат највредните информации и да останат професионални

22.01.2021. / 09:51

Граѓанското (непрофесионално) новинарство постои со векови, но голема примена и ширење добило со појавата на социјалните мрежи и мобилните уреди.

Една од наједноставните дефиниции на граѓанското новинарство ја дал Тони Роџерс кој вели дека граѓанското новинарство е кога „приватните лица, кои се обично потрошувачи на новинарството, произведуваат сопствени вести.“

Овие вести се креираат како подкаст, извештаи, блог, како текст, слики, аудио, видео и обично се од дигитална природа.

Граѓанското новинарство носи многу имиња, вклучувајќи ги „партиципативно новинарство“, „известување со отворени извори“, „герилско новинарство“, „основно новинарство“ и „улично новинарство“. Методите на делување на граѓаните/ките новинари/ки се разновидни како и  имињата на овој вид новинарство.

Досега сме виделе сé од директните преноси (live), преку известувања на Twitter, па до Facebook статуси и пишување на блогови.

Предности и маани на граѓанското новинарство

Основната разлика помеѓу новинарите/ките и граѓаните-новинари/ки е во образованието и вештините.

Оние кои во минатото ја консумирале, а не ја создавале содржината, сега се на местата на настаните пред самите медиуми.

За разлика од професионалните новинари/ки, граѓаните/ките новинари/ки можеби не спровеле истражување и проверка на изворите, што може да ги направи помалку сигурни.

Стапицата наречена да се биде „прв кој ја објавил информацијата“ може да предизвика споделување на дезинформации и лажни вести. Затоа граѓаните/ките се сметаат за случајни репортери/ки: тие споделуваат снимки, а не го даваат контекстот.

Во медиумите веќе имавме прилика да ја видиме и добрата и лошата страна на ваквото известување. Граѓаните/ките кои живеат и работат во заедници споделуваат информации водени од своите чувства и од субјективното доживување на ситуациите.

Медиумите кои не се дел од таа заедница понекогаш лесно ги преземаат информациите без претходна проверка и анализа на информацијата која се наоѓа во објавата.

 

lkj

„Предноста на граѓанските новинари е што тие се секаде.“, кажал Марк Глејсер основачот на MediaShift, веб страницата која ги следи вестите во дигиталното доба. „Да речеме дека дошло до експлозија и дека луѓето сакаат да знаат што се случило. Телевизиски тим или новински репортер ќе мораат да дојдат таму, додека на местото на настанот веројатно постојат луѓе кои имаат алатки во својот џеб.“

Кои се мааните на граѓанското новинарство? На ова прашање Глејсер одговара:

„Мислам дека секогаш ќе има прашања околу веродостојноста кога го добивате материјалот од граѓаните/ките новинари/ки. Случаен поминувач со мобилен телефон можеби нема да знае што да забележи или кои прашања да ги постави онака како што тоа би го правел обучениот новинар.“ Она што обично најдобро делува кога станува збор за материјал на граѓаните/ките новинари/ки е кога ќе го добие професионална новинска организација која може да го провери и да му даде контекст."

На што да се сврти вниманието во соработката со граѓаните/ките новинари/ки

Според мислењето на многумина медиумски консултанти, кога информациите кои ги создаваат граѓаните/ките новинари/ки би се оставиле неискористени, тоа би била лудост. Огромна вредност и за медиумите и за публиката носат информациите на луѓето кои на местото на настанот дошле пред медиумите, кои имаат пристап до некои заедници и структури, а медиумите немаат.

Како тогаш „да се ракува“ со вакви материјали?

Контекстуализација на информациите

Граѓанското новинарство носи фрагментирани приказни, автентични елементи од приказната кои немаат контекст. Професионалните редакции знаат дека нивната вредност лежи во контекстуализацијата на информациите, а не во објавувањето на сирови материјали. Токму тоа е можност за остварување на соработка на професионалните новинари и (аматерите) граѓаните/ките новинари/ки.

Извор и проверка на информациите

Да се преземе информација без проверка не е само несериозно, туку е и рискантно. Улогата на уредникот никогаш не била поважна, а тоа го гледаме во кризните ситуации (војни, терористички напади, трагедии, природни катастрофи). На уредникот/чката е одлуката за тоа кога, како и која информација да се земе од граѓанинот/ката новинар/ка, да се извлече од локалниот контекст и преку својот медиум да се пласира пред милиони луѓе.

Новинарска етика

Кршењето на новинарската етика во граѓанското новинарство често е последица на недостаток на образование. Приоритет при известувањето е да се пренесе информацијата, што често подразбира откривање на идентитетот на лицата, непримерено фотографирање и снимање, а сé со цел за колку што е можно поавтентично пренесување на настанот. Задачата на професионалните новинари/ки и уредниците/чките е да ги заштитат професијата, медиумот и себеси, а информациите и понатаму да бидат веродостојни.

Граѓанското новинарство е само уште едно средство за пронаоѓање на нови агли и извори на информации или е извор самото по себе. Тоа има значително влијание врз професионалното новинарство, но не треба да се занемарат ограничувањата. Од една страна, граѓанското новинарство може да тежнее кон сензационализам, а од друга страна често не е објективно.

Изгледа дека иднината на професионалното новинарство е соработка на професионалните и граѓаните/ките новинари/ки во која ќе се работи заеднички врз изградба на довербата, транспарентноста и познавањето на заедниците и луѓето во нив.

Ocijenite kvalitet članka