Како да направите веб портал: Од самиот почеток планирајте ги овие елементи

23.02.2024. / 08:27
Автор/ка
Share
Izrada web stranice
Izrada web stranice

Проценивте дека на пазарот има место за еден портал и сакате да го дадете вашиот придонес за општеството со лансирање на медиум?

Овој текст е упатство за тоа како да направите веб портал и што треба да планирате од самиот почеток.

Што е важно да се планира доколку сакаме да направиме веб портал

Овие елементи ја прават основата на веб порталот.

Иако изгледа дека тие не се приоритети при лансирањето на медиумот, токму овие елементи создаваат сериозни деловни проблеми подоцна. А колку е поголем медиумот, толку е решавањето на овие елементи потешко и се спроведува побавно.

Доколку овие елементи не се добро имплементирани, тие стануваат голема пречка за брзината, финансирањето и функционалноста на страницата.

Што сѐ е важно за да започнете со одлични почетни поставки?

  1. Структура на веб-страницата
  2. тагови (ознаки)
  3. SEO оптимизација на сликите
  4. Импресум
  5. финансирање на медиумот
  6. аналитика
  7. политика на приватност  

Структура на веб-страницата

Структурата на веб-страницата е слична на планот за содржините што ќе ги објавувате. Таа е тесно поврзана со уредувачката политика.  

Кога одлучувате кои теми ќе ги покривате, тогаш ја создавате основата за структурата на веб-страницата.

Структурата е важна бидејќи таа е основа за SEO оптимизацијата. Колку подобро ќе ја направите структурата на почетокот толку поевтини ќе бидат корекциите подоцна кога ќе станете голем портал кој објавува десетици статии дневно.

Структурата на веб-страницата
Фото: Структурата на веб-страницата Scalable infrastructure for complex news websites | Hygraph

Премногу голем број на категории (рубрики) кои не ви се потребни го намалуваат SEO авторитетот на комплетниот веб портал. Како последица на тоа е вашето поретко појавување на Google, а притоа вашата конкуренција доаѓа до предност.

Ја објаснивме оваа ситуација со конкретен пример во текстот Зошто рубриките во медиумот се клучен елемент на медиумскиот бизнис?

Ако на веб порталот постои категорија со само неколку статии, од перспектива на SEO оптимизацијата ќе имате поголема корист доколку ја избришете оваа категорија, а содржините да ги преместите во друга категорија. Подобро е да имате помал број на категории (рубрики) со повеќе содржини. Друг проблем на категоријата со малку содржини е датумот на освежување. Содржината што не се освежува редовно кажува дека таа тема не му е приоритет на медиумот.

Отстранувањето на категорија со содржини од структурата на веб-страницата не значи дека медиумот нема да објавува ништо за таа тема. Само ќе значи дека таа тема нема да има нејзина посебна фиока за сместување, туку ќе биде сместена со други слични теми.

Тагови (ознаки)

Многумина ќе мислат дека ознаките не можат да бидат важен елемент на планирањето заедно со уредувачката политика и финансирањето на медиумот. Јас мислам дека можат.

Правејќи SEO анализи за медиумите, честопати гледам дека на големите медиуми токму ознаките им прават проблем. Тие имаат голем  потенцијал, но тој потенцијал не се користи правилно.

Најчесто, ознаките се користат како клучни зборови кои ѝ се додаваат на статијата при објавувањето. Секое објавување значи дека новинарот/ката ќе креира нова ознака што ќе биде соодветна за темата. Се разбира, никој не може да ги запомни ознаките што веќе ги имаме на веб порталот, па затоа најчесто се акумулира слична содржина.

Пример за ова е новинар, новинарка, новинари, новинарки, а доволна е само една од овие ознаки.

Правилникот за креирање и користење на ознаките на веб порталот е одличен начин за да се направи ред и план.

Практиката на правилна употреба на ознаките влијае на SEO и на позиционирањето на Google, позициите на Google влијаат на сообраќајот на веб-страницата. Зголемувањето на сообраќајот може да влијае на зголемувањето на заработката.

Ова е причината поради која веднаш на почетокот го планираме тагирањето (означувањето) на веб порталот.

SEO оптимизација на сликите

Голем процент од медиумските содржини се слики. Ако сликите ги оставиме без SEO оптимизација тоа значи дека голем дел од веб порталот нема SEO.

Дури и кога текстовите се оптимизираат, сликите се занемаруваат.  

На почетокот е доволно да ја приспособите димензијата на сликата, правилно да ја именувате и во описот да напишете која информација се наоѓа на таа слика.

Импресум

Голем број на медиуми ја немаат истакнато сопственичката структура. Најчесто на веб порталот нема име и контакт на лицето на кое можете да му се обратите за било што, дури ниту да испратите соопштение за медиумите. Тие комуницираат преку генеричка форма за контакт која му ја испорачува пораката на администраторот на веб-страницата, но вие како читател/ка немате впечаток дека се работи за вистинска личност.

Што треба (според законот) да содржи и како изгледа добар импресум можете да видите во статијата Импресум: Алатка за транспарентност или скриено богатство на медиумите.

Покрај тоа што импресумот е показател за медиумската транспарентност, тој е и законска обврска барем во некои од земјите од Западен Балкан.

Финансирање на медиумот

Планирањето на одржливоста и изворите на финансирање на медиумот се прави во согласност со изреката никогаш сите јајца во иста кошница.

Продажбата на рекламниот простор одамна не е најважниот извор на финансирање за медиумите. Блокаторите на реклами, слепилото за банери, евтините реклами им го отежнуваат на медиумите финансирањето преку реклами.

Претплати на содржината и платежен ѕид се насоката во која одат многу медиуми бидејќи производството на квалитетна содржина е скапо. Доколку немате големо искуство во медиумскиот бизнис, оваа форма на финансирање не мора да се воведува од самиот почеток.

Спонзорираните содржини можат да бидат одличен извор на финансирање кои за медиумот ќе работи на долги патеки, но само ако знаете да планирате. Целта е да се пронајде тема за која постои интерес, да се испланира текстот и сето она што ќе се каже во текстот, а потоа да се пронајде спонзор за тој текст. На овој начин ќе добиете добар текст што ќе се бара на Google, а спонзорот ќе добие одлична можност.

Донациите се сè почеста форма на медиумско финансирање, особено во заедниците кои сакаат да имаат објективен медиум што сакаат да го читаат. Донациите за медиумите од заинтересираната заедница, дијаспората и читателите/ките кои само сакаат да дадат поддршка, станаа многу честа форма на финансирање. 

Како да се направи идеален микс на формите на финансирање и да се заработи, најмногу ќе зависи од пазарот и од публиката на која ѝ се обраќате. Единственото нешто што можеме да го генерализираме е дека една стратегија не им одговара на сите.

Аналитика

Аналитиката е аргументот што ќе ги привлече или ќе ги одбие огласувачите. Аналитиката покажува колку е ефикасно сето тоа што го правите. 

Аналитиката што е подесена од самиот почеток е предуслов за да се разговара за продажбата.

Политика на приватност

Ако имате аналитика, тоа значи дека имате и некои податоци за посетителите на веб порталот.

Поради тоа, морате во политиката на приватност да појасните какви податоци имате, како ги користите, каде ги чувате и што правите со овие податоци.

Немојте да мислите дека законите за заштита на личните податоци не важат за вас и дека сте на самиот почеток, па вие не собирате никакви податоци. Дури и ако веб порталот е само хоби и не заработува, ова е ставка што сте должни да ја почитувате.

 

Ако размислувате како да направите веб портал, овие седум елементи не се најважното упатство. Од искуството на терен гледам дека токму овие седум елементи е најтешко да се поправат и да се воведе нов пристап во работата во редакцијата подоцна, кога порталот веќе има авторитет.

Ако можеме уште на почетокот да ги дефинираме правилата и инструкциите како да се работи правилно, зошто да не го искористиме тоа. Резултатите сигурно ќе ги видите и тоа токму оние кои влијаат на посетеноста на порталот.

Оценете го квалитетот на статијата