Како да се пишуваат инклузивни и дигитално достапни описи на фотографиите

17.11.2023. / 08:44
Автор/ка
Ilustracija za tekst o inkluzivnosti i  digitalnoj pristupacnosti fotografija. Zute boje su telefon, olovke, spajalice a na sredini je bijeli papir na kojem pise digital accessiblity inclusivity.
Ilustracija za tekst o inkluzivnosti i  digitalnoj pristupacnosti fotografija. Zute boje su telefon, olovke, spajalice a na sredini je bijeli papir na kojem pise digital accessiblity inclusivity.

Како да се оцени медиумот кој секогаш на неговата публика ѝ дава само половина од информациите?

Ова прашање најверојатно си го поставува себеси секое лице со попреченост кое сака да биде информирано. Софтверите за читање на содржината од екранот на многу портали немаат многу работи за читање од визуелниот дел на информацијата.

Дигиталната пристапност не е името и презимето на лицето на фотографијата што е напишано во описот на фотографијата. Зошто? Затоа што не ѝ дава никаков контекст на информацијата, а контекстот најверојатно постои.

Како да се пишуваат добри описи на фотографиите

Alex Chen UX дизајнер и писател со фокус на употребливоста и на пристапноста напишал водич за пишување на добри описи на фотографиите. Според неговите зборови, водичот е напишан со помош на советите од Bex Leon и Robin Fanning и со помош на онлајн анкетата на слепи и на слабовидни лица.

Водичот се темели на принципот:

Објектдејство контекст

  1. Објектот е главниот фокус.
  2. Дејството опишува што се случува, обично она што го прави објектот.
  3. Контекстот го опишува окружувањето.

Овој пристап се препорачува бидејќи го одржува описот објективен, концизен и описен.

Тој мора да биде објективен за лицата што го користат да можат да создадат сопствено мислење за тоа што значи сликата. Треба да биде концизен за на луѓето да не им треба многу долго време за да ја апсорбираат целата содржина, особено ако има повеќе слики. И треба да биде доволно дескриптивен за да ги опише сите важни аспекти на сликата и информациите што ги пренесува сликата.

Chan во неговата статија нагласи дека Она што се смета за "важно" понекогаш може да биде субјективно. Во моето истражување, некои луѓе повеќе сакаа многу кратки описи, додека пак другите претпочитаа што е можно повеќе визуелни детали. Мојот најдобар совет во оваа област е да бидете толку описни колку што ѝ е потребно на вашата публика.

Вие најдобро ја познавате вашата публика и вашата содржина. Ако вашата работа е исклучително визуелна и вашата публика е заинтересирана, додадете повеќе детали. Ако вам и на вашата публика ви е поважна невизуелната содржина, тогаш нека биде кратка.”

Дискриминирачки и објективни описи на фотографиите, каде е разликата?

Опишете го она што можете да го видите, а тоа се физичките услови и дејствата, а не она што се заснова на толкувања или на претпоставки.

Поради страв од грешка, тежнееме да ги избегнуваме дискусиите за етничката припадност, расата, полот, попреченоста и возраста за да не се случи да направиме погрешна проценка и да употребиме погрешен јазик.

Без разлика дали вие сакате или не, овие карактеристики можете веднаш да ги видите кога ќе ја погледнете фотографијата.

Ова се информации што треба да ги добијат и лицата со попреченост за да можат сами да ја толкуваат информацијата.

На порталот Accessible Publishing стои препораката: “За да бидеме објективни, предлагаме користење на следната терминологија за опишување на тенот на кожата:

  • Светла кожа
  • Средно светла боја на кожата
  • Средна боја на кожата
  • Средно темна боја на кожата
  • Темна боја на кожата

Ова е истиот систем што се користи за означување на емотиконите со различен тен на кожата. Исто така, можете да ги користите термините како што се црно, бело, азиско, блискоисточно итн., но само ако тоа може да се дефинира во околниот текст.”

Пример за објективен опис е наведен на порталот Accessible Publishing.

slika assesibility
Фото: Accessible Publishing

Пример на описот што го препорачува порталот Accessible Publishing: Млад човек со светла кожа во црна мотоциклистичка јакна до половината стои на скалите, надвор, свртен кон оградата. Рацете му се во џебовите, а погледот му е малку на страна.

Во овој опис јасно се наведува бојата на кожата на младиот човек на фотографијата без страв дека некој тоа ќе го окарактеризира како етикетирање во медиумите или дискриминација. Со оглед на тоа што на фотографијата има малку контекст (младиот човек е во крупен план), податокот за неговата боја на кожата може да биде важен и со тоа потребен дел од информацијата.

Сè додека описот е дел од информацијата, а не е само опис на фотографијата, деталите се важни.

Во многу ситуации, спомнувањето на расата или полот можеби воопшто не е релевантно. Вообичаено е да се означат луѓето како "жени" или "мажи", но постои ризик тие погрешно да се класифицираат. Подобро е да се каже "лице" или "луѓе", а потоа да се зборува за физичките карактеристики наместо да му се одредува полот на секое лице на фотографиите (на пр. кажете "лицето со долга коса" наместо "жена" или "лицето што претставува жена").

Постои деликатна рамнотежа што треба да се воспостави помеѓу инклузивниот јазик и деталниот опис.

Избегнувајте опишување на возраста со одредување на број или деценија бидејќи некој може да изгледа младо, а да е на зрела возраст. Наместо тоа, подобро е да се користат термините како што се бебе, мало дете, тинејџер, возрасно лице, средовечен итн.

Цензура во опишувањето на фотографиите

Проблем со кој се соочуваат лицата со попреченост за користење на печатени материјали е цензурата или разводнувањето на содржината.

Фотографијата што содржи вознемирувачки или контроверзен материјал најчесто не е објективно и целосно опишана. Лицата со попреченост во описот очекуваат еднаков пристап до содржината и треба да им даде можност да одлучуваат и да дадат оцена врз основа на истите информации како и лицата што јасно ја гледаат фотографијата.

Примерот што го наведува порталот Accessible Publishing е фотографија од експонат во музеј.

Assesibility
Фото: Accessible Publishing

Пример на натписот на фотографијата што е видлив на веб-страницата:

Забавите на брадестите сатири. Детал од антички црвенофигурален псиктер (ладилник за вино), кој е потпишан од Douris како сликар. Датиран околу 500-490 година п.н.е. Во моментов се наоѓа во Британскиот музеј.

Пример за alt опис на фотографијата:

Четири голи сатири пијат и се веселат. Еден од нив се потпира на рацете, балансирајќи го кантаросот на неговиот исправен фалус. Вториот налева вино во кантаросот, третиот стои зад него, држејќи го кантаросот над главата. Од десната страна, четвртиот сатир танцува околу кантаросот, кој е поставен на земјата.

Без оглед на тоа колку ни изгледа дека експлицитните описи на фотографијата се претерани, за оваа фотографија тоа е неопходно бидејќи се работи за исклучително вредно уметничко дело кое е одраз на културата на тоа време. И токму оваа експлицитност е дел од уметничкото дело и дел од информацијата.

Зошто ни се корисни описите на сликите?

Дигитално достапните слики допираат до повеќе луѓе!

Во отсуство на истражување за Балканот, ќе користиме податоци за Канада, каде што 1 од 5 луѓе има попреченост за користење на печатени материјали и тоа е значителен дел од населението (според порталот Accessible Publishing).

Исклучително е важно да се нагласи дека во оваа бројка не е вклучено ниту постарото население, а на многумина од нив видот им се влошува. Без дигитално достапни слики, многумина од овие луѓе немаат целосен пристап до информациите. За нив тоа е предизвик, за медиумите може да биде штетно.

Оценете го квалитетот на статијата