Како да се врати довербата во медиумите и да се зголеми читаноста (гледаноста) на вестите

30.10.2020. / 08:25
Share
Како да се врати довербата во медиумите и да се зголеми читаноста (гледаноста) на вестите
Како да се врати довербата во медиумите и да се зголеми читаноста (гледаноста) на вестите
Како да се врати довербата во медиумите и да се зголеми читаноста (гледаноста) на вестите

Довербата во медиумите е сé помала и послаба. Социјалните мрежи го преземаат приматот во ширењето на вестите. Медиумите повеќе не се првиот избор во консумирањето на медиумските содржини.

Што да се направи за да им ги вратиме вестите и довербата на медиумите?

Можеби решението е во промена на перцепцијата за тоа кој е публика и што е вест. Вклучувањето на публиката во новинарството го менува она што всушност се вестите. Тоа повеќе не е производ кој го создале новинарите и ѝ го испорачале на публиката. 

Веста стана отворен, јавен разговор.

Што е ангажирано новинарство

Не постои општо прифатена дефиниција за ангажирано новинарство, но во анкетата што ја спровела мрежата The Impact Architect откриле дека постојат неколку заеднички категории кои ангажираната новинарска практика ги вклучува:

  • Слушање на публиката
  • Соработка со публиката
  • Поврзување со заедниците
  • Публиката комуницира со содржината и преку нејзе

Ангажираното новинарство вклучува практика во која приоритет се потребите и желбите за информации на сите членови на заедницата. На овој начин се создава простор за соработка на публиката и новинарите, како и за изградба на довербата помеѓу новинарите и јавноста.

Тука е многу важно да се направи разлика помеѓу ангажирањето на новинарите околу интересот на публиката и додворувањето на публиката со креирање и објавување на сензационалистичка и лоша содржина. Како во практиката да се примени моделот на ангажирано новинарство?

Како ангажираното новинарство се применува во практиката

Данската регионална телевизија TV 2 / Fyn од Фунен, половина година пред доаѓањето на вирусот КОВИД-19, покренала интерна програма за анализирање на својата уредничка мисија. Ангажираното новинарство било клучен дел од новата стратегија во која слушањето на публиката имало клучна улога. TV 2 / Fyn ги повикала своите корисници на редакцијата да ѝ поставуваат прашања.

Прашањата кои ги поставила публиката станале појдовна точка за истражувањето, за аголот на вести и на крај за она што е објавено. Потребите на публиката беа средиште на новинарската продукција. Приказните кои ги покренале корисниците, го дефинирале начинот на кој ТВ станицата ја покрива кризата со КОВИД-19.

Неколку часа по покренувањето на стратегијата во која публиката се става на прво место, се покажало дека ангажираното новинарство е токму она што публиката го чекала: непрестајно се истураа нови прашања, а тим од десет новинари на TV 2 / Fyn давале одговори со рекордно темпо.

oo
Фото: prt scr https://www.tv2fyn.dk/fyn/corona-udbrud-det-vil-fynboerne-vide-0 (НАПОМЕНА: за потребите на текстот на веб страницата е користен автоматски превод на пребарувачот)

Според мерењата на регионалната данска телевизија TV 2 / Fyn по осум дена соработка со публиката резултатите се:

  • Повеќе од 150 оригинални, кориснички генерирани (user-generated) вести кои треба да се истражат
  • Повеќе од 20 објавени статии кои се резултат на љубопитна публика
  • 5 статии во првите 50 најчитани статии на веб страницата
  • Изградба на односот со публиката
  • Зголемен сообраќај благодарејќи им на насловите. Една статија привлекла 65% од сесиите преку пребарувањата на Google и создала 4x повеќе прегледи од просекот во рок од еден ден.
  • Создадена интересна, конструктивна содржина сосредоточена врз релевантноста
  • Кризата е покриена на разновиден и нијансиран начин.

По три недели следење, биле мерливи уште повеќе резултати:

  • Речиси 400 прашања од публиката.
  • Повеќе од 50 статии и ТВ приказни кои ги покренала публиката.
  • Таа создала секција „Чести прашања“ со одговори на новинарите, економистите и здравствените експерти кои одговарале на десетици различни прашања.
  • Просечното време на читање на статии кои се креирани благодарејќи ѝ на публиката е зголемено за + 32% во однос на вкупниот просек во истиот период, и за + 109% во однос на нормалното време на читање на статии на веб страницата.

Кристина Лунд Јоргенсен, раководителка на проектот и конструктивна уредничка на TV 2 / Fyn  го коментирала користењето на ангажираното новинарство во редакцијата „Во минатото бев дел од проектот за изградба на односите со публиката. И немав чувство дека толку ефикасно се поврзува со луѓето како сега. Топлината и благодарниците кои ги добиваме од публиката се неверојатни!“

Зошто медиумите одамна не го прифатиле ангажираното новинарство

Ако ангажираното новинарство толку ветува, зошто секоја новинарска организација не ја вклучи ваквата практика во својата работа? Зошто сите медиуми веќе одамна не го прифатиле ангажираното новинарство и не ја смениле медиумската слика не само на Балканот туку и на целиот свет?!

Накусо, ангажираното новинарство е предизвик:

  • Потребно е време за изградба на односот, особено ако моментално не постојат или постојат лоши односи или ако организацијата не е сигурна како најдобро да ги искористи своите ресурси
  • Новинарската индустрија сé уште нема стандардни начини за разбирање на ефектот или влијанието на ангажираното новинарство
  • Новинарските организации  често го доживуваат „ангажманот“ како ново и/или ризично вложување.

Од претходниот пример можевме да видиме дека во креирањето на содржината врзана за една тема (во овој случај пандемијата со КОВИД-19) работат 20 луѓе. Само 10 од нив се ангажирани во соработката и комуницирањето со публиката за прибирање на прашања кои се поврзани со пандемијата и со состојбата во Данска.

Добрата вест е дека донаторите можат да помогнат во решавањето на овие предизвици и да ја поддржат ангажираната новинарска практика.

Етика на ангажираното новинарство

Етиката на ангажираното новинарство ја креирал и документирал Мајкл Р. Фенчер, новинар со 40 години искуство во редакција, денес сосредоточен врз едукација за новинарска етика и демократија.

Според неговите зборови, реченицата која најдобро го опишува ангажираното новинарство е „ние сме градители на мостови.“

Основни етички поставки на ангажираното новинарство се:

  • Целта на ангажираното новинарство е да се направи новинарството поотворено, подостапно, посоработничко и попартиципативно, задржувајќи ги притоа највисоките стандарди на чесност, точност, правичност, јаснотија и непристрасност.
  • Вистината и довербата се врските на ангажираното новинарство. Ангажираните новинари довербата на јавноста не ја гледаат како апстракција, туку како однос со трајна желба за поврзување.
  • Ангажираните новинари препознаваат дека новинарството не е само поради луѓето, туку во договор со луѓето. Ангажираните новинари не ја гледаат јавноста како публика туку како заедница, а луѓето како граѓани, а не како купувачи. Луѓето ги гледаат новинарите како дел од таа заедница, а не одделно од нејзе или непријателски расположени кон нејзе.
  • Ангажираните новинари ги надминуваат институционалните перспективи и извори, посебно внимание им посветуваат на проживеаните искуства на луѓето од приказната. Луѓето на кои им служат редакциите се почитуваат во процесот на одлучување за тоа што е вредно како вест.
  • Ангажираните новинари го сфаќаат слушањето како супер моќ. Тие слушаат со емпатија и почит и сакаат да ја слушнат целата приказна. Слушаат за да научат, а не само за да раскажат. Слушањето е основа за поттикнување на довербата помеѓу заедниците и новинарите, како и внатре во заедниците.
  • Ангажираното новинарство гради капацитети со експериментирање со мрежи, преку соработка, со заедничка инфраструктура и технологија. Не настојува да го „спаси“ новинарството, туку настојува да го зголеми новинарството, колку што е можно повеќе луѓе да учествуваат на различни платформи и нетрадиционални окружувања.

Ocijenite kvalitet članka