

„За мене, локалните луѓе секогаш биле оние кои знаат како е да се живее во мојата заедница. Секогаш постоела врска помеѓу лицето кое е зад екранот и видот на известување. Јас не го барам медиумот за да дознаам што се случува во светот, го барам медиумот за да дознаам што се случува една улица подалеку од мене.“, вака за локалните медиуми и нивното известување појаснила Кристин Портела, директорката на вести во Univision.
Со години наназад истражувањата покажуваат дека во целиот свет постои тренд на паѓање на довербата во националните медиуми, додека истовремено довербата во локалните медиуми расте.
Покрај добрите можности кои ги носи зголемената доверба на публиката, постојат и неколку парадокси. Колку што се условите за работа полоши, потребата за локалните медиуми е поголема. Колку што се околностите потешки, толку се подобри деловните резултати.
Колку што се подобри деловните резултати, толку е потежок опстанокот на медиумите.
Покривање на одделни вести
Не се само темите за кои се известува во локалните медиуми различни. Јасно е дека некои теми се премногу локални и дека за нив во поголемите медиумски куќи не постои интерес. Да се подготвуваат вести кои ги интересираат мал број луѓе не им е исплатливо на националните медиуми.
Затоа тука локалните медиуми се непобедливи.
Истражувањата покажале дека публиката има повеќе доверба во локалните медиуми кога и националните и локалните медиуми известуваат за исти теми. Во текстот Разликите помеѓу националните и локалните медиуми во известувањето за вирусот Зика авторите откриле дека постојат клучни разлики, но и сличности.
Споредувајќи ги извештаите за избувнувањето на вирусот Зика во 2016 година во New York Times, престижниот национален весник, и во Tampa Bay Times, угледниот Флоридски весник, утврдено е дека разгледувањата и коментарите на публиката довеле до поквалитетно известување во локалните медиуми.
Некои карактеристики на известувањето, како што се сензационалистички јазик и непрецизни информации за ризикот, не можеле да се разликуваат во двата вида медиуми.
Тоа ги покажува предизвиците со кои новинарите во двата вида медиуми се среќаваат.
Како локалните медиуми го постигнуваат она што националните не можат
Наспроти тоа што националните медиуми (воглавно) финансиски работат подобро, постојат елементи во кои локалните медиуми со сите проблеми, работат на подобар начин. Токму тие елементи претставуваат причини за зголемена доверба во известувањето на локалните медиуми.
Комуникација со читателите
Иако вработеноста во редакциите е мала и често недоволна за сите потреби на медиумите, можностите за интеракција со публиката се поголеми од кога и да било благодарејќи им на социјалните мрежи и на функционирањето на малата средина во која луѓето се познаваат.
Новинарите имаат можност за блиска и лична комуникација со читателите.
Ваквата, непосредна комуникација е исклучително важна бидејќи локалните новинари често се единствените новинари со кои луѓето се среќаваат кога и да било. Резултатите на средбите во секојдневните животни ситуации на вообичаени места, се довербата во медиумите.
Приближување на процесот на работа
Да им се објасни на луѓето како новинарството функционира значи процесот на создавање на вести да се направи транспарентен.
Публиката не разбира како настануваат вести ниту ја разбира терминологијата која ја користат новинарите. Џој Меjер, директорката на проектот Trusting News, кажала дека кога новинарите/ките зборуваат за „анонимни извори“, многу луѓе претпоставуваат дека ниту новинарот/ката не знае кој е изворот.
Ваквите проблеми не е тешко да се решат, а тоа би можело да создаде повеќе доверба во новинарската практика.
Дајте им го на читателите она што го сакаат
Без овој вид транспарентност, како што е признаено во неодамнешниот извештај на Фондацијата Knight, довербата во локалните медиуми „е ранлива на ист начин како и довербата во националните медиуми.“
Начинот да се направи обид за да се елиминира тоа е да ѝ се отстапи на публиката определен дел од надзорот.
Во статијата што ја објавил Niemanlab, советничката на редакцијата Џенифер Брендел и уредничката Моника Гузман тврдат: „Во иднина она што го покриваме во медиумите директно ќе ги обликува нашите заедници. Дел од нашата рутина ќе биде директно прашање до јавноста: „што не знаете за ______, а што би сакале ние да истражиме?“ Потоа ќе дознаеме дека публиката не бара видео записи од домашни миленици. Ќе ги препознаеме како проникливи, љубопитни луѓе чии прашања резултираат со изворни, паметни, врвни приказни, кои на крај даваат најнови вести и освојуваат престижни награди.“
Наведувањето на публиката на поставување на прашања и ослушнување на нивните потреби може да резултира со приказни кои новинарите инаку не би можеле да ги произведат.
Намалувањето на локалните вести за демократиите е она што се климатските промени за животната средина
Тим Френклин, предавачот по предметот Локални вести на Универзитетот Medill Initiative Northwestern тврди дека „намалувањето на локалните вести за демократиите е она што се климатските промени за животната средина. Тоа е забавена криза, чии ефекти допрва почнуваме да ги гледаме.“
Очигледно е дека апетитот за релевантни, локални вести постои. Големо е прашањето како тој најдобро да се искористи и да се опстане на задоволство на публиката и локалните новинари.