Како медиумите можат да покажат инклузивност кога станува збор за лицата со попреченост

02.10.2023. / 08:16

Според прирачникот Известување за лицата со попреченост во медиумите што го изработи Internews, медиумите придонесоа за погрешното претставување (прашањата за лицата со инвалидитет). Постои недостаток на застапеност и зајакнување на негативните стреотипи. Со други зборови, кога лицата со инвалидитет се појавуваат во медиумите, најчесто се прикажуваат на стигматизирачки начин, како објекти на сожалување, како суперхерои или како обична статистика”.

Медиумите имаат значајна улога во деконструкцијата на негативните перцепции и во креирањето на реалната слика за лицата со попреченост, што вклучува и информирање на јавноста за проблемите и за потребите што ги имаат овие лица. Од друга страна, инклузивноста но и разновидноста на покривањето на темите и на лицата во медиумите не мора да се рефлектира во известувањето само за проблемите и потребите на определени лица или групи, туку и за нивното вклучување и во редакциите и во известувањето за другите теми. Бидејќи и нивното мислење е релевантно и важно.

Во врска со ова, важно е да се обрне внимание на тоа кои се овие грешки што ги прават новинарите/ките при вклучувањето на лицата со попреченост, односно како ова известување да се направи поинклузивно и да биде ослободено од стереотипи.

Приказни што треба да се избегнуваат

Во Насоките за новинарство и пишувањето за попреченостите се наведува рамката на приказните што треба да се избегнуваат при известувањето за лицата со попреченост, нарекувајќи гиинспиративна порнографија“.

„Инспиративната порнографија ги искривува приказните и сликите на лицата со инвалидитет на начин кој на публиката без инвалидитет ѝ овозможува да се чувствува топло и нејасно, но лицето со инвалидитет не го смета за ништо повеќе од објект кој ги произведува овие позитивни чувства. Инспиративната порнографија, исто така, често нагласува дека самите луѓе без инвалидитет се сметаат за "инспиративни" за активностите што би се сметале за секојдневни во контекст кој не го вклучува лицето со инвалидитет како предмет на сожалување.“ – се наведува во Насоките.

Ваквите приказни можат да бидат приказни за различни настани кои ги вклучуваат лицата со инвалидитет кои дури и се фотографирани без дозвола, а чиј фокус на приказната е на „добриот Самарјанин“ кој му помага на тоа лице да ја премине улицата или слично. „Може да претставува спортист со инвалидитет и да ја промовира пораката дека инвалидитетот не е ништо друго туку лош став.“ Се испраќа порака дека се работи за самото лице и како тоа се однесува кон неговиот инвалидитет, а не се работи за реалната пречка што тоа лице ја има. Дури и кога за тоа лице не постои таа пречка, важно е да се избегнува вакво нешто бидејќи и другите лица со попреченост слушаат и можат да добијат вакви пораки. Пораките што се испраќаат преку ваквите теми и ваквиот фокус на приказната се експлоататорски и опасни. Ваквиот фокус на приказните воведува непотребна хиерархија каде што лицата кои немаат некаков вид на инвалидитет се подобри од лицата со инвалидитет, додека лицата со инвалидитет се оние што ги инспирираат или ги забавуваат лицата што немаат инвалидитет.

“Тоа е добронамерно, но тие приказни исто така можат да бидат многу експлоататорски и многу се ограничени во тоа навистина да влезат во сржта на тоа како живеат луѓето и што мислат тие и како влијае на нив сето она што се случува во нашиот граѓански живот”, наведува Kristin Gilger, директорка на Националниот центар за попреченост и новинарство (NCDJ).

Пред да одлучите да пишувате тема што е поврзана со вакви примери, поставете си го прашањето дали ова би било приказна доколку е отстранет инвалидитетот. Ако одговорот е не, тогаш нема ниту потреба да се раскаже таквата приказна.

Приказни за кои може да се известува

Пред да започнете да известувате за лицата со попреченост, проверете ја оваа табела која е дел од Медиумските насоки за прикажување на лицата со попреченост - Известувај точно, што беа создадени од The Global Alliance for Disability in Media and Entertainment. Може да ви биде корисна:

Размислете за

Бидејќи...

Ако не е битно за приказната, дали треба да се фокусирате на инвалидитетот на лицето или да го вклучите?

Лицата со инвалидитет пред сѐ се луѓе ниту се сите исти, ниту се дефинирани со нивниот инвалидитет.

Давање на глас на лице со инвалидитет, дури и ако тоа е предизвик.

Во спротивно, тоа имплицира дека не можат да зборуваат или да размислуваат со своја глава.

Претставување на лицето како дел од заедницата.

 

Лицата со инвалидитет не се посебна класа на луѓе. Тие имаат работа, пријатели/ки, семејства, врски и ставови.

Дали планирате лицата со инвалидитет кои постигнуваат голем успех или физички подвизи да ги прикажете како 'херојски/инспиративно'.

Ова сугерира дека е изненадувачки што лицата со инвалидитет можат да постигнат голем успех.

 

Избегнување на изразите како што се 'и покрај' и 'надминување на шансите/непријатностите' кога се опишува нечие достигнување.

Ова имплицира дека лицата со инвалидитет се ограничени со нивниот инвалидитет и дека не можат да постигнат успех, што не мора да биде случај.

Обидете се лицата со инвалидитет кои се венчаат/имаат работа/имаат деца/преземаат секојдневни активности да не се прикажуваат какоизвонредни”.

Ова имплицира дека лицата со инвалидитет не се способни за овие работи.

 

Внимавајте да не го прикажете инвалидитетот како трагедија или несреќа/болест.

Секое лице со инвалидитет е поединец/ка чиј живот е вреден и богат.

Обидете се да не откривате премногу информации за лицето.

 

Лицата со инвалидитет, како и другите во заедницата, можат да бидат цел на насилство и криминал. Исто така, како и луѓето без инвалидитет, тие избираат да ги споделат нивните лични работи и информации ако ги сметаат за соодветни.

Приказните за лицата со инвалидитет не треба да бидат ограничени на покривање само на животот со инвалидитет. Давањето на медиумски простор, односно инклузивност значи и вклучување на нивните гласови во известувањето за владата, културата, уметноста, спортот, всушност во сите теми кои се покриваат можат да бидат вклучени и лицата со инвалидитет.

Придобивките од диверзификацијата на вашите извори за да ги вклучите лицата со инвалидитет се многубројни. Тоа само ви дава многу поширок спектар на извори, што е секогаш добро за новинарството. Токму оваа широчина може да ве одведе до некои други интересни приказни што инаку не би ги разгледувале.  

Важно е да се нагласи дека во овој сегмент на покривање на пошироки теми, спомнувањето на инвалидитетот на лицето во известувањето за веста може да биде оправдано само ако е тоа релевантно за вашето известување. Во спротивно, ова е непотребна информација. Но, за лицата со инвалидитет е многу важно да учествуваат и во другите сегменти од животот и да можат да го дадат нивното мислење за општествено-политичките теми.

Оценете го квалитетот на статијата