KAPWING: Нов играч во светот на онлајн видео уредувањето

12.05.2022. / 14:21

Во последните неколку години, со забрзувањето на интернет врските и со префрлање на фокусот на SaaS (софтвер како услуга) од специјализираните корпоративни апликации во секојдневна употреба, а особено со намалувањето на цената на услугите на виртуелните сервери, се појавија многу апликации кои имаат тенденција да му помогнат на секого, без многу мака, да направи одличен визуелен материјал за неговите канали за социјална комуникација. Додека Canva беше една од првите апликации кои успешно се етаблираа на овој пазар, апликациите како на пример VEED.io и слични на неа исто така се вклучија во трката, нагласувајќи дека тие можат да ви помогнат што побрзо да го уредите вашето видео или анимација и безгрижно да го дистрибуирате што е можно побрзо на вашите канали за социјална комуникација. Дури и Adobe се вклучи во оваа трка нудејќи различни верзии на нивните компјутерски апликации кои сега можете да ги користите во облакот или на вашиот мобилен уред. Денес ви претставуваме уште една апликација која ќе ви го олесни видео уредувањето наречена Kapwing. Оваа апликација се стреми, со поедноставен интерфејс во вашиот омилен интернет пребарувач, да ви овозможи побрзо уредување, обработка, приспособување на форматот и на крајот дистрибуција на вашата видео содржина.

Kapwing е софтвер за видео уредување кој го покренувате во вашиот омилен интернет пребарувач. Меѓутоа Kapwing не е само тоа туку е и многу повеќе. Според информациите на нивната страница, со оваа алатка можете да генерирате мемиња, да направите GIF, да направите видео со слободно достапни и отворени видео материјали или со ваши оригинални снимки и уште многу други работи.

Што нуди kapwing

Kapwing на својата страница нуди цела листа на алатки и начини како да се употреби овој веб софтвер за поголем досег до публиката на социјалните мрежи со вашиот различен статитичен или динамичен визуелен материјал. Повеќето од нив ја нагласуваат намерата на Kapwing да овозможи што е можно подобро видео уредување како и елементарна постпродукција преку:

  • остранување на позадината,

  • работење во зелен клуч,

  • поедноставена рачна обработка на боите во видеото

  • обработка на изгледот на видеото со филтри

  • заматување на видеото

  • автоматизирано бришење на тишината од видеото со опцијата smart cut

  • автоматизирано додавање на титлови

Се разбира, тука е уште цела низа на алатки кои ви овозможуваат креирање на графикони, анимиран текст и слични можности што ги нудат и другите софтвери.

Две особено интересни функции се smart cut кој може да ја забрза работата при уредувањето со отстранување на делови на видеото каде што соговорниците молчат и обработка на боите во видеото која покрај стандардните филтри нуди и можност за рачна доработка на некои основни опции како што се непровидност (opacity), ниво на светлина, констраст и заматување. И до двете опции се пристапува преку контекстуалното мени на десната страна што ги нуди сите овие опции кога ќе кликнете на самата видео содржина што сакате да ја обработите во вашиот проект. Првата опција може да се пронајде со кликнување на истакнатото копче Smart Cut додека другата опција може да се пронајде под опцијата Adjust.

Има можност титловите да се креираат автоматизирано (глас во текст) или рачно. За разлика од Type Studio алатката која не овозможува транскрипција за ниту еден јазик во регионот, Kapwing нуди автоматизирано креирање на титлови за хрватски и за српски јазик. За жал, сѐ уште не наидовме на софтвер од ваков вид кој нуди транскрипција на албански и на македонски јазик. Досега само успеавме да го пронајдеме Volcomatic софтверот за транскрипција што ја нуди оваа можност и за овие два јазика. Иако во нашиот тест титловите излегоа со некои грешки како што се недостатокот на почетна голема буква, како и интерпункциските знаци, веруваме дека во некои други случаи титлот ќе излезе во многу подобра форма. Без оглед на сѐ, сите титлови се доволно добри и со мали корекции можат одлично да послужат за вашата видео содржина да ја направите достапна. За разлика од некои други апликации, Kapwing овозможува извоз само во SRT формат, но само доколку сте платиле лиценца за целосен пристап. Ова не е воопшто чудно со оглед на тоа што апликацијата е насочена на видео уредувањето додека ваквите дополнителни услуги сака да ги искористи за да ве поттикне да ја платите целосната цена за нивните услуги.

adf

Како да се користи Kapwing

Самиот кориснички интерфејс на Kapwing се води според веќе утврдените правила дека основните функции се наоѓаат на левата страна на екранот заедно со проширениот контекстуален простор што ги следи, работната површина за прикажување содржината е во средина, а контекстуализираното мени се наоѓа на десната страна. На дното веќе стандардно се наоѓа лента за сместување на различни слоеви, од титлови кои секогаш се наоѓаат на врвот до дополнителна аудио содржина која се наоѓа веднаш под лентата каде што е сместена видео содржината. Она по што се разликуваат од другите веб програми од ваков вид е темниот интерфејс што можеби го креирале, како и повеќето социјални медиуми, со намера да ја намалат потрошувачката на електрична енергија или пак за да наликуваат на професионален софтвер за видео уредување како што е  Adobe Premiere Pro.

kapwing

Откако успешно ќе се регистрирате со користење на вашиот налог за е-пошта или директно ќе се поврзете со користење на налогот на Google, ќе дојдете на почетната страница на работниот простор со светол интерфејс каде што ќе можете да пристапите до тест проект преку кој во кратко видео ќе се запознаете со сите функции на оваа програма и нејзината околина. Исто така, ќе можете да креирате нов проект со кликнување на опцијата Create New Project. После тоа, веднаш ќе бидете префрлени во вашиот проект кој ќе се претвори во темен интерфејс и ќе добиете можност или да увезете ваша видео содржина од компјутерот или од некој склад во облакот, а ако немате видео кое сакате да го увезете ви се нуди опција да започнете со празна работна површина која автоматски ќе се приспособи на форматот 1:1 на Instagram. После тоа можете да почнете да додавате текст кој може да биде статичен или анимиран со неколку понудени опции. Исто така, ќе можете да додадете фотографии, графикони и видеа кои можете да ги пребарате по различни категории и на крајот музика и звучни ефекти. Сите овие опции се наоѓаат на левата страна на екранот. Дополнителната опција што ја нудат и другите програми од ваков вид е и снимање на екранот, видео доколку вашиот компјутер има камера, истовремено да го снима и екранот и вас и аудиозапис што можете да го вградите во вашето видео. На крајот можете да го поврзете вашиот Kapwing работен простор со различни екстензии и ресурси како што се Giphy, Pixabay и слично.

via GIPHY

Откако успешно сте го уредиле вашето видео, евентуално по автоматизиран пат сте направиле титлови (кои се ограничени на 10 минути месечно во бесплатната верзија) можете вашата содржина да ја извезете во MP4 видео формат, GIF, слика или аудиозапис во mp3 формат. Важно е да се напомене дека без оглед на тоа во каква резолуција сте ја снимиле вашата содржина, во бесплатната опција таа ќе биде извезена во формат 720p.

Цена и квалитет

Иако Kapwing никогаш нема да ја загрози позицијата, што тој нема ни намера, на професионалните софтвери за уредување кои веќе се позиционирани на пазарот, тој е добар можен додаток за секоја медиумска редакција или за слободни новинари/ки кои сакаат што побрзо да произведат видео содржина и да ѝ ја понудат на нивната публика. Со оглед на тоа што сѐ уште се развива, ценовно е поконкурентен од другите софтвери од овој тип и pro верзијата и teams верзијата (која сѐ уште се развива) чинат 16 американски долари месечно (за Teams месечно по корисник) со плаќање на годишно ниво. Додека за разлика од VEED.io не може да се пофали со извоз во 4k формат, она што му дава дополнителна предност е неограничениот број на транскрипции и создавање на титлови, што другите производи обично го ограничуваат на определен број на часови месечно. Затоа, доколку сакате за 192 долари годишно да имате можност за креирање на достапна видео содржина, тогаш ова е дефинитивно производ за вас. Ако земеме во предвид дека деловната лиценца за Adobe Premiere Pro чини 35,99 американски долари месечно (431 американски долари годишно), а сѐ уште нема интегрирана опција за автоматизирано титлување, тогаш оваа цена на годишно ниво можеби и не е толку висока.

Ocijenite kvalitet članka