

Собирањето на податоци за приказна, особено ако таа содржи голем број на информации, може да им зададе голема главоболка на новинарите/ките. Понекогаш податоците се веќе јавно достапни во машински читлива форма и може да се комбинираат со други податоци за да се раскаже добра приказна која, што е најважно, ќе ја информира вашата публика. Меѓутоа, понекогаш е потребно овие податоци да се собираат директно на терен и за тоа се потребни дополнителни напори на новинарите/ките и на нивните редакции. Сите апликации кои овозможуваат собирање на податоците во реално време, распоред и анализа, им ја олеснуваат оваа работа на сите новинари/ки.
Ако на тоа сакате да додадете и презентирање на тие податоци визуелно, без разлика дали преку графикони или географски мапи, интерактивно или статички, тогаш апликациите кои ги содржат сите овие можности се непроценливи.
Визуелизирањето на податоците преку мапи може да биде многу корисно во новинарството, особено за теми како што се воените судири.
Апликација KoBo Toolbox
Една таква апликација е KoBo Toolbox, проект со отворен код на Хуманитарната Инцијатива на Харвард, наменет за хуманитарните организации, за хуманитарните работници/чки и за експертите/ките за собирање на податоци преку анкети и прашалници и нивна подоцнежна визуелизација.
KoBo на сите корисници/чки им овозможува собирање на детални податоци преку логички обрасци со повеќе видови на прашања.
KoBoToolbox беше првпат креиран во 2005 година како алатка за собирање на податоци од јавни извори. Подоцна е адаптиран во платформа за собирање и анализа на податоци со посебен фокус на поддршката на хуманитарниот одговор преку соработката помеѓу Хуманитарната Иницијатива на Харвард (HHI) и агенциите на ОН. Оттогаш е развиена во бесплатна платформа со отворен код за собирање и анализа на податоци со посебен фокус на хуманитарните напори. Од своето основање, KoBoToolbox наголемо се користи за собирање и за анализа на податоците од страна на многу хуманитарни и меѓународни агенции вклучувајќи ги и Високиот комесаријат за бегалци на ОН (UNHCR), Канцеларијата на Обединетите Нации за кординација на хуманитарните работи (UN OCHA), Меѓународната организација за миграции (IOM) и Групата на Светска Банка (WBG). Сето ова се должи на способноста на KoBoToolbox-от да обезбеди стандардна алатка како и безбедна околина и основа за собирање и складирање на податоците, вклучувајќи проценки на потребите, анкети и други податоци собрани на терен. Неговиот висок степен на флексибилност ја олеснува интеграцијата со други алатки и системи, а неговите едноставни, но моќни функционалности го подобруваат квалитетот на податоците. KoBoToolbox стана важен ресурс за заедницата која реагира на присилното раселување воопшто, со оглед на тоа што се користи во сите услови на раселување ширум светот.
Поради сето ова, стана интересна алатка и за новинарите/ките што се занимаваат со собирање на податоци.
Има можност за онлајн и офлајн собирање на податоци, а ги поддржува сите типови на уреди. Можете безбедно да собирате податоци преку SSL и да ги увезувате и да ги извезувате постоечките XLS формулари. Исто така поседува и атрактивна и функционална визуелизација на податоците. Податоците можете едноставно да ги извезете, а исто така нуди и пристап до API.
KoBo нуди исклучително функционален, професионален тек на работата што е корисен за сите оние кои се заинтересирани за собирање на податоци.
Функции што ги содржи
1. Изработувач на формулари
- Дизајнирајте ги формуларите брзо и едноставно со помош на интуитивната алатка за изработка на шаблони
- Повторно употребете ги постоечките прашања и блокови со прашања и управувајте со нив во библиотеката со прашања
- Изработете сложени шаблони со логика на прескокнување и проверка на валидноста
- Достапни се повеќе од 20 различни типови на прашања вклучувајќи локација, слика, видео, оценка, матрица итн.
- Едноставно споделувајте ги проектите со колегите/шките и поставете прецизни нивоа на дозволи
- Увоз и извоз на XLSForms. Увезете ги преку URL-адреса или пренесете ги од вашиот компјутер
2. Собирање на податоци
- Онлајн и офлајн
- На телефони, таблети или на било кој пребарувач. Користење на KoBoCollect на Android уредите и Enketo на било кој пребарувач
- Синхронизирајте ги податоците преку SSL. Обезбедува третата страна да не може да ги чита податоците.
- Силна заштита од губење на податоците. Дури и на многу долги интервјуа.
- Податоците се достапни веднаш откако ќе се соберат.
3. Анализа и управување со податоците
- Изработете концизни извештаи со графикони и табели и дотерајте ги графиконите, боите и прашањата од извештаите
- Визуелизацијата на собраните податоци на мапата вклучува термичка мапа, групирање, други основни слоеви итн.
- Одделете ги податоците во извештаите и мапите, на пр. според полот, регионот или нивото на образование
- Извезете ги сите ваши податоци во било кое време. Поддржани формати: Excel, CSV, KML, ZIP (за медиуми) и SPSS.
- Пристапете им на вашите податоци преку API
Користењето е неограничено и бесплатно за сите хуманитарни организации, истражувачи/ки, хуманитарни работници/чки, новинари/ки и други. KoBoToolbox овозможува 10.000 поднесоци месечно, со 5 GB складирање на податоци месечно и вклучува неограничени проекти.
Ќе треба да се регистрирате и да ги пополните основните информации за вас и да ја потврдите регистрацијата на вашиот меил. После тоа можете веднаш да почнете со работа, така што ќе кликнете на New, каде што ќе ви се отвори прозорец со четрири опции: Создадете од почеток, Користете шаблони, вметнете XLSForm, вметнете XLSForm преку линк.
Покрај оваа алатка, погледнете и други, како што се My Maps Google, Arc online, Carto, Mapbox или StoryMapJS кои нудат одлични можности за географско претставување на податоците.