

Лажните вести не ги создаваат некои чудовишта што се скриени во темните соби.
Лажните вести ги создаваат луѓето со кои пиеме кафе, ги среќаваме на конференциите за медиумите, а можеби дури со некои од нив и седиме во редакцијата.
Типови на луѓе кои објавуваат лажни вести и можни причини зошто го прават тоа
Лажните вести се содржини за кои авторот/ката знае дека се лажни, а објавени се со намера да ги измами читателите/ките да поверуваат дека се вистински.
Проблемот со препознавањето на лажните вести е нивната количина, но и вештините на луѓето кои ги создаваат. Новинарите/ките се сосредоточени на проверката на фактите и на начините за проверка на вистинитоста на информациите. Може да помогне и информацијата кои се овие луѓе што ги создаваат ваквите содржини.
Авторот Vincent F. Filak во неговата книга “Динамиката на известувањето и на пишувањето на вести” наведува дека луѓето кои објавуваат ваков вид на содржини ги вклучува оние со силни идеолошки позиции што немаат прекумерен интерес за она во што веруваат нивните читатели/ки или пак го читаат.
Според проценката на Filak, ова се типовите на луѓе кои објавуваат лажни вести и можните причини зошто го прават тоа:
Идеолози кои сакаат да ја унапредат идеологијата
Многу луѓе, водени од идеологијата, објавуваат содржина чија цел е да наведат повеќе луѓе да поддржат определен начин на размислување.
Идеологиите можат да бидат што било:
- гледна точка за верата,
- науката,
- здравјето или било што друго.
Кога луѓето сакаат “нивната страна” да се смета за правилна, тие честопати ќе ги поместат границите за да ги наведат другите луѓе да ги гледаат работите “на нивниот начин.”
Ова вклучува создавање или споделување на лажна содржина.
Авторот во книгата истакнува дека “кога бескрупулозните луѓе навистина веруваат во нешто и сакаат и другите луѓе да веруваат во тоа, малку е тоа што нема да го направат за да го засилат проблемот. Така добиваме некои лажни приказни кои го нагласуваат тоа што луѓето го сметаат за поголема вистина.”
Луѓето ги сакаат парите
Многу луѓе кои создаваат лажни вести (особено партиска содржина) немаат реален интерес за ниту еден политички систем.
Бројни новинари/ки и научници ги истражувале одговорните за многу лажни вести и откриле дека ги пишуваат затоа што лажните приказни привлекуваат сообраќај на нивните страници, а сите тие кликања носат сериозни пари.
Во текот на истражувањето, CNN откри дека еден град во Македонија создава веб-страници со намера да ги поттикне американските политички истомисленици за пари. Етичките стандарди за овие креатори на содржини почнуваат и завршуваат со доларот.
Приказната на лицето што живее во нашето соседство ја објави CNN.
Еден од пионерите на оваа таинствена индустрија е тивок студент што го напуштил правниот факултет. Загрижен за тоа дека неговите налози на интернет можат да бидат изгасени, 24-годишникот побара да го викаат само Михаил.
Како што се наведува во приказната, тој ноќе го презема идентитетот на друга личност, лутајќи по интернет како "Jesica", Американка која често објавува про-Трамп мемиња на Facebook.
Веб-страницата и Facebook страницата што ги води "Jesica" им се наменети на конзервативните читатели во САД.
Приказните се политички и често погрешни во поглед на фактите. Но, тоа не е работа на Михаил. "Не ми е гајле, бидејќи луѓето читаат", вели тој. "Со 22 години заработував повеќе отколку што некој [во Македонија] некогаш ќе заработи во неговиот живот."
Тој тврди дека од рекламирањето на неговата веб-страница заработувал и до 2500 долари дневно, додека просечната заработувачка во Македонија е само 426 долари.
Заработката првенствено доаѓа од рекламите како што е AdSense на Google, кој ги пласира насочените реклами ширум мрежата. Секој клик му враќа малку пари на креаторот на содржината.
Михаил вели дека неговата заработувачка ја искористил за купување на куќа и за образование на неговата помлада сестра.
Некои луѓе се кретени
Filak во неговата книга истакнува дека третата категорија на луѓе не сака прекумерно да ја опишува “но некои луѓе едноставно сакаат да бидат идиоти. Ако можат да бидат идиоти и поради тоа да добијат многу внимание, толку подобро.”
По нападот во Лас Вегас во кој вооружен напаѓач уби повеќе од 50 луѓе и рани неколку стотици, на социјалните мрежи се појави објава во која едно младо момче вели дека очајнички бара информации за неговиот исчезнат татко.
Се испостави дека се работи за измама.
Профилната фотографија на налогот на Twitter на момчето беше истата онаа што се користеше на друго место за изведување на истиот трик за време на нападот во Манчестер. Освен тоа, тоа е интернет мем.
“Изгубениот татко” на фотографијата во реалност е порно ѕвездата Johnny Sins.
Кога новинарот на Mashable стигнал до авторот на тролот и го прашал зошто ја користи националната трагедија за сопствена забава, тој му одговорил: “Мислам дека знаете зошто. За ретвитови.”
Како да постапите кога во редакцијата имате еден од овие категории
Обвинувања за ширење на лажни вести со пишување на непроверени приказни и со измислување на тврдења доживеаја двата водечки европски весници Der Spiegel и The Guardian.
Der Spiegel е германски неделник што излегува во Хамбург. Со неделен тираж од 840.000 примероци е најголема ваква публикација во Европа.
Двата најистакнати европски весници се цел на критики поради поддршката на писатели кои изнесуваа неосновани тврдења пишувајќи лажни вести.
Германскиот магазин Der Spiegel го отпушти наградуваниот писател по обвинението за измислување на детали и на цитати во бројни приказни. Claas Relotius "фалсификувал статии во големи размери, па дури и измислувал ликови", пишува Der Spiegel.
"Spiegelgate", како што го нарекоа на социјалните мрежи, е еден од најголемите германски повоени новинарски скандали, кој потенцијално опфаќа седум години и десетици статии.
Меѓу статиите за кои се зборува се наоѓаат и оние кои биле номинирани или освоиле награди. Relotius призна дека ги довел во заблуда читателите во дури 14 приказни што беа објавени во Der Spiegel.
По скандалот, медиумот објавил изјава во која наведува дека овој медиум работи на утврдувањето на целосниот опсег на "измислиците" на Relotius, откако колегата што работел со него изразил сомневање во неговото известување.
Der Spiegel тврди дека по негирањето на обвинувањата, Relotius сепак признал дека во неколку случаи измислил цели делови од текстот. “Во некои статии се наведува дека вклучил поединци кои никогаш не ги сретнал ниту пак разговарал со нив, раскажувајќи ги нивните приказни или цитирајќи ги. Според неговото признание, постојат најмалку 14 статии." - пишува Der Spiegel.
Водечките новинари/ки го критикуваа The Guardian затоа што не ја повлече неговата приказна во која се тврди дека Julian Assange од Wikileaks се состанал со поранешниот оперативец на Donald Trump, Paul Manafort и покрај недостатокот на докази што би го потврдиле ова. Новинарите/ките и активистите/ките го нападнаа изданието поради молчењето за 'бомба' приказната, додека во исто време се фалеле дека се британска новинска куќа на која највеќе ѝ се верува.
The Guardian во 2018 година објави статија, тврдејќи дека неговите новинари виделе документ на еквадорската разузнавачка агенција во кој се наведува дека Paul Manafort и Julian Assange трипати се сретнале во амбасадата на Еквадор во Лондон, вклучувајќи ја и средбата за време на подготовките за американските претседателски избори во 2016 година.
Многумина се прашуваа каде се наоѓа еден од авторите на статијата, Luke Harding, поранешен дописник на The Guardian од Москва. Некои се прашуваа дали Harding, постојан критичар на руската држава, е ставен на "градинарско отсуство" по објавувањето на неговата "ексклузива."
Отказите, “доброволните” одмори и враќањето на наградите не се доволно добра компензација за штетата што е направена со објавувањето на лажните вести, но тоа се единствените мерки што медиумите можат да ги преземат во вакви ситуации.