Користење на апликациите за размена на пораки во новинарството

06.04.2021. / 08:38

Користењето на апликации за размена на пораки за ширење вести константно расте во последните десетина години. Институтот Ројтерс го забележал овој тренд наназад неколку години и преку своите извештаи често го истражувал растот и развојот на користењето на апликациите за размена на пораки во новинарството.

Растот е забележан и во земјите во развој но и во развиените земји. Луѓето сè повеќе ги користат апликациите како што се WhatsApp, Facebook Messenger, Viber, Signal и Telegram за споделување и консумирање на вести.

Вестите споделувани на некоја од споменатите апликации имаат форма на директни пораки кои ги споделуваат и примаат луѓето поврзани преку нивните телефонски контакти. Луѓето исто така можат да се поврзат со своите познаници/чки во поголеми групни четови кои се состојат од лични телефонски контакти, но и пошироката заедница на оние кои се додадени во групата а не се во нивните лични контакти.

Кои апликации за размена на пораки ги користат медиумите

Користењето на апликации за размена на пораки како дополнителен дистрибутивен канал го користат разни новински организации во светот, како и на Западен Балкан, вклучувајќи ги BBC, The Economist, The Wall Street Journal, HuffPost, Financial Times, The Washington Post, Al Jazeera Balkans и многу други. Тоа обично ја вклучува традиционалната метода за поставување на содржини, давајќи кратки описи на вести и врска до натамошна содржина.

Во текот на пандемијата овој начин на размена на вести се користел со цел сузбивање на широко распространети лажни вести. Така Raskrinkavanje.ba има креирано посебна Viber група за размена на проверени информации за пандемијата на Ковид-19.

Институтот Ројтерс во извештајот Подемот на апликациите за размена на пораките за вести наведува широка распространетост на употребата на Facebook Messenger за вести во земјите како што е Грција или Норвешка каде оваа апликација е доминантна за размена на пораки за вести или за сите намени. Меѓутоа, во повеќето земји WhatsApp е доминантна апликација за размена на пораки, особено во земјите на Латинска Америка, Југоисточна Азија и Јужна Европа.

Медиумите ги користат оние апликации кои се популарни во секојдневна комуникација. Viber е најпопуларната апликација за размена на пораки во бројни балкански земји, па таа почесто се користи во новинарството.

Апликациите за размена на пораки сè повеќе се важни за медиумите. Според Извештајот за дигитални вести за 2020 година, повеќе од половина од испитаните лица (51%) кажале дека користат „некој вид отворена или затворена мрежна група за поврзување, размена на информации или учество во локалната мрежа за поддршка“. Така, на пример, во Бразил, WhatsApp е на првото место по употреба на платформата за социјалните медиуми (83%) а околу 48% од Бразилците/ките користат Viber за доаѓање до вести. 

Кои се тоа предности од користењето на овие апликации за медиумите

Порастот на приватните апликации за размена на пораки претставуваат разни можности за новински организации. Испраќање на содржини преку овие апликации може да им обезбеди на крајните корисници/чки проверени информации кои ги добиваат директно од определен медиум, без да одат на страницата или во многу случаи доаѓаат до информации на социјалните мрежи, каде неретко се пласира содржина која е непроверена и невистинита.

За разлика од социјалните мрежи, на овие апликации не сте ограничени со алгоритми.

Воспоставување на приватни групи на пораки за вклучување на публиката во вестите значи дека медиумите можат повторно да вратат определена контрола врз она што публиката го консумира.

Telegraph уште од 2019 година користи аудио содржина на WhatsApp за да стапи во контакт со публиката за вести и на тој начин ја претворил публиката во свои претплатници. Значи, патот до претплата во медиумите, за која минатата недела пишуваше колешката Ирена, може да биде токму преку користење на ваквиот начин на комуникација со публиката.

Да им ги давате на корисниците содржините кои ги сакаат, во приватни простори за размена на пораки кои ги користат како дел од својот секојдневен живот, може да доведе до импресивна конверзија од корисници до претплатници.

Следењето на трендовите за користење на интернет сферата, на социјалните мрежи и апликации, е од исклучително значење за медиумите, бидејќи тие податоци можат да им зборуваат каде е нивната публика и на тој начин да одлучат да бидат присутни токму тука.

„Како новинари/ки, не ја среќаваме својата публика таму каде што е таа, бидејќи таа не е нужно на веб локациите, на Facebook или Twitter. Моравме да смислиме начин како да дојдеме до нив.” – наведува Сајмон Елисон, уредникот на The Continent и Mail & Guardian's Africa во текстот Како издавачите да ангажираат нова публика во апликациите за размена на пораки на глобалниот југ.

Креирајте заедница на вашиот медиум

За почеток почнете да размислувате за тоа како да создадете заедница на овие платформи која може на различни начини да придонесе во вашата работа. Експериментирајте со нови начини за доаѓање до вашата публика.

Поголемиот дел од работата околу изградба на заедница се состои во утврдување на нејзината цел и начинот на кој таа заедница ќе ја користите. Платформите на заедниците го олеснуваат создавањето на заедницата за вашиот медиум. 

Џастина Фенберг

 за Bigcommerce.com ги наведува овие седум чекори за изградба на сопствена заедница, кои можат да ви бидат корисни за почетокот на креирање на заедници на апликациите за размена на податоци.

  1. Идентификувајте ги клучните учесници во интернет заедницата

  2. Дефинирајте ја намената и целта

  3. Одберете ја платформата за заедницата

  4. Изградете го профилот на членот/ката

  5. Развијте ги правилата и нормите

  6. Поставете ја својата заедница

  7. Промовирајте ја својата заедница

Изгледа дека овој начин на директно пласирање на содржините до публиката станува потенцијал за зголемување на довербата кај публиката, како и на досегот до поширока публика, онаа која не е на социјалните мрежи, бидејќи денес секој користи барем некоја апликација за размена на податоци.

Ocijenite kvalitet članka