

ЗАБЕЛЕШКА: Со оглед на тоа што официјалниот превод на босански, српски и хрватски јазик сè уште не е објавен, цитатите во овој текст се неофицијален превод од англиски јазик.
Користењето на правилна терминологија во медиумите во контекст на ширењето на интимни слики без согласност може многу да придонесе за промена на општествената перцепција и на стигмата која почесто се става на жртвата, наместо на осудување на сторителот на ова дело.
Важноста на правилниот јазик и терминологија
Правилниот јазик и терминологијата помагаат за точно и јасно да ѝ се пренесат информациите на публиката. Злоупотребата на зборови и фрази може да доведе до конфузија или недоразбирање или искривена слика за некоја тема. Користењето на соодветен јазик и терминологија треба да ја покажува посветеноста на точноста и на професонализмот, што може да ја зголеми довербата кај публиката.
Изборот на јазикот може да влијае на начинот на кој се перципира темата. Пристрасниот или сензационалистичкиот јазик може да ги искриви фактите и да доведе до погрешно претставување на настаните. Одржувањето на неутрална и правилна терминологија е од суштинско значење за одговорното новинарство.
Од друга страна, различна публика може да има различни нивоа на знаење за определени теми. Исто како што и медиумите можат ненамерно да направат грешки или да користат вообичаен јазик без да бидат свесни дека тој како таков може да биде обоен со предрасуди или стереотипи кои можат да влијаат на перцепцијата на определена личност или на група на луѓе.
Вообичаени термини кои ги перпетуираат предрасудите
Ако се земе во предвид важноста на јазикот и на терминологијата, денес сакаме да го свртиме вниманието кон определени проблематични термини кои станаа вообичаени во медиумската комуникација, кои всушност се штетни и погрешни.
Сè почесто во медиумските известувања можеме да го слушнеме терминот „одмаздничка порнографија“ и слични термини кои го вклучуваат зборот „порнографија“, кои всушност зборуваат за недозволено користење на фотографии и снимки од лична природа или за недозволено снимање за кое лицата дури и не знаат.
Неодамна две авторки од BIRN БиХ, Аида Махмутовиќ и Аида Трепаниќ, подготвија публикација која зборува токму за оваа тема. Публикацијата со наслов „Споделување на интимни слики без согласност во Босна и Херцеговина: Она што е приватно не е порнографско и други причини зошто е важна терминологијата во контекст на родово заснованото сајбер насилство“ зборува за важноста на правилниот пристап кон оваа тема, како и за проблематиката на онлајн сферата преку која токму ваквата содржина најчесто се шири.
„Жртвите на дистрибуцијата на интимни слики без согласност (NCIID) најчесто се изневерени од одговорот на владините институции, поради дупките во системот; па дури и кога тој систем работи на сите начини како што треба, ова насилство понекогаш опстојува во онлајн просторите. Затоа ова истражување го истражува родово заснованото онлајн насилство (RN) во Босна и Херцеговина (БиХ) со фокус на NCIID. Ја обработува погрешната терминологија (како што е "одмаздничка порнографија") која вообичаено се користи за да се опише оваа злоупотреба на интернет, а исто така зборува и за различните видови на родово заснованото насилство кое може да се види на интернет и како тие се вкрстуваат со различните права. Исто така, дава преглед на меѓународната и на домашната правна рамка и на начинот на кој компаниите на социјалните медиуми се обидуваат да се позанимаваат со овој растечки проблем.“ – пишува во воведот на публикацијата.
Осврнувајќи се на фактот зошто често користениот термин „одмаздничка порнографија“ е проблематичен, авторките зборуваат за тоа дека значењето на овој термин „ја осудува жртвата уште од самиот почеток, имплицирајќи дека тие направиле нешто што вреди за „одмазда“, и дека ги маскира и ги оправдува злоделата на сторителот со претставување на приватните слики како "порно" – збор што е широко стигматизиран“.
Со оглед на проблематичното значење на овој термин, авторките, како и многу феминистички активистки, предлагаат користење на терминот „ширење на интимни слики без согласност“. Овој термин има за цел борба против стигматизацијата на жртвите, односно насочување на вниманието кон насилниците кои дистрибуираат ваква содржина нанесувајќи им непроценлива штета на лицата кои се цел на ваквите напади.
Sophie Maddocks, учителка и истражувачка во чии интереси се вклучени активизмот на дигиталните медиуми, родово заснованото насилство на мрежата и медиумската писменост на младите, за FGenderit.org наведува пет причини зошто ваквиот чин не треба да се нарекува „одмаздничка порнографија“.
1. Тоа не е одмазда
Кога зборуваме за терминот „одмазда“, таа најчесто се поврзува со фактот дека некој направил нешто лошо, па некој сака да му се одмазди. Праксата покажува дека недозволените интимни снимки најчесто се објавуваат како резултат на завршувањето на партнерскиот однос, поради кој еден од партнерите/ките решава да ѝ се „одмазди“ на личноста со која не е веќе (да ја казни, да ѝ наштети), со користење на материјалот што го создале заедно, но кој никогаш не требало да биде широко дистрибуиран, или дури и дека никогаш немало согласност од двете лица за негово снимање. Ваквите чинови најчесто вклучуваат малтретирање, обид за понатамошна контрола и контакт со личноста, создавајќи неподнослива атмосфера за жртвата која станува исплашена, засрамена и неразбрана.
„Сторителот/ката може да биде воден/а од инает по завршувањето на интимната врска. Тие можат да бидат водени и од финансиски стимулации; објавувањето на голи слики или на сексуален видеозапис на мрежата со надомест или со изнудување на пари од жртвата. Можеби едноставно ги движи воајеристичката желба да го разоткријат другиот. Но, да се користи зборот 'одмазда' значи да се претпостави дека жртвите ја направиле првобитната штета за која на сторителот/ката му/ѝ се должи одмазда... Секогаш кога го користиме овој термин, им ја припишуваме вината на жртвите и ги маскираме постапките на насилниците кои ја креираат и свесно ја гледаат оваа содржина.“ – се наведува во статијата.
2. Тоа не е порно снимка
Кога ќе го употребите зборот „порнографија“ за видеозаписите што некој ги направил за лична, интимна употреба или самата снимка била направена без согласност, тогаш таа содржина добива сосема поинаква конотација и се прикажува како јавна содржина.
„Терминот порнографија го спојува приватниот визуелен материјал со јавна содржина што е наменета за масовна потрошувачка. Тоа ги претвора жртвите во порно актери/ки кои изгледаат како да се согласуваат. Користењето на терминот 'порнографија' дополнително ја искривува веќе погрешно разбраната штета бидејќи NCIID и аматерската порнографија неодвоиво кружат на страниците со филмови за возрасни... Нарекувањето на NCIID 'порнографија', премолчено им дозволува на луѓето да го консумираат она што е создадено или дистрибуирано без согласност.“
3. Тоа не е забава
„Терминот 'одмаздничка порнографија' привлекува внимание и соблазнување – совршен за насловите во весниците. Ваквиот тип на известување не е соодветен со искуствата на жртвите.„ – наведува Maddocks.
Честопати известувањето за оваа тема се сведува на познатите личности што станале жртви на нелегална дистрибуција на интимна содржина, но проблемот е многу поширок бидејќи вклучува и други жртви кои се борат со овој насилен чин на дистрибуција на различни порнографски страници за кои ретко или никако не се известува. Односно за проблемот како таков не се известува, бидејќи жртвите дури и не сакаат нивниот случај дополнително да се експлоатира низ медиумските статии кои ќе користат погрешни термини, како што е „одмаздничка порнографија“. Би било значајно да се промени наративот и да се приспособи терминологијата за да биде соодветна на вистинскиот предизвик и проблем.
Искривената слика за овие дела доведува до тоа низ медиумите да се шири наративот дека жените не треба да ги споделуваат нивните интимни содржини, што дополнително ги оптоварува жените кои имаат имаат право и слобода да се снимаат како што тие сакаат и дека таа содржина не смее да се дистрибуира без согласност. Иако најчесто тие се принудени или се снимаат без дозвола, што дополнително ја продлабочува проблематиката за да се привлече вниманието кон жените.
Европското женско лоби во нивниот извештај уште во 2017 година зборувало за важноста на промената на наративот со што би се свртело вниманието кон сторителите. Така, тие навеле неколку термини кои можат да бидат важни да се воведат во медиумскиот дискурс: онлајн демначи, groomer, regruter, creepshotter, воајер, итн.
„Мислам дека медиумите можат да имаат огромно влијание на ваквите прашања и дека ефектот на медиумите најчесто се занемарува. Ако пораката е правилна, [ние] би можеле да ги дестигматизираме младите жени во оваа ситуација и да влијаеме на момчињата да разберат дека споделувањето на овие слики не е cool.“ – изјавија од Media Maker во интервјуто што го направија за магистерскиот труд на авторката под наслов „Против одмаздничката порнографија: Современа историја на мисли и дејствување".
4. Не е ново
Дистрибуцијата на содржина од интимен карактер без одобрение или согласност не е нешто што потекнува од пронаоѓањето на интернетот. За жал, ваков тип на дистрибуција е забележан и порано, кога во 1953 година голите фотографии на Marilyn Monroe беа печатени без нејзина согласност во првото издание на списанието Playboy. Со напредокот на технологијата, дистрибуцијата на нелеглана содржина стана сѐ помасовна.
„Содржината што е снимена без согласност сега е собрана и каталогизирана во огромни дигитални бази на податоци како што е creepshots.com, самопрогласена продавница на едно место за слики на женски 'задници, гради, деколтеа, нозе и кратки здолништа'.“ – наведува авторката во текстот.
Вакви онлајн простори кои собираат нелегална интимна содржина денес ги има на стотици, а слични групи и простори постојат и во земјите од Западен Балкан. Во март оваа година, BIRN Србија објави истражувачка сторија на оваа тема со поразителни податоци.
За потребите за прикажување на овој проблем, повеќе од дваесет жени од Србија зборуваа за шокот, стравот и срамот што ги погодиле како жртви на одмаздничка порнографија. Она што во текстот е јасно дефинирано е дека ваква содржина се шири низ групите на Telegram и дека за време на истражувањето биле најдени дури 16 активни групи.
5. Не е така едноставно
Како што наведуваат активистките, терминот „одмаздничка порнографија“ најчесто се перципира како чин што ќе го направи љубоморното поранешно момче, каде се исклучуваат голем број на други дела, како демнење на жени на социјалните мрежи, земање на нивни фотографии од профилот и нивна дистрибуција преку други канали, како што се споменатите групи на Telegram. Значи, постојат различни форми на нелегално земање и дистрибуција на фотографии и снимки на жени.
Би било значајно да се прошири медиумското известување и да се сврти вниманието на тоа кои сè извори ги користат насилниците за да дојдат до снимки и фотографии, нагласувајќи ја незаконитоста на овие дела, барајќи одговори од надлежните институции и конкретни постапки што ќе бидат насочени кон напаѓачите, со што фокусот ќе биде на ужасите на насилниците, а не на жртвата која веќе минува низ тортура и има различни психолошки последици. Мора јасно да се даде до знаење дека ова е јасен проблем од постоењето на родово засновано насилство на интернет.
Како што на крајот на нејзината статија наведува авторката: „Мала промена на вокабуларот може да има големо влијание врз политиките и ставовите на јавноста.“
Како што изјави Аида Махмутовиќ на панелот на кој се зборуваше за нелегалното споделување на интимни снимки, што беше одржан во рамките на Internet Governance форумот, ако од денес барем една личност наместо терминот „одмаздничка порнографија“ почне да го користи терминот „дистрибуција на интимни содржини без согласност“, промената веќе се случува. Ако медиумите го сменат начинот на кој пишуваат за оваа тема, таа промена би била и повеќе од можна.