Користење на техниката Google Dorking во новинарската работа

29.08.2023. / 11:07
Автор/ка
Google Dorking
Google Dorking

Развојот на дигиталниот свет им отвори на новинарите/ките прозорец кон светот на информациите до кои претходно беше речиси незвозможно да се дојде. Понекогаш се доволни само неколку кликови за да дојдеме до документи, податоци, илустрации и други информации кои ќе ја збогатат нашата приказна, ќе ѝ дадат смисла и ќе го разбудат интересот и љубопитноста на нашата таргетирана публика. Меѓутоа, понекогаш, пронаоѓањето на вистинските информации во претрупаните бази на интернет пребарувачите, може да биде предизвик. Како да се пронајде онаа вистинска информација што ни е потребна? Едноставно! Само е потребно да се направат неколку чекори повеќе од стандардното пребарување.

Google Advanced Search – Напредно пребарување на Google, како што објаснивме во еден од претходните текстови, е првиот чекор што ќе ве доведе поблиску до таргетираните информации и податоци. Денес ви пренесуваме некои од советите како да зачекорите подлабоко во светот на скриените и на длабоко закопаните информации преку техниката Google Dorking.

Што е Google Dorking?

Иако постојат многубројни предности и придобивки кои дигиталната ера му ги донесе на новинарството, неговиот забрзан развој  во исто време пред новинарите/ките поставува нови барања за унапредување и за развивање на нови техники за пребарување. Една од нив е Google Dorking, иновативен начин за пребарување на интернетот.

Google Dorking, познат и како „Google хакирањепретставува софистицирана техника за пребарување што се користи во рамките на Google, но и на други пребарувачи, со употреба на посебни оператори и синтакса. Оваа техника им овозможува на корисниците да откријат информации кои не се лесно достапни преку конвенционалните пребарувања. Комбинацијата на соодветни клучни зборови, симболи и упорност им овозможува на новинарите/ките да откријат информации што не се видливи во редовното пребарување. Преку Google Dorking-от можно е да се откријат документи, директориуми, датотеки и други онлајн ресурси кои се јавно достапни, но најчесто се добро скриени длабоко во структурите на веб-страниците. Откривањето на скриените датотеки и на безбедносните пропусти преку dorking не бара големо техничко знаење и се сведува на неколку техники за пребарување и на нивната примена на различните пребарувачи.

Наједноставно кажано, Google Dorking вклучува користење на специфични пребарувачки команди наречени "оператори" кои им овозможуваат на корисниците да ги филтрираат и да ги подобрат резултатите од пребарувањето. Секој оператор има за цел определен аспект на податоците кои ги индексира Google, како што се URL-адресата на веб-страницата, насловот, текстот или видот на датотека.

Dorking-от во новинарството

Dorking техниката за пребарување можете да ја применувате во која било ситуација кога сакате на брз и ефикасен начин да дојдете до информации во онлајн сферата. Меѓутоа, во новинарството оваа техника се покажала како многу корисна во следните истражувачки категории:

  • Идентификација на ранливоста (безбедносни камери, отворени бази на податоци) – Оваа категорија се фокусира на откривање на безбедносните слабости кои можат да ги откријат чувствителните информации. На пример, со пребарување на специфични барања како што е "inurl:/view.shtml", истражителите/ките можат да ги откријат јавно достапните видео надзорни камери кои се несвесно изложени поради погрешни конфигурации. Ваквите ранливости можат да се користат од страна на злонамерни актери, па затоа со откривање на вакви ситуации организациите можат да ја подобрат нивната безбедност.
  • Откривање на протекување на чувствителни информации (лозинки, credentials) – Оваа категорија овозможува пронаоѓање на ненамерно изложени чувствителни податоци. Барањето "filetype:txt intext:password" може да открие датотеки што содржат обични лозинки кои се несвесно достапни за јавноста. Исто така, барајќи датотеки што содржат специфични credentials како што се "intext:username intext:password", истражителите/ките можат да откријат ситуации каде што корисничките имиња и лозинките не се складирани со соодветна безбедност.
  • Лоцирање на скриена или на ограничена содржина (директориуми, датотеки) – Оваа категорија овозможува пронаоѓање на скриени делови од дигиталниот свет кои не се секогаш индексирани од конвенционалните пребарувачи. На пример, барањето "index of /confidential" може да открие директориуми со доверливи документи кои случајно ѝ се достапни на јавноста. Исто така, барањето "filetype:pdf site:example.com" може да открие одредени типови на датотеки во внатрешноста на определен домен.
  • Откривање на информации на социјалните медиумски платформи Социјалните медиумски платформи стануваат клучен извор на информации за истражување. Со барањата чија цел се определени платформи и корисничка содржина, истражителите можат да добијат увид во поединци, организации и настани. Така, барањето "site:twitter.com intext:клучен_збор" може да открие разговори и интеракции поврзани со определен клучен збор. Слично на тоа, "site:linkedin.com inurl:in OR intitle:profil" може да открие јавни профили што се поврзани со поединци/ки.

Покрај тоа, во истражувачкото новинарство, оваа техника може да се користи за истражување на корпоративните информации како и на сопственичките структури на компаниите или на недвижниот имот. Со употребата на дорковите, новинарите/ките можат да откријат интерни документи, состаноци и дискусии на вработените кои можат да укажуваат на неетички или на незаконски активности во рамките на организациите. Исто така, оваа техника им овозможува на новинарите да пронајдат јавно достапни регистри и документи кои нудат увид во сопственичките врски, што е особено корисно за истражување на потенцијалните конфликти на интереси и недостаток на транспарентност во работењето.

Google Dorking Техники

Некои од најчесто употребуваните Google Dorking оператори и команди (доркови) се следниве:

  • Пребарување на поединечен домен - site: операторот овозможува ограничување на пребарувањето на определен домен. Ако сакаме да ги пронајдеме сите PDF датотеки што се сместени на веб-страницата "пример.com", барањето треба да изгледа вака: site:пример.com filetype:pdf.
  • Пребарување низ насловите на страниците - intitle: операторот овозможува пребарување на насловите на страниците. На пример, за пронаоѓање на веб-страниците што имаат наслов кој го содржи зборот "видео", користиме: intitle:video.

На Слика 1 е прикажан едноставен пример на комбинирање на овие два дорка, чии резултати од пребарувањето ги прикажуваат сите наслови што го содржат зборотвидеона страницата balkansmedia.org.

google dorking
Слика 1. – комбинирање на „site:“ и „intitle:“ дорковите
  • Пребарување во внатрешноста на URL-адресите - inurl: доркот ни овзможува да пребаруваме во внатрешноста на URL-адресите на веб-страниците. За пронаоѓање на сите страници кои содржат "извештај" во нивните URL-адреси, користиме: inurl: извештај.
  • Пребарување по тип на документ: filetype: или ext: ќе го стесни вашето пребарување на специфичните типови на документи што ќе ги наведете.
  • Пребарување на конкретна содржина - intext: доркот ни овозможува да пребаруваме внатре во телото на веб-страниците. Ако сакаме да ги пронајдеме сите страници што ги содржат зборовите "финансирање на политичките партии", можеме да го користиме барањето: intext:финансирање на политичките партии.

 

Слика 2 ги прикажува резултатите од пребарувањето што ги добивме од комбинирањето на претходните три доркови.

google dorking
Слика 2 – комбинирање на „inurl:“, „filetype:“ и „intext:“ дорковите

Покрај тоа, преку пребарувањето на RSS feed-овите со помош на "feed:" операторот, новинарите/ките можат да лоцираат релевантни информации, како што се feed-ови што се поврзани со криптовалутите ("feed:криптовалути"). Исто така, преку "language:" операторот можат да го стеснат пребарувањето на определен јазик, како во случајот на пребарување на информации за вештачката интелигенција на германски јазик (на пример "language:германски intext: криптовалути").

Ако сè уште не сте сигурни како да генерирате дорк, за ова може да ви помогне и DorkGPT – AI алатка креирана исклучиво за оваа намена. Исто така, ако сакате да зачекорите подлабоко во светот на доркингот, одличен извор може да ви биде Google Hacking Database, која нуди голем број на напредни барања кои можат да ви помогнат во откривањето на скриените информации и податоци на интернет.

Како да ги подобрите вештините на Google Dorking?

Еднаш кога ќе ги совладате основните вештини на dorking-от, можностите за комбинирање се речиси неограничени. Клучните чекори кои можат да ви го олеснат патот до целта се:

  1. Научете ја синтаксата и клучните оператори: Основата за успешно користење на Google Dorking лежи во разбирањето на основните синтакси и клучните оператори како што се "site:", "filetype:", "intext:", "inurl:" и други. Внимателно истражете ги и совладајте ги овие оператори за прецизно да ги дефинирате вашите пребарувања.
  2. Правилно дефинирање на клучните зборови: Клучните зборови се сржта на секое пребарување. Внимателно изберете ги клучните зборови кои се релевантни за вашата приказна за да обезбедите прецизни резултати.
  3. Експериментирајте со различни доркови: Google Dorking е креативна техника. Не се воздржувајте да експериментирате со различни доркови за да можете да откриете нови извори на информации и да го продлабочите вашето истражување.
  4. Задржување на етиката: Иако Google Dorking овозможува пристап до јавно достапни информации, имајте ги на ум етичките аспекти при користењето на овие информации. При објавувањето на пронајдените информации, важно е да се води сметка за приватноста и за последиците.

Google Dorking претставува драгоцена алатка за новинарите/ките кои се стремат кон подлабоко истражување и откривање на скриените информации на интернет. Важно е да ја користите оваа техника одговорно и со почитување на етичките стандарди за да се осигура користењето на информациите на соодветен начин.

Откако еднаш ќе ги совладате основите, можностите за комбинирање и методите за стеснување на пребарувањата се речиси неограничени. Затоа, искористете ја вашата креативност во многубројните комбинирања на дорковите и спречете го пропуштањето на информациите што можат да ја збогатат вашата новинарска работа.

Оценете го квалитетот на статијата