Maps4News: Совршена алатка за мапирање за новинари и за уредници

08.11.2022. / 09:58

Понекогаш визуелизациите се приказна. Користењето на визуелни елементи во вашата приказна го задржува вниманието на публиката. Со визуелизација можете да ги прикажете основите на приказната за само неколку секунди и токму на овој начин да ја направите приказната многу попривлечна. Особено кога зборуваме за презентирање на податоци, визуелизацијата може веднаш да ги направи поинтересни и полесни за разбирање. Кога во вашата приказна имате слики, видеозаписи, бројки и мапи – сакате сите нив да ги употребите заедно. Сето тоа денес е можно на визуелно привлечен начин и на едно место – со алатките за изработка на интерактивни мапи.

Картографските мапи се еден од најпопуларните начини за такво презентирање на податоците, особено кога заедничка врска им е географската локација. Создавањето на мапи за вашата вест никогаш не било полесно. Но, како изгледа вашата мапа може да биде исто толку важно како и пораката што се обидувате да ја пренесете.

"Визуелизацијата на податоците станува основна алатка за новинарите/ките, а картографијата е важна дисциплина во овој пејзаж. Давањето на географска ориентација може многу да го подобри разбирањето на настаните од страна на читателите, со воспоставување на врска и со нивно вовлекување подлабоко во приказната." изјави уште во 2016 година Simon Scarr, заменик шеф за графика во Thomson Reuters.

Некои од советите што треба да ги прифатите при градењето на мапите се:

  • тие да бидат едноставни,

  • да користите соодветна мапа за презентирање на тие податоци,

  • да не ја оптоварите со премногу податоци.

Исто така, слободно користете различни бои, икони, можете да вклучите слики и видеозаписи. Се препорачува да креирате уникатен стил на мапите на вашиот медиум кој ќе биде во согласност со севкупниот графички стандард.

За среќа денес постојат голем број на алатки кои се креирани токму со цел за да им ја олеснат оваа работа на медиумите. Овие алатки, оние бесплатните како и оние за кои треба да издвоите некоја сума на пари, ја олеснуваат секојдневната новинарска работа при креирањето на интерактивни географски мапи.

Алатка за изработка на мапи - Maps4News

Maps4News алатката е создадена врз основа на потребите на новинарите/ките за презентирање на податоците на мапите. Со неа можете да објавувате мапирани локации или да изработите картографски визуелизации кои на визуелно привлечен начин ќе ги презентираат вашите податоци. Едноставна, интерактивна и приспособена за сите големини на екранот (responsive).

Откако беше креирана во 2016 година, сѐ повеќе медиуми се приклучуваат на ова семејство на креатори на мапи, а некои од нив се Financial Times, Associated Press, American City Business Journals, Thomson Reuters, Washington Post и многу други.

Без разлика дали сакате да изработите едноставни мапи на локациите или пософистицирани и збогатени, интерактивни карти, оваа едноставна за користење онлајн алатка им овозможува на новинарите/ките изработка на квалитетни обележани географски мапи кои се оптимизирани за сите уреди.

Со оваа алатка можете:

1.     Да создадете детални мапи на секоја локација во светот

Создадете основни приказни со локации или визуелизациски мапи богати со податоци

2.     Користете сопствен бренд и елементи за дизајн

Можете да дизајнирате сѐ за вас, од боите до фонтовите, налепниците и маркерите за да му одговараат на вашиот визуелен идентитет

3.     Визуелизирајте ги вашите податоци

Пренесете ги или копирајте ги и залепете ги вашите табеларни пресметки и бази на податоци (Excel, CSV)

4.     Извоз во различни формати

Извезувајте мапи во различни формати, вклучувајќи ги и статичните слики. (SVG, PDF. EPS, PNG, JPG)

5.     Објавете на секој уред

Користете приспособени вградувања и моќни преземања.

„Maps4News е едноставен за користење интерфејс кој ги намали часовите од нашата неделна изработка на мапи. Тие се исклучително посветен тим кој постојано ги подобрува своите производи за да бидат сигурни дека со нивната алатка го испорачуваат токму она што им треба на купувачите.“наведува Steve Bernars, Financial Times.

Цена

Она што е одлично кај оваа алатка е флексибилноста на цените. Организациите можат да плаќаат врз основа на нивната големина. Цената за Maps4News е таква што можат да ја користат и малите и големите медиумски организации без да ги пробијат сопствените буџети. Сите понудени планови вклучуваат неограничено објавување на мапи и прикажување на мапи. Сите мапи се целосно приспособливи (фонтови, бои итн.), а во плановите се искалкулирани и ажурирањата, наменската поддршка и обуката.

За директни проценки на трошоците и прашања за цените ќе треба да контактирате со Maps4News, за да добиете специфична понуда која ќе биде базирана на вашите потреби.

Како и секоја друга онлајн алатка и оваа ви дозволува прво да тестирате некои од нејзините функции за да се одлучите дали е ова алатка што ѝ одговара на вашата редакција за изработка на географските визуелизации. Можете да се регистрирате преку е-маил или можете да направите авторизација за пристап преку вашиот постоечки Google налог. По потврдата на вашата е-маил адреса ќе можете дури и да тестирате како функционира основната мапа на вашата веб-страница, како што е примерот со мапата подолу на која ги прикажуваме електроенергетските потенцијали на еден дел од Балканот.

Ocijenite kvalitet članka