

Во дигиталната ера која брзо се развива, медиумската индустрија се соочува со нови предизвици и можности да допре до публиката. Некогаш беше многу поедноставно, па луѓето добиваа информации преку три класични медиуми: весници, ТВ и радио. Сега во дигиталната ера, публиката доби повеќе опции за консумирање на вести. Онлајн сферата и порталите за вести добија можност да бидат многу побрзи од традиционалните медиуми и со „брзина на светлината“ да ѝ ги пласираат вестите на публиката.
Поради ваквите предизвици, традиционалните медиуми мораа да се приспособат и да го прошират нивното делување, па така поголемиот број на печатени медиуми, како и ТВ и радио станици, создадоа нивни веб-страници, за и преку овие канали да ја понудат нивната содржина и да останат во трката за придобивање на публика. Дополнително на ова, со појавата на паметните телефони се појавија и мобилните апликации.
Денес речиси сите користиме барем една мобилна апликација дневно. Без разлика дали се работи за проверка на вашата банкарска сметка, за користење на социјалните мрежи, за купување на облека или за барање на насоки до ресторанот, денес постои апликација за сѐ.
Во оваа трка за публика, се вклучува и медиумската индустрија со креирање на апликации за вести на мобилните уреди. Меѓутоа, постојат голем број на чекори низ кои сите организации па и медиумите мораат да поминат за нивната апликација да постигне успех.
Развој на мобилните апликации
Пронајдокот на апликации за мобилните телефони го следи развојот на самиот мобилен телефон. Steve Jobs уште во 1983 година алудираше на App Store, барем на неговата основна верзија. Тој го гледаше App Store како место каде што ќе се купуваат софтвери. Заедно со пуштањето во продажба на IPhone-от во јуни 2007 година, развиени се и изворни апликации, а една година подоцна официјално е покренат App Store.
Четири години подоцна, Google покрена сопствена верзија на продавница за апликации,наречена Google Play, во која беа сместени сите апликации што им се достапни на корисниците/чките на Android. Додека претходно постоеја индивидуални пазари за корисниците на Android, најнапред Android Market, Google Books и Google Music, конечно беше одлучено да се спојат во една поголема продавница за апликации за масовниот пазар.
Како што се развиваа потребите на корисниците/чките на мобилните уреди, така се развиваа и достапните апликации во мобилните продавници.
Ако се земе во предвид дека повеќето луѓе сега имаат паметни телефони, она што ги прави мобилните апликации толку популарни е фактот дека е многу лесно да им се пристапи и како резултат на тоа едноставно го прават вашиот живот многу подобар.
Сега постојат буквално милиони мобилни апликации. Постојат апликации за социјални мрежи, банкарство, патувања, здравје, фитнес, вести, календари, игри, што и да посакате, сигурно постои апликација за тоа.
Matthew Panzarino, ко-уредник на TechCrunch, наведува три фази на развој на апликациите кои ја донесоа мобилната технологија од телефонски повици до игри и услужни програми, до апликации кои сакаа да бидат вашиот "почетен екран" и да доминираат со вашето искуство, па сѐ до апликациите што се богати со содржина кои "повеќе ја максимизираат нивната корисност без да доминираат со вашето внимание.”
Мобилни апликации во новинарството
Мобилните апликации не се новост за медиумите. Тие постојат повеќе од една деценија и нивниот развој е прилично видлив. Мобилните апликации за читање на вести го подигнаа консумирањето на медиумската содржина на ново ниво.
Со процутот на пазарот на мобилните апликации кон средината на 2000-тите и медиумските организации почнаа да експериментираат со апликациите, обидувајќи да се приспособат на технолошкиот напредок со надеж дека нивниот медиум ќе ѝ го приближат на публиката што користи мобилни уреди.
Во нивните напори да ги развијат овие апликации, медиумските организации почнаа да вработуваат мобилни уредници/чки и на овој начин ја проширија дистрибуцијата на содржините.
The Washington Post уште пред 11 години ја претстави својата апликација за паметни телефони за корисниците/чките на Android телефони. Целта беше и остана да се создаде интуитивно, мобилно искуство од вестите за корисниците/чките. Апликацијата уште на почетокот го вклучувала и го комбинирала најдоброто од политиката, меѓународните вести, финансиите, уметноста и културата како и локалните вести.
“Апликацијата на Washington Post за Android е уште еден пример за нашата посветеност кон создавањето на мобилни производи кои нудат динамични искуства. Додека размислуваме за повеќе начини како да досегнеме до нашата локална и национална публика, ќе продолжиме да развиваме производи кои обезбедуваат богато корисничко искуство." – изјави тогаш Ken Babby, главен службеник за приходи и генерален директор на Digital во The Washington Post.
Ако се земе во предвид дека поголемиот дел од публиката денес пристапува до содржината од нивните мобилни телефони и The New York Times одамна ја виде важноста од воведувањето на мобилните апликации.
Статистиката покажува дека мобилната апликација е канал кој исклучително добро функционира за издавачите на вести.
Bryan Davis, виш менаџер за маркетинг за публиката на NYT, наведува дека мобилните апликации овозможуваат полесно читање, брзи се, а гледањето и слушањето во апликациите е поинтуитивно.
Предностите од поседувањето на мобилни апликации
Лесно е првично да се привлече публиката за првпат да ја користи вашата апликација. Ако ништо друго, ќе ја инсталираат од љубопитност. Меѓутоа, да ги натерате повторно да се вратат и да ја користат, тоа е предизвик. Она што во повеќето случаи помага во тој процес се Push известувањата. Тие можат да бидат исклучително важни за секоја сериозна мобилна апликација. Мобилните апликации ви даваат можност за испраќање на навремени push известувања за повторно да ги ангажирате корисниците/чките, да промовирате нова содржина и да комуницирате со вашата база на корисници/чки.
Според податоците од Localytics, кога корисникот/чката ќе избере добивање на push известувања, има 88% поголема веројатност да ја покрене вашата апликација отколку корисникот/чката што не ги прима.
Друг клуч за развој на вашата апликација е да ги натерате луѓето да ја споделуваат самата апликација или нејзината содржина со нивните пријатели/ки. Како корисник/чка на апликацијата, споделувањето може да биде побрзо и полесно отколку преку пребарувачот.
Друга важна карактеристика е времето на задржување внатре во апликацијата. Корисниците/чките поминуваат многу повеќе време на апликациите отколку на вебот. Истражувањата покажуваат дека корисниците/чките на мобилни уреди поминуваат 88% од нивното време на мобилните уреди користејќи апликации, а времето што го поминуваат на апликациите се зголемува од година во година.
Уште една предност за изработка на мобилна апликација во однос на веб апликација е приходот од рекламите и можноста за користење на други техники за монетизација на апликацијата.
Истражувањата покажуваат дека рекламите во апликацијата се поефикасни од рекламите во пребарувачот.
Медиумските организации од Западен Балкан сѐ повеќе креираат мобилни апликации за вести, а меѓу нив се Oslobođenje, Klix, N1 од БиХ, Vijesti од Црна Гора, Danas, Kurir и Krik од Србија, Kosovo Online и десетици (ако не и стотици) други. Ако го земеме во предвид фактот дека повеќето медиуми денес имаат мобилни апликации кои ги следат најновите технолошки достигнувања, нејзината важност е и повеќе од препознаена.
Процесот на одлучување за креирање на мобилна апликација
Иако постојат голем број на предности кои ги носат мобилните апликации, секој медиум треба сам за себе да одлучи дали му е потребен и ваков вид на пласирање на содржина за публиката. Земете во предвид некои од овие прашања кога ќе одлучувате дали да вложите време, труд и финансиски средства за креирање на мобилна апликација.
Обидете се да одговорите на прашањата или направете истражување со вашата публика за тоа дали вашата публика ја сака или ја бара апликацијата? Дали апликацијата ќе го прошири досегот на вашата публика? За што ви е потребна апликацијата, дали сакате преку неа да ја понудите истата содржина што ја нудите на веб порталот или пак таа има за цел да понуди ексклузивна, можеби платена содржина? Дали е целта монетизација и дали таа има потенцијал таму каде што сте како медиум присутни? Дали постои можност апликацијата да почне секојдневно да се користи од страна на вашата публика, сегашната или идната? Што е поразлично она што го нудите од конкурентите?
Techpluto наведува неколку чекори кои ќе ви помогнат во планирањето, дизајнирањето и имплементацијата на успешна апликација:
- Идентификувајте ја потребата
- Истакнете ги основните карактеристики
- Интегрирајте го вашиот технолошки збир
- Планирајте ги вашите модели за монетизација
- Тестирајте ја вашата апликација
Не е неопходно секој медиум да има мобилна апликација, можеби на вашата публика и е доволно она што го нудите на вашата веб-страница. Можеби само треба да ја дотерате вашата веб платформа за да биде повеќе user friendly.
Доколку сте планирале да покренете ваша медиумска мобилна апликација, одвојте прво малку време за да направите истражување и да ги поставите темелите за нејзина изградба. Подготовката може да ви го олесни процесот и може да одговори на некои од клучните прашања кои ќе бидат важни за вашата конечна цел.