Newspack: нова експериментална инсталација на Wordpress наменета за новински редакции

01.06.2020. / 14:51

Во време кога вебот веќе ја доживеа својата длабока зрелост додека сѐ уште активно се развива и менува, една работа веќе долго време не е толку променета – системот за управување со содржина (CMS). Особено CMS кој успешно ги поддржува работните процеси внатре во новинска агенција. Големите редакции имаат силен технолошки тим и, потпомогнати со парите од своите сопственици, развиваат свои засебни редакциски системи кои им овозможуваат покривање на целиот процес на развој на вестите, но и маркетингот. Повеќето новински редакции не се големи, ниту имаат доволно пари да си развиваат системи приспособени за себе, како што сето ова време тоа го правел Њујорк Тајмс или Вашингтон Пост. На помош им дојдоа системите со отворен код како Joomlа, Drupal и најпознатиот Wordpress кого за покренување на блоговите на своите новинари/ки го користи дури и Њујорк Тајмс, CNN, Форбс и Ројтерс. Сепак, ниту една спомената новинска организација не го користи овој систем како систем за управување со содржина. Иако се свесни за сите негови ограничувања 70% од малите редакции во светот како и на Балканот, вклучувајќи и доста партнери на USAID BMAP, го користат токму Wordpress, збогатен со бројни надградби, за дистрибуција и презентација на својата содржина до крајните корисници/чки. 

Имајќи предвид дека многу новински редакции го користат Wordpress како свој основен CMS, и дека тој во исто време предизвикува многу фрустрации во контекст на покривање на сите работни процеси во редакцијата и често повеќе ја отежнува работата за објавување, но и за монетизација на содржината, стана повеќе од очигледно дека е потребно да се изгради посебна Wordpress инсталација за новински редакции. Тука во игра дојде Newspack како иницијатива на Google News Initiative и Wordpress.org. 

Што е Newspack?

Според официјалната страница Newspack е „напредна платформа базирана врз отворен код за објавување на содржина и генерирање на профит за новински организации". Осмислен е да им помогне на малите и средните дигитални новински организации во привлекување на публика и приход кој ги отелотворува најдобрите практики на новинарското работење. Од април 2019 година, кога е покренат проектот, до октомври 2019 година, се работело врз развојот и истражувањето на она што беа најдобрите карактеристики на еден ваков систем. Веќе во истиот месец октомври е започната работа со 15 тестни организации кои го поминаа процесот од миграција на својата постоечка веб презентација до целосниот премин на овој систем заедно со организацијата Automattic која им даде полна техничка поддршка. Оваа поддршка подразбира помош при миграцијата на WordPress сервер оптимизиран за Newspack, посветена комуникација преку Slack, е-маил и слично. 

Како работи Newspack?

Newspack се потпира врз изворната WordPress инсталација и како додаток со темата го збогатува вашиот веб со сите елементи кои ви се потребни за привлечно да ја презентирате  својата содржина, особено насловната страница која можете да ја објавите автоматизирано во планирано време, но и останатите содржини кои сакате да ги понудите. Тој го искористува полниот потенцијал на инсталацијата Gutenberg, но се фокусира врз тоа да ви понуди како на новинар/ка најдобри можни опции за претставување на приказна. Од друга страна ви нуди и неколку опции за комуникација со вашата публика, но и алатки кои ви помагаат да ја монетизирате вашата содржина преку донации и маркетинг. Со оглед дека ова делумно е Google News Initiative проект секако дека во фокусот е AdSense. Во видеото подолу можете да видите кратка презентација на можноста за брза изградба и приспособување на насловна страница што ја нуди Newspack.

Видеото покажува како е лесно со користење на понудените опции да се уфрлат различни елементи од вашата содржина и да се презентираат на неколку начини. Како насловна вест преку целиот екран или како пет последни вести од определена категорија. 

Иако тимот на Automattic напорно работел врз развојот на монетизациските опции, поради специфичноста на секој од 15-те тестни медиуми со кои тие работеле, некои од опциите се развиени додека некои сѐ уште се во развој. Дури и вака се нудат некои опции за монетизација и напредна комуникација со корисниците кои на многу медиуми можат да им помогнат забрзано да ја подобрат презентацијата на својата содржина. Краткото видео што го направиле ги покажува некои од достапните опции и како е можно истите преку познатиот интерфејс на WordPress да се приспособат кон вашите потреби и начинот на комуницирање со вашата публика. 

Научени лекции од првата фаза на проектот

По иницијалниот избор на првите медиумски партнери кои доброволно ги одбрале некои од условите потребни за влегување во овој проект News Revenue Hub, кој исто така е дел од овој проект нарача истражување за ефектите на досегашните искуства на лица кои работеле во овој проект. Истражувачот Аманда Краус дојде до интересни сознанија кои ќе им помогнат на сите учесници во процесот да го подобрат досегашното искуство, но и кои овозможуваат подобар увид во предностите и недостатоците на овој проект. 

Додека визуелниот елемент на проектот од почетокот бил задоволителен и тука остварил успех, постојат некои места кои сѐ уште бараат доработка како што се елементите за монетизација преку маркетинг и донации. Меѓутоа од почетокот се појавија проблеми со имплементацијата поради различни очекувања на тимот за имплементација и редакциите кои учествувале во тестната фаза на проектот. Тоа доведе до одложување на покренувањето на нови верзии на презентации на медиумите кои учествувале. Имплементацијата дополнително ја отежна комуникацијата поради почетната употреба на експертскиот јазик, но со тек на време научените лекции се применети и тие ја подобрија комуникацијата давајќи им и на едните и на другите можност на крај успешно да го имплементираат проектот. Оваа лекција на неразбирање на контекстот е особено важна, бидејќи често била причина за неуспешни проекти во минатото. 

Дополнително се случија застои во имплементацијата поради специфичните алатки што ги користела секоја редакција, а кои потенцијално ја загрозувале брзината на самите страници. 
Она што би можело најмногу да предизвика проблеми во скалирањето на ова решение е сѐ уште несоодветна достапност на документација за самостојна имплементација. 

Најголемата забелешка што се јавила е недоволната транспарентност во контекст на идните трошоци за одржување на системот кои би се случиле по една година тестен период. Првите информации укажуваат на тоа дека трошоците би можеле да бидат преголеми за редакциите со мала и средна големина. Некои од редакциите веќе подготвија алтернативно решение да ја хостираат оваа имплементација на своите сервери. 

Како можете да се пријавите за помош?

Доколку имате желба и потреба да ја подобрите работата на својот веб сајт можете и вие да се пријавите да учествувате во овој проект. Сепак, постојат некои услови за да влезете во разгледувањето. Во овој блог пост е забележан детален опис на англиски јазик, а условите се следни: 

  • Вашиот сајт треба да биде конципиран за да ги исполнува информациските потреби на определен географски регион или тема. 
  • Треба да бидете способни да артикулирате јасен уреднички и деловен пристап кон развојот и растот на сајтот. 
  • Треба да произведувате оригинална содржина.
  • Вашиот сајт мора да има:
    o    Доказ дека ѝ служи на целната публика и буџет кој предвидува 12 месеци континуирана работа ИЛИ
    o    План за лансирање кој адресира како имате намера да му служите на вашиот целен пазар и да имате пари кои се доволни за оперирање најмалку 12 месеци. 

Дали Newspack е бесплатен?

Newspack како услуга на WordPress.com не е бесплатен и постои намера ваков вид на поддршка да се комерцијализира токму како што и WordPress ги комерцијализирал своите услуги за поддршка. Точната цена на поддршката сѐ уште не се знае, но се тврди дека таа ќе биде оптимизирана за нивото на услугата што се дава и дека нема да биде евтина како најевтин споделуван софтвер, но дека нема да биде скапа како VIP услугата на WordPress. Во секој случај проектниот тим има доволно искуство да им даде поддршка на редакциите кои немаат поддршка на теренот со секојдневно одржување на серверите и инсталацијата на Newspack и Wordpress. 

Дали сакате да експериментирате?

Сепак, свесни дека е малку веројатно дека некоја редакција со оваа големина на Балканот ќе може да ја плати идната услуга, а со оглед дека тука се работи за софтвер со отворен код вашиот ИТ тим може да ги преземе фајловите на Newspack од оваа локација и да се обиде самиот да ја имплементира инсталацијата. Имајте предвид дека моментално постојат некои колизии со проширувањата на WordPress кои ги користите особено кога е во прашање AMP имплементацијата, но таа може многу лесно да се исклучи. Со сите моментални недостатоци, Newspack е систем кој настанал во заедничка соработка на ИТ агенцијата и новинарите/ките за кои е наменет и тоа му дава големи шанси за иден успех и олеснето објавување на содржини како и монетизација за редакциите кои ќе се одлучат да го користат.

Ocijenite kvalitet članka