

Истражувачкиот центар Pew, американска истражувачка организација, неодамна објави извештај за консумацијата на вести преку социјалните медиуми и дигиталните платформи. Овие истражувања ни даваат увид во актуелните трендови и навики на Американците/ките кога станува збор за консумацијата на вести.
Според извештаите, дигиталните платформи остануваат главен извор за добивање на вести за Американците/ките. Половина од возрасните Американци/ки барем понекогаш ги добиваат вестите преку социјалните медиуми. Кога станува збор за тоа каде Американците/ките редовно добиваат вести на социјалните медиуми, Facebook ги надминува сите останати социјални медиуми. Околу една третина од возрасните Американци/ки (31%) велат дека редовно добиваат вести од Facebook, а потоа следи YouTube со 26%.
Кога ќе се земе во предвид процентот на корисници/чки на одредени социјални мрежи кои на тие мрежи редовно следат вести, некои мрежи се истакнуваат како претпочитан извор на вести за поголемиот дел од нивните корисници/чки, и покрај фактот што нивната вкупна публика може да биде релативно мала. Така, да речеме, X (Twitter) го користат 27% од луѓето, но речиси половината од тие корисници/чки (53%) редовно ја користат оваа мрежа за следење на вести.
Меѓутоа, постои тренд на намалување на бројот на корисници/чки на Facebook кои редовно добиваат вести на оваа платформа. Процентот на корисници/чки на Facebook кои велат дека редовно добиваат вести на оваа страница се намалил за 7% од 2020 година, од 54% на 47% во 2021 година. Ова може да укажува на промените во начинот на кој корисниците/чките ги користат социјалните медиуми за пристап до вестите, а може да има врска и со промените кои се случуваат на оваа платформа за кои неодамна пишувавме.
Повеќе од половината Американци/ки (56%) велат дека најчесто добиваат вести од дигиталните уреди како што се телефоните, компјутерите или таблетите, што е раст во однос на 49% во 2022 година. Процентот на корисници/чки кои велат дека најчесто добиваат вести преку телевизија (околу 30% ), печатот (околу 10%) и радио (околу 15%) беше поконзистентен во текот на минатата година.
Меѓу дигиталните платформи, веб-страниците или апликациите со вести, исто така, се најпосакуваниот извор на вести, односно една четвртина од возрасните Американци/ки претпочитаат да ги добиваат вестите на овој начин, во споредба со 15% кои претпочитаат пребарување, 12% кои ги претпочитаат социјалните медиуми и 6% кои велат дека ги претпочитаат подкастите.
Ова изгледа како значајна информација кога размислувате за тоа на кои дигитални платформи да се фокусирате, односно во кои од нив да инвестирате поголем развој. Изгледа дека директните веб-страници на медиумите и нивните апликации не се места кои треба да се игнорираат за да се добијат вести, туку треба да им се приспособат на потребите на корисниците/чките.
Како што технологијата, дигиталните и социјалните медиуми продолжуваат да се развиваат, можеме да очекуваме дека овие трендови ќе продолжат да растат. Овие истражувања нудат корисен увид во моменталната состојба на консумацијата на вести, а во исто време ја нагласуваат важноста на следењето на овие трендови за подобро да се разбере иднината на медиумската индустрија.
За медиумите од Западен Балкан, овие истражувања можат да бидат особено корисни бидејќи даваат увид во трендовите и во навиките за консумација на вести во Соединитетите Американски Држави, кои најчесто ги предводат глобалните трендови. Освен тоа, овие истражувања можат да им помогнат на медиумските куќи од Западен Балкан подобро да разберат како се менува медиумската индустрија и како можат да се приспособат на овие промени.