Објаснувачко новинарство – како да се поедностави комплицираното

25.07.2022. / 08:37
Автор/ка
Share
wq
wq

Дигитализацијата на медиумите и на медиумските содржини овозможи голема понуда и едноставен пристап до информациите за сѐ што се случува во светот околу нас. Експлозијата на информации го разбуди гладот на читателите/ките за нивно сместување во определен контекст за да може текот на приказната да добие соодветна форма во разбирањето. Интересот на публиката да дознае нешто повеќе од она што може да го прочита во традиционалните вести, да ја знае позадината, текот на развојот на настаните што се случиле пред она што токму сега го гледаат, го слушаат или го читаат, доведе до создавање на жанр што се нарекува експланаторно (објаснувачко) новинарство.

Првата Пулицерова награда во категоријатаОбјаснувачко известувањеја добил, во 1998 година, Paul F. Salopek од Chicago Tribune, за неговиот инспиративен профил на Проектот за разновидност на човечкиот геном, кој се обидува да го прикаже генетскиот однос меѓу сите луѓе. Иако објаснувачкото новинарство ги има своите корени во традиционалното новинарство и е присутно во новинарството од порано, неговиот вистински потенцијал се реализира во неограничениот простор на дигиталниот свет. Комплексните теми објаснети на едноставен јазик, збогатени со илустрации, анимации, аудио и видео содржини, стануваат поразбирливи за пошироката публика.

Затоа, не нѐ изненадува фактот дека првото објаснувачко видео, креирано од страна на GROUPON, стана вирално во 2011 година. Денес ваквитеHow to do“ („Како се прави“) анимирани видео материјали станаа еден од најефикасните начини за визуелна комуникација со целната публика.

Едноставното пребарување на видеа на YouTube кои објаснуваат како да направите нешто, ви овозможува да дознаете било што, што ве интересира – од тоа како да ги поправите домашните апарати, до тоа како да користите некој софтвер што ви е потребен. Сличен стил на содржина има и објаснувачкото новинарство.

Што е објаснувачко новинарство?

Објаснувачкото новинарство им го дава на корисниците основното знаење што им е потребно за да го разберат текот на ажурирањето на приказните. Со други зборови, објаснувачкото новинарство е специјализирано за зоштоикако“, така штокој, што, кога, кадеима повеќе смисла. Целта не е само да се испорачаат најновите вести, туку и да се зголеми бројот на луѓе кои ја разбираат приказната доволно добро за да го следат нејзиниот иден развој. Ова новинарство се обидува да достигне зад вестите, за да им даде на читателите/ките позадински информации за приказната и да се погрижи тие на соодветен начин да го разберат развојот на настаните. Меѓутоа, фокусот на содржината не е толку на она што се случило, туку што тоа значи.

Како што објаснува Sylkia Cartagena, две работи се клучни поради кои денес постои интерес за објаснувачкото новинарство. Првата е комодизацијата на вестите. Приказните се појавуваат брзо и речиси и да не постои разлика во нивната содржина меѓу различните извори. Објаснувачкото новинарство им овозможува на медиумите да ја објаснат содржината на вестите и така да ја направат поразбирлива за публиката. Како втора причина зошто објаснувачкото новинарство стана поважно, таа наведува нови алатки кои медиумите можат да ги користат за да го подобрат. Покрај зборовите, податоците можат да се илустрираат со инфографики и со видео материјали кои ги сумираат сложените концепти на едноставен начин.

Бројни светски медиуми го препознаа потенцијалот во овој вид на новинарство. Некои од нив, како што се Guardian и New York Times, имаат интегрирани сегменти на страницата што се посветени токму на објаснувањата на различни теми. Некои други, како што е Vox Media, својата работа целосно ја фокусираа на објаснувачкото новинарство. Преку графикони, анимации или инфографики, на публиката ѝ презентираат предизивикувачки теми на пристапен, јасен и едноставен начин. Vox не се фокусира на известувањето за настаните, туку на нивното објаснување во политиката, технологијата и спортот. Објаснувачкото новинарство што го презентира Vox и другите слични платформи е форма на вести или на новинарство што се обидува да им пристапи на сложените настани на попристапен начин.

Како да се напише објаснувачки текст

Објаснувачкото новинарство се разликува од другите видови на новинарство по тонот, стилот и структурата на пишување. Нивната содржина мора да биде напишана јасно, на едноставен начин, со јазик кој не е премногу технички. Поднасловите се клучни, бидејќи им помагаат на читателите/ките да дојдат до информации кои одговараат на нивното определено прашање. Ова можат да бидат поднаслови кои се дизајнирани за да ги заинтригираат читателите/ките и да бидат напишани во форма на конкретни прашања на кои можеби сакаат да добијат одговори, како што се:

-          Што е X?

-          X vs Y – која е разликата (или едноставно X vs Y)

-          Како работи X?

-          Како X влијае на Y?

-          Кој е X?

Запомнете, кога пишувате, секогаш поставувајте си го истото прашање: „Дали одговарам на прашањето во насловот?“.

Како да ги подобрите вештините на објаснувачкото известување

Како и во другите видови на новинарство така и во објаснувачкото, клучна е вештината на креирање на неговата содржина. David Roberts, долгогодишен соработник на Vox, за подобрување на овие вештини го советува следново:

  1. Научете нешто за некоја работа ако станете познати како личност која знае многу за нешто и која може тоа добро да го објасни, ќе ја најдете вашата ниша. Денес постојат разни видови на научни списанија и на научни публикации каде што можете да започнете. Но, не морате да чекате за работа. Научете и споделете го она што го знаете. Станете корисни, макар и само за мала заедница. Корисните луѓе се ретки. Од таа ниша можете да се ширите. Но, најсигурниот начин да се зацврстите е, барем во една работа, да знаете за што зборувате.

  2. Вмрежете севашата тема треба да ве интересира. Ако е тоа така, ќе барате луѓе што знаат повеќе од вас и ќе учите од нив. Ќе го споделите она што го знаете со луѓето што сакаат да знаат повеќе. Ќе разменувате приказни со луѓе кои се занимаваат со истата тема. Како последица на тоа, ќе се вмрежите, водени од сопствената љубопитност.

  3. Бидете вредни, скромни, чесни и обидете се да пишувате добронајважните вредности во новинарството се трудољубивост, правичност, скромност и вештина. За да знаете за што пишувате потребна ви е трудољубовост: бидете личноста која го чита целиот извештај, која ги проверува додатоците, која упатува дополнителни повици, онаа која добива дополнителна позадина на приказната на која работи. Да се биде правичен подразбира свест за тоа дека темата на која работите е секогаш покомплицирана отколку што првично сте мислеле, како и настојувањето да ги разберете неистомислениците обидувајќи се да го артикулирате најдобриот аргумент против вашите заклучоци. Да се признае дека секогаш постои нешто што не го знаеме за некоја тема значи понизност и отвореност за корекции или за ревидирање на заклучоците. Иако во современето новинарство кое ги наградува кликањата, има сѐ помалку простор или можности за внимателно составена, уредена и проверена работа, доброто пишување секогаш се исплати, за што, секако, потребна е вештина за пишување. Без оглед на тоа каков пристап имате кон пишувањето објективно известување, раскажувачко, коментаторскопотрудете се тоа да биде корисно и економично. Покажете дека се грижите за времето што ќе го одвојат читателите/ките или гледачите/ките.

Факт е дека новинарството секојдневно се менува. Меѓутоа, она што е константа е дека луѓето имаат потреба да го разберат и да им се објасни она што се случува околу нив. Иако креирањето на ваква содржина бара подобра и потемелна подготовка во однос на другите видови на медиумска содржина, нејзината вредност е долготрајна и секогаш ќе привлекува читатели/ки и/или гледачи/ки кои се заинтересирани за темата за која пишувате. 

Ocijenite kvalitet članka