

Оптимизацијата на сликите во медиумите треба да биде задолжителна задача од неколку причини. Првата се наоѓа на фотографијата подолу.

Количината на слики што ги има секој медиум е огромна. Затоа сликата не треба да биде само додаток на текстуалните вести туку рамноправен елемент на вестите што дава информација. За да дадеме информација со сликата ни треба оптимизација.
SEO оптимизацијата на сликите значи дека и сликите ќе носат посети на веб-страницата (не само текстот). Caption (насловот) ќе даде дополнителен контекст на содржината за 79% од посетителите/ките кои ја скенираат содржината, а не ја читаат.
Описот (description) го прави медиумот дигитално пристапен и достапен за оние лица на кои им е потребна софтверска помош за читање на текстот.
Во текстот истовремено користам термини на наш и на англиски јазик за што е можно попрецизно разбирање на поимите за кои немаме доволно прецизни преводи.
Оптимизација на сликите за SEO, пристапност, разбирање на информациите и внимание
Со оптимизацијата на сликите, содржината која претставува голем дел од информацијата ја правиме разбирлива за пребарувачот (со помош на alt tag-от) и за читателот/ката (со помош на натписи и описи). Постојат различни описи на сликите и секој од нив има своја функција која може да се мери и во резултатите од маркетинг активностите на веб-страницата на медиумот, бидејќи тие привлекуваат посети и подолго ги задржуваат посетителите/ките на страницата.
Опис на сликата (image description)
Описот на сликата или image description треба да им ги пренесе истите или барем сличните информации на лицата со посебни потреби кои читателите/ките што гледаат ќе ги добијат кога ќе ја видат сликата. Се разликува од натписот (caption) и alt текстот.

Alt текст (alt tag)
Alt текстот е визуелно скриен, а неговата намена првенствено е SEO оптимизацијата. Но, кога слепите посетители/ки на веб-страницата или посетителите/ките со слаб вид ќе наидат на сликата додека го користат нивниот читач на екранот, alt текстот ќе биде прочитан.
Не постојат строги правила за тоа колку alt текстот треба да биде долг, но доколку се направи анализа на текстовите на оваа тема одговорот би бил: alt текстот треба да биде ДОВОЛНО долг. Доволно за да објасни што се наоѓа на фотографијата со користење на клучните зборови, кои на пребарувачот (и на читачот за слепи и тие со слаб вид) ќе му каже за што станува збор на сликата.

lt tag-от или alt описот им помага на читателите/ките да дојдат на веб-страницата со внесување на клучните зборови во пребарувачот, а сите други видови на описи служат за да ги задржат читателите на веб-страницата.

Долг опис
Долг опис е детален текстуален опис на сликата кој може да биде долг неколку параграфи и може да содржи други елементи како што се табели и списоци. Овој начин на опишување се користи за сложени слики кога некои комплицирани информации како што се мапи, графикони и дијаграми треба да му/ѝ се пренесат на читателот/ката.
Ако се користат долги описи, тие ќе бидат видливи за сите бидејќи можат да се вметнат во соседниот текст или на посебна страница заедно со линковите кои на читателите/ките им овозможуваат навигација до нив.

Наслов (caption)
Насловот е видлива текстуална компонента што ја придружува сликата и дава дополнителни информации. Може во кратки црти да ја опише сликата или да даде контекстуални информации за изворот. Обично не ја опишува сликата во детали, туку наместо тоа работи заедно со сликата.
Во повеќето медиуми, насловот (caption) на сликата се пишува на сличен начин:
- Првата реченица ги идентификува луѓето и местото на фотографијата, како и датумот и местото каде што е таа направена
- Втората (и можеби третата) реченица треба да дадат контекстуални информации за да им помогнат на читателите да го разберат тоа што го гледаат
Насловот или caption го подобрува корисничкото искуство на целата веб-страница бидејќи посетителите прво го читаат насловот, поднасловите и описите на фотографиите, па дури потоа (можеби!) ќе го прочитаат текстот.

Насловот (caption) не е наменет да биде цел на SEO оптимизацијата, но е дел од оптимизацијата за вниманието на читателите/ките.
Ако зборуваме за дигитална пристапност, наслов или captions не е задолжителен, но задолжителен е описот (description) на фотографијата.
Илустрации
Илустрациите се графики чија цел е да го подобрат визуелниот изглед на статијата, а не пренесуваат никаква конкретна информација. Вообичаено тие не треба посебно да се опишуваат. Вакви примери често гледаме во медиумите со опис “илустрација”.
Илустрацијата нема голема SEO вредност, но ја прави веста поцелосна.

Кој е одговорен за пишување на описите и за оптимизација на сликите?
Пишувањето на описи на сликите може да биде долготрајно и да претставува предизвик, а ова особено се случува кога се користат посложени слики. Ако медиумот не може да си дозволи да има тим што ќе го следи поставувањето на сликите, тогаш со право се поставува прашањето кој треба да ги пишува описите.
Според статијата што е објавена на порталот International Journalist’s Network, пишувањето на описите на фотографиите е дел од работата на фотографот. Описот на фотографијата треба да му/ѝ ги даде на читателот/ката основните информации што се потребни за да се разбере фотографијата и нејзината важност за веста.
Професионални стандарди: јасноста, точноста и комплетноста во пишувањето на описот треба да бидат подеднакво високи или повисоки од кој било друг текст што се појавува во медиумот.
Лошо напишан опис може да го намали влијанието на добрата фотографија.

Вистина е дека авторот/ката на фотографијата најдобро разбира што има на фотографијата. Проблемот настанува кога на авторите/ките им недостига знаење за да ги напишат описите во согласност со правилата за оптимизација.
Една од можностите е оваа работа да им се препушти на експертите за определена област, под услов редакцијата да може да си го дозволи тоа.
Ова се елементите кои највеќе се запоставуваат во медиумите. Ако во редакцијата воведете работни процеси што ќе ви помогнат да поченете активно да ги користите описите на сликите, ќе бидете далеку пред конкуренцијата.
Колку е информацијата подостапна, толку е поголема веројатноста дека пошироката публика ќе ја пронајде и ќе ја разбере.
Ако медиумот има поширока публика, изворите за монетизирање на содржината се диверзифицираат.