Предвидувања за 2024 година: Видеозаписот ќе биде повеќе личен, пократок, попристапен и визуелно поуверлив

21.12.2023. / 09:17

Нема сомнение дека видеозаписот стана еден од клучните елементи на новинарството. Од година во година, предвидувањата се такви дека неговото влијание е исклучително значајно и дека денес е незамисливо да се занимавате со  новинарство а да не ја користите оваа форма.

Сè поголем број на публика се потпира на видео содржина за информирање, едукација и забава. Видеозаписот им овозможува на медиумите да ги презентираат приказните на динамичен и ангажиран начин, давајќи ѝ можност на публиката да ги доживее настаните од прва рака.

Условен од растот на интернетот, социјалните мрежи и технолошките иновации, видеозаписот стана клучна алатка на новинарството во свет кој копнее за моментални и визуелни моќни информации. Тој стана интегрален дел од новинарскиот наратив, обликувајќи го начинот на кој ги доживуваме и ги споделуваме вестите во современото дигитално окружување.

Добивање на вести преку кратки видеозаписи

Видеозаписите ќе бидат повеќе лични, пократки, попристапни и визуелно поуверливи без оглед на тоа дали тие доаѓаат од новинари/ки и издавачи или не.“наведува за Nieman Lab Julia Munslow, виша уредничка на платформата во The Wall Street Journal.

Токму поради тоа таа се одлучи да ги презентира нејзините размислувања за предвидувањата за 2024 година, наместо преку текст како повеќето други на Nieman Lab, преку видеозапис.

Snigdha Sur, основачка на групата The Juggernaut, предвидува дека голем број од публиката, особено помладите генерации, ќе ги користат TikTok, Instagram Reels или YouTube Shorts за добивање на вести. Тие ќе ја изберат платформата што е најбрза, наједноставна и највизуелна за резимирање на сложените теми.

"Редакциите кои нема да започнат да ги тестираат кратките видео формати нема да можат да ја ангажираат публиката која е гладна за информации во нестабилна политичка година."наведува таа.

Зборувајќи за потребата за тестирање на различни стретегии за кратките видеозаписи, групацијата Juggernaut планира да ги искористи следниве идеи:

  • претворање на некои од нивните уверливи, визуелно засновани статии во видеозаписи така што водителот ќе зборува за нив;
  • vox-pop интервјуа пред камера;
  • нивните писатели/ки (новинари/ки кои ги пишуваат текстовите) зборуваат за она што влегло во приказната.

Таа наведува дека 2024 година ќе биде критична година за вестите и за новинарството и најдобро е да допреме до луѓето токму таму каде што се“.

Трендови во видео содржините

Според маркетинг менаџерот Hazel Raolt, ова се трите трендови во видео содржините кои треба да ги следите во 2024 година:

  • Кратки видео содржини

Функциите како што се Instagram Reels, YouTube Shorts и слични, придонесуваат за големиот раст на популарноста на кратките видео содржини. Овие платформи мотивираат бројни брендови да креираат и да објавуваат кратки, забавни видеозаписи во вертикален формат. Извештаите покажуваат дека повеќето експерти/ки за маркетинг планираат да инвестираат значителни ресурси во овој формат. Видеозаписите кои се долги од 15 до 60 секунди се оптимизирани за мобилните feed-ови, што овозможува брзо и едноставно консумирање на содржините.

Според извештајот за маркетинг стратегијата и за трендовите на Блогот HubSpot за 2023 година, 90% од маркетинг експертите/ките веќе ги користат кратките видео форми за да ги зголемат или да ги одржат нивните инвестиции следната година. Овој тренд не може да се одвои од новинарството, па и тука ќе биде продолжена популарноста на консумирање на вести преку кратки видео содржини.

  • Видео содржини што се генерирани со вештачка интелигенција (AI):

Нема сомнеж дека видео содржините што се генерирани со вештачка интелигенција ќе се издигнат во 2024 година. Вештачката интелигенција ја револуционизира индустријата за видео продукција овозможувајќи автоматизација на целиот процес, вклучувајќи го и сценаристичкиот дел, монтажата и многу други работи. Голем број на компании за вештачка интелигенција веќе нудат низа на алатки со кои можете да креирате персонализирани AI аватари, гласови, јазик, акценти, како и целокупното креирање на неверојатни видеозаписи со веќе готови шаблони.

Сигурно и овој тип на видео содржини ќе влезе во новинарството, меѓутоа останува да видиме на кој начин, со оглед на тоа дека досега е забележан тренд на ширење на лажни вести преку користење на видеозаписи што се генерирани со вештачка интелигенција.

  • Подем на виртуелната и проширената реалност

Виртуелната и проширената реалност се технологии од кои се очекува да ја трансформираат индустријата за создавање на видео содржини во 2024 година. Овие технологии, кои брзо се шират надвор од игрите во областите како што е рекламирањето, нудат нови можности за создавање на возбудливи, вистински видеозаписи. На пример, AR може да ги интегрира интерактивните елементи во видеозаписи, со што на гледачите им нуди нов начин за интеракција со содржината. VR им овозможува на корисниците/чките уникатно искуство на патување и учество во настаните. Повеќе за VR, AR, MR технологијата, прочитајте во текстот во кој претходно ги опишавме и ја објаснивме нивната примена во новинарството.

Оваа технологија овозможува не само ангажирање на публиката туку и создавање на уникатни искуства кои ги надминуваат конвенционалните формати.

Како што можеме да видиме, предвидувањата за 2024 година укажуваат на продолжување на популарноста на кратките видеозаписи во новинарството, со акцент на создавањето на повеќе лични, пократки, попристапни и визуелно попривлечни видеозаписи кои се наменети за социјалните мрежи. Продолжувањето на ваквиот тренд на презентација на вестите одразува промена во преференциите на публиката, која денес повеќе го цени ваквиот тип на содржини во однос на текстуалните. Затоа, медиумите треба да обрнат внимание на овој тренд и да инвестираат средства за подобрување на оваа форма во новинарството. Инвестирањето во овој формат не само што ќе им овозможи на медиумите подобро да комуницираат со публиката, туку ќе ја обезбеди нивната долгорочна одржливост во дигиталната ера. 2024 година може да биде пресвртница за новинарството, каде кратките видеозаписи ќе станат норма, а не исклучок, а вештините за креирање на содржини во што е можно пократки црти ќе бидат повеќекратно ценети. На Балканот веќе гледаме некои примери за употреба на вертикалниот формат кои изгледаат ветувачки, но во 2024 година потребата од овие формати ќе биде уште поголема.

Оценете го квалитетот на статијата