Работа од дома како дигитален безбедносен предизвик

23.03.2020. / 09:02

Вонредните животни ситуации со кои моментално се соочуваме со пандемијата на вирусот COVID-19 ставаат пред нас различни предизвици. Имајќи предвид дека на сила се ограничено движење и работа од дома, сите во наредниот период ќе се среќаваме со различни предизвици, не само кога е во прашање ограничено движење, туку и кога зборуваме за дигитална безбедност.  

Секојдневен престој дома, а особено работа од дома, отвора врата за многу хакерски напади, разни ИТ главоболки и нови сајбер безбедносни предизвици. 

Иако работа од дома не е новост и таа е присутна веќе со децении, досега немавме ситуација голем процент од деловниот свет, па и од новинарската работа да се префрла во онлајн сферата.

Понатаму, неизвесно до кога нашите простори за работење, состаноци, тркалезни маси, интервјуа и други видови на работа ќе бидат преку малите (или малку поголеми) екрани од удобноста на нашиот дом. Од друга страна, оваа ситуација ги засилува тактиките на сајбер-криминалците кои се подготвени да ги искористат дигиталните безбедносни пропусти на работата од дома, за да ги нападнат вашите компјутери или податоци, а преку нив и компјутерскиот систем на вашата компанија.

Со оглед на предизвиците во обезбедувањето на окружувањето за работа и учење од дома, просторот за напад претставува атрактивна прилика за хакерите.

Напаѓачите веќе користат сајбер напади засновани врз корона вирусот, вклучувајќи разни напади на злонамерниот софтвер кои го вклучуваат Emotet и други закани. Неодамна е забележан APT (Advanced Package Tool) кој шири прилагоден и единствен тројански далечински пристап (RAT) кој ги зема сликите на екраните (screenshots), презема датотеки и уште многу работи. 

„Генерално, напаѓачите бараат ранливост за да го извршат својот напад. Во овој случај, стравот на луѓето од вируси е напад кој напаѓачите врз ранливоста ќе го искористат. Ако лицето е загрижено или под стрес поради вируси, помалку е веројатно дека ќе ги запомни стандардните безбедносни чекори и поверојатно е дека, на пример, ќе кликне врз врската на мејлот за кражба на идентитетот.“ – кажа за Threatpost, Крис Роте (Chris Rothe), главен директор за производот и коосновач на фирмата Red Canary.

Најголеми предизвици за работа од дома

Работата од дома во многу нешта ќе значи работа преку лични дигитални уреди, без оглед дали зборуваме за компјутери, таблети или пак за паметни телефони. Сите тие поседуваат голем број лични податоци кои во ваквите услови можат да бидат поизложени на ризиците. Медиумските редакции мора да го имаат овој сегмент предвид  и да направат план за заштита на личните податоци на своите новинари/ки. Изложени на ризиците на работата преку личните дигитални уреди секако можат да бидат и извори на информации и новинарски податоци кои повеќето новинари/ки ги поседуваат и на личните дигитални уреди. 

„Како безбедносен тим ја губите контролата врз окружувањето во кое корисникот/чката работи. Дали тие го обезбедиле домашното Wi-Fi? Ако користите личен компјутер, кои механизми морате да ги обезбедите за уредот да не биде загрозен? Во основа, вашите мрежни параметри сега ги вклучуваат сите домови на вашите вработени. Некои безбедносни програми се подготвени за тоа, некои не се." – наведува Крис Роте за Threatpost.

Во време на ширење на вирусот и секојдневните предизвици со кои новинарите/ките се соочуваат во известувањето, и стресот на кој не се имуни, голем предизвик е дополнително да се размислува и за дигиталната безбедност и за чување на новинарските податоци кои ги поседуваат. Меѓутоа, важно е да се зборува за оваа тема и да се направи обид да се остане дигитално здрав во секојдневното користење на интернетот. 

Нашиот совет е секако, без оглед на специфичностите на новинарската работа, сите медиумски редакции да го ограничат деловното движење на своите новинари/ки, и оние новинари/ки чија работа може да биде единствено во онлајн сферата, да останат дома и да работат од дома. Голем број интервјуа и видео прилози можат да се направат преку онлајн видео алатки.

Од клучна важност би било медиумските редакции да направат проценка на ризикот на работата од дома. Прашањата кои се важни за да им се постават на редакциите, доколку имаат посебни дигитални системи, се како тие системи да се поврзаат со куќните мрежи, и на кој начин да се обезбеди дигитална заштита на протокот на информации. 

Во наредниот период секако на нашата платформа ќе пишуваме за различни начини на дигитална заштита на новинарите/ките во новонастанатата ситуација. 

До тогаш секако ви препорачуваме да користите безбедни VPN врски, свртете внимание врз користење на SSL/TLS безбедна онлајн комуникација, вклучете двојна автентификација на вашите паметни телефони и налози кои ги поседувате, и користете енкриптирани мобилни апликации за комуницирање. За безбедни онлајн редакциски состаноци користете посебни апликации кои се направени наменски за групна и безбедна онлајн комуникација.

Ocijenite kvalitet članka