Scrollytelling-от преку ефектот на промена прави чуда во новинарството

09.01.2023. / 08:32

 

Раскажувањето како форма на медиумско презентирање на содржината постои откако постои и новинарството. Она што низ децениите се менувало е начинот на презентирање на овие раскажувачки приказни. Некогаш тие вклучуваа текст и фотографии во печатот, а денес претставуваат сѐ покомплексно и поцелосно доживување за публиката.

Со појавата на интернетот и со преминувањето на медиумите во онлајн сферата, овој простор им овозможи на новинарите/ките во една раскажувачка приказна да интегрираат повеќе формати. Па така денес можете во текот на една приказна да гледате видео изјави, да слушате аудио или пак да гледате инфографика. И сето тоа на едно место.

Онлајн медиумите и консумирањето на вестите на нивните веб-страници се соочуваат со проблемот на задржувањето на публиката, бидејќи денешната публика сѐ повеќе консумира вести на социјалните мрежи, а вниманието им е пократко од помнењето на златната рипка.

Токму поради ова, многу креатори/ки на содржини, но и веб развивачи/ки и дизајнери/ки бараат нови решенија кои ќе ја задржат публиката на нивните страници.

Можеби токму scrollytelling-от е тој што ќе ја врати публиката таму каде што ѝ е местото.

Прочитајте во продолжение на текстот како изгледа раскажувачката приказна преку scrollyteling, што вклучува таа, како и што претставува ефектот на промена и како тој може да биде корисен во новинарството.

Што е ефектот на промена?

Ефектите на паралакса или промена ја вклучуваат позадината на веб-страницата што се движи со различна брзина од содржината во преден план. Оваа визуелна техника создава илузија на длабочина што доведува до лажен 3D ефект при скролувањето.

Ефектите на промена можат да ја направат вашата веб-страница поинтерактивна и попривлечна, а вашите приказни колку и да се долги, можат да ја задржат публиката подолго отколку што можете да замислите.

Ефектот на промена е исклучително популарна карактеристика на дизајнот која сѐ почесто се користи на веб-страниците. Овој специјален ефект со години е присутен во светот на игрите, но дури неодамна се префрли во веб дизајнот.

Ефектот на промена во новинарството најмногу е видлив преку scrollytelling-от. Овој моќен креативен начин на поделба на приказната на сегменти со различни форми му/ѝ дава на корисникот/чката апсолутно ново искуство на читање и гледање.

scrollytelling
Извор: What Is Scrollytelling? Plus 4 Real Scrollytelling Examples (themeisle.com)

Кои се придобивките од користењето на ефектот на промена?

Бројни се придобивките од користењето на ефектот на промена на вашите веб-страници. Првиот и најочигледниот е визуелниот аспект од ефектот на промената. Ефектот на промената е естетски пријатен, а на вашата веб-страница ѝ дава свеж и  модерен изглед и впечаток. Тоа може да придонесе за корисничкото искуство да се биде на вашата страница да биде интересно и долготрајно.

Она што е главна карактеристика на овој ефект е тоа што тој ја дели страницата на помали читливи делови. На тој начин вашата приказна добива десетици делови, кои се нагласени и во кои се наоѓа различна содржина (текст, видеозапис, фотографија, графикони, инфографики и слично).

Ефектите на промена може да се користат на која било страница или објава на веб-страницата. Неверојатната визуелна промена која се создава и позитивниот ефект што го има врз корисничкото искуство можат да резултираат со подолго останување на посетителите на вашата веб-страница и да помогнат во подобрувањето на целите за стапката на конверзија на вашата веб-страница.

Ефектот на промена може да се користи за различни цели:

  • да го подобрите корисничкото искуство,

  • да го олесните процесот на прелистување,

  • да привлечете внимание на определени делови на веб-страницата.

Внимателно користете го ефектот на промена

Ефектот на промена е комплексен ефект. Многу различни фактори можат да влијаат на неговиот целосен перформанс и ефикасност.

За да го добиете соодветниот ефект со користењето на промените за време на читањето на текстот, обидете се да ги следите следните насоки:

  • Бројот на ефекти на промена сведете го на минимум

  • Ограничете ги ефектите на движење на мал дел од екранот

  • Вклучете опции за корисниците/чките да ги исклучат ефектите на промена

  • Не дозволувајте вашите ефекти да ги одвратат корисниците/чките од важните информации

На ефикасноста и на перформансите на ефектот на скролување можат да влијаат и следниве карактеристики:

  • Погрешниот временски распоред на слоевите може да го расипе впечатокот на ефектот на промената

  • Брзината на вчитување на веб-страницата може да влијае на ефектот на скролување

  • Ефектот на скролување работи за определени видови на содржина

  • Комплицираните анимации можат да ги фрустрираат посетителите/ките

  • Премногу скролување може да има негативен ефект

  • Анализирајте ја приспособеноста за мобилните уреди – оптимизирајте ги ефектите

  • Некои пребарувачи (стари) можеби не го поддржуваат ефектот

Ова се многу важни карактеристики што треба да ги следите при имплементирањето на ефектот на промена во вашите веб-страници.

Како ефектот на промена може да биде корисен во новинарството?

Ефектот на промена не е ништо друго туку scrollytelling што е дел од раскажувачките приказни на визуелно креативен начин.

kk
Извор: What Is Scrollytelling? Plus 4 Real Scrollytelling Examples (themeisle.com)

Scrollytelling-от ја претвора долгата приказна во интерактивно искуство. Аудио и визуелната содржина додаваат подлабок слој на значење, комуницирајќи го она што не може да се разбере само со зборови. Scrollytelling-от ги прикажува деталите од приказната на привлечен начин за да ја заинтересира публиката да продолжи да го чита целиот текст.

Scrollytelling-от е особено адекватен за приказна со јасна хронологија. Визуелното раскажување е она што ја нагласува приказната и ја вовлекува публиката во нејзиниот наратив.

Кон крајот на годината пишувавме за медиумот од Северна Македонија, Види Вака, кој со вклучувањето на ваков вид на раскажување успеа да го зголеми севкупното просечно време на посета и престој на страницата на 7 минути и 13 секунди, од претходните една минута и 24 секунди. И тоа само преку креирање на две приказни преку scrollytelling. Моќта на ефектот на промена е повеќе од видлив.

Иако на прв поглед може да изгледа дека scrollytelling-от на приказните значи ангажирање на професионалци/ки кои ќе креираат дизајн за ваквите приказни, ова во практика не мора да биде така. Доколку користите Wordpress за вашите веб-страници, денес можете да пронајдете голем број на теми кои можете да ги користите како готови шаблони во кои ќе го вметнувате вашиот материјал и ќе креирате неверојатни раскажувачки приказни.

Повеќето врвни теми на WordPress сега доаѓаат со вграден ефект на промена на почетната страница. Дури и бесплатната WordPress стандардна тема Twenty Seventeen доаѓа со функција на промена. Повеќето алатки за изработка на страници исто така вклучуваат алатка за ефект на промена, која ви овозможува додавање на ефект на која било страница или објава на вашата веб-страница. И секако, постојат бројни WordPress додатоци што можете да ги инсталирате за да ѝ ги додадете ефектите на промена на вашата веб-страница.

Ocijenite kvalitet članka