Шест месеци војна во Украина: За што пишувавме, што може да им биде корисно на медиумите за известување за војната

29.08.2022. / 08:35

Војната во Украина повторно му даде важност на известувањето од воените подрачја. Иако оваа војна не е единствената што моментално се води во светот, за нас војната беше дополнителна причина да напишеме серија на текстови кои имаа за цел да им помогнат на новинарите/ките во попрофесионалниот пристап кон известувањето за војната, да придонесат за поголема физичка, дигитална и ментална заштита на новинарите/ките како и да понудат ресурси и алатки кои можат да го олеснат истражувањето и известувањето за војната.

Во изминатите шест месеци откако трае крвавата војна во Украина, се обидовме да опфатиме различни перспективи на медиумското известување и да дојдеме до што порелевантни информации кои можат да бидат корисни за новинарите/ките од Западен Балкан.

Половина година војување остави, и сѐ уште остава, огромни последици врз украинското население, а милиони луѓе беа принудени да ги напуштат нивните домови. И иако не гледаме крај на руската инвазија на Украина, ги потсетуваме новинарите/ките на сите информации, ресурси и алатки што ги собиравме и ги обработувавме во претходните шест месеци.

Заштита на безбедноста на новинарите/ките при известувањето од воените зони

Првиот текст што го напишавме во март се однесуваше на директното известување од воените зони. Понудивме насоки за тоа што е важно да се земе во предвид при покривањето на воените судири и го свртевме вниманието на важноста на безбедноста на новинарите/ките и справувањето со траумата.

Во еден од текстовите особено внимание посветивме на дигиталната безбедност. Секоја екстремна ситуација, што најдобро можевме да го видиме преку COVID-19 пандемијата, ги зголемува дигиталните напади врз целото население, а особено врз некои одредени професии како што е новинарството. Многу новинари/ки кои истражуваат и известуваат за темите од голем јавен интерес, се соочуваат со сериозни дигитални напади кои често ја загрозуваат нивната безбедност, ги компромитираат важните информации и ги прават ранливи изворите на информации. Затоа ни беше важно да им понудиме совети на новинарите/ките за подобра дигитална заштита.

Global Investigative Journalism Network креираше список на неопходни чекори кои новинарите/ките треба да ги имаат на ум при известувањето од вонредни ситуации. Овој список се однесува на сите потребни документи кои новинарите/ките треба да ги имаат со нив, превентивните мерки што треба да ги преземат како и контактите на новинарски и други организации кои можат да им помогнат на новинарите во вакви случаи. Сите овие информации ги преведовме за да бидат корисни и достапни на јазиците на медиумите од Западен Балкан.

Обрнавме внимание и на начинот на кој се чуваат и се споделуваат информациите, бидејќи за некои заедници, како што се новинарите/ките, шифрирањето на податоците е особено клучно за да се заштитат информациите и изворите и да се сочува слободата на медиумите. Прочитајте повеќе за тоа како можете да ги шифрирате податоците со алатката BitLocker. Во текстот Енкрипција на мобилните уреди, прочитајте подетално како да ги шифрирате податоците на вашите мобилни телефони, без разлика дали користите iOS или Android уреди.

Алатки за борба против дезинформациите и други ресурси

Во свет во кој социјалните мрежи играат важна улога во секојдневниот живот на луѓето, обезбедувајќи голем број на можности за поврзување и за комуникација, но исто така и за креирање и за пласирање на информации, важноста на проверката на фактите станува клучна. Денес секој со помош на неговиот паметен телефон може да фотографира или да сними некој настан и на тој начин да стане креатор на вести преку социјалните мрежи. Од друга страна, милиони луѓе се изложени на невистинити, изманипулирани и лажни информации на социјалните мрежи, како што се Facebook, Twitter, Instagram или TikTok.

Преку текстот Во војна социјалните мрежи се уште поопасен терен за ширење на дезинформации, презентиравме кои се најчестите техники за лажирање и што можат да направат новинарите/ките и медиумите за да ги проверат фактите. Денес постојат голем број на алатки кои се креирани за да им помогнат на новинарите/ките да проверат дали информациите што ги добиле се лажни и дали видеозаписите или фотографиите се автентични. Денес постојат и многу добро развиени технологии за препознавање на лица, што секако може да биде корисно при истражувањето и проверката на идентитетот на одредени актери.

Интернетот ни овозможи пристап до огромна количина на информации. Како таков, значајно ја зголемува важноста на улогата на медиумот во проценката и во изборот на извори на информации што ги користиме. Со внимателна проценка, секој медиум обезбедува квалитет но и веродостојност на информациите што ги објавува. Во текстот Кои извори ги користеа медиумите од Западен Балкан за да известуваат за Украина пред почетокот на војната, даваме преглед на истражувањето направено од компанијата Pikasa Analytics на примерок од 2000 вести, за да прикаже појасна слика за тоа кои извори ги користат медиумите од Западен Балкан.

Уште една многу корисна статија преполна со дополнителни линкови и ресурси за подобро разбирање и истражување на руската инвазија на Украина е текстот што е оригинално објавен на Global Investigative Journalist Network, а кој ние, во соработка со нив го преведовме и го направивме целосно достапен на албански, македонски и БХС јазик. Во овој текст, преку перспективата на истражување на Русија ширум светот, можете да дојдете до важни информации за различните аспекти на политичкото влијание, за финансиите, за дезинформациите и проверката на фактите, за следењето на руските шпиони како и многу други корисни линкови.

Секоја војна со себе носи различен спектар на воени злосторства. По тој повод, пред неколку дена пишувавме за важноста на истражувањето за воените злосторства, па преку текстот понудивме алатки и ресурси кои можат да им бидат корисни на медиумите при истражувањето на оваа многу важна тема.

Користењето на мапи за прикажување на воените судири

Визуелизацијата на податоците и визуелното презентирање на содржините во медиумите сѐ повеќе е застапено и овозможува презентирање на комплексни податоци на публиката на многу едноставен и визуелно привлечен начин. Визуелизацијата на податоците преку мапи е добар начин за додавање на контекст што е базиран на географско презентирање. Постојат голем број на корисни алатки кои можат да ви помогнат да ги презентирате податоците за војната, бидејќи мапите се моќна алатка за презентирање на воени судири. За нив сме пишувале и порано, а издвојуваме некои од нив и овде, кои можете и сами да ги испробате и да видите како можете да ги користите во вашето известување.

Тоа се Arc Online, Carto, Mapbox, My Maps Google, BatchGeoTilegramsStoryMapJS и секако Flourish.

Интервјуа

Во овој период направивме и интервју со Olena Shevchenko, активистка за човекови права, особено за правата на LGBTIQ лицата во Украина, која сподели со нас колку е важно да се известува и за малцинствата во војната, бидејќи најчесто токму малцинствата се оние кои двојно повеќе се погодени од екстремните ситуации. Доколку новинарите/ките од Западен Балкан се заинтересирани да дознаат нешто повеќе за воениот живот на LGBTIQ лицата во Украина, можат да ги контактираат и организациите што таа ги препорача.

За да понудиме искуство од терен кое може да им биде корисно на новинарите/ките доколку се подготвуваат за известување од небезбедни области и области што се зафатени со војна, разговаравме со новинарката Вања Стокиќ. Таа оваа година известуваше од украинско – полската граница, а во разговорот понуди и совети како да се опфатат сите предизвици што се поврзани со логистиката, сместувањето и пронаоѓањето на соговорници/чки.

Потсетуваме и дека нашата хероина Маријана Бојаниќ напиша текст за првата анти-воена песна која им е посветена на децата од Украина. Со неа разговаравме за нејзиниот хуманитарен ангажман и користењето на позицијата на медиумот и неа како новинарка за хуманитарна помош и за собирање на средства за децата од Украина.

Се надеваме дека сите понудени ресурси и алатки им се корисни на оние за кои пишуваме, а тоа се новинарите/ките од Западен Балкан. Доколку постои тема за која сакате да дознаете повеќе, слободно можете да не контактирате со предлози.

Ocijenite kvalitet članka