Што е RSS или како да ја имате целата содржина што ве интересира на едно место?

09.12.2019. / 09:15

Секојдневно следиме голем број веб страници, портали за вести и блогови кои постојано објавуваат нови содржини. Повеќето луѓе ги следат содржините така што отвараат страница по страница и гледаат што е ново објавено, се задржуваат определено време  и одат на следната страница, повторувајќи ги до недоглед кликнувањата на новите страници.  Ова секако можете да го скратите така што во својот пребарувач ќе имате закачени табови од сите страници што ги следите. Меѓутоа, често пребарувачот може да ни биде претрупан со табови, па ни самите не можеме да се снајдеме. Замислете да следите преку 10 или 100 различни страници. Колку време ви треба за да ја отворите секоја и да ја прегледате новата содржина? Колку пати сте кликнале на некоја страница и немало нова содржина?

Што е RSS?

За да си заштедите време, и да ги имате на едно место вашите омилени сајтови со актуелните вести, можете да го направите тоа со помош на RSS. Програмите RSS ви овозможуваат на едно место да можете да го следите секој нов текст што ќе излезе. Информациите за нови текстови ќе бидат најчесто објавени во форма со наслов, краток вовед во текстот и веб страницата на којашто е објавен. Понекогаш се нуди и можност за читање на целиот текст токму тука. Но доколку не се нуди, а новата вест ве интересира, секако можете да кликнете врз веб страницата и да прочитате повеќе. Во поново време RSS читачите овозможуваат синхронизирање и поврзување со социјалните мрежи, меиловите и календарите.

RSS е кратенка од англискиот јазик - Really Simple Syindication – и всушност значи навистина едноставни вести. Значи, RSS е платформа која на едно место прибира најнови објавувања од страниците што ги имате зададено, и на едно место ви нуди преглед на најновата содржина. Додека сличниот пристап е можен со употреба на социјалните медиуми, нивното алгоритамско уредување на содржината, како и константна промена на истиот тој алгоритам е повеќе пречка за пристап до новите објави на страниците што ги следиме отколку предност. Поради тоа RSS е сѐ уште најдобрата опција за централизиран пристап до содржините на страниците кои секојдневно ги следиме.

RSS програми и сервиси

RSS технологијата е спас за повеќето луѓе. Станува сѐ потешко да се остане во тек со сите информации кои постојат на интернет и на вашите омилени страници. Ви ги претставуваме некои од најкористените RSS апликации.

Feedly

Feedly е многу едноставна апликација најпрво поради својот минималистички изглед. Едноставна е за користење и содржината ја претставува на едноставен начин, што овозможува лесен пристап до содржината. Бесплатната верзија вклучува до 100 следени извори, и можност за гледање на Youtube видеа. Постои и премиум верзија, чија годишна претплата чини 64,29 долари, и ви овозможува да ја делите вашата содржина со други луѓе, и интеграција на Evernote и Dropbox. На апликацијата Feedly можете да ѝ пристапите преку веб пребарувач, Андроид или iOS, што ја прави мошне достапна во секоја прилика, без оглед дали сте на пат, во редакцијата или дома.

Inoreader

Преку Inoreader можете да следите неограничен број страници, и да ги сортирате по фолдери. Една од добрите страни на оваа апликација е што вашата содржина може трајно да се снима, така што можете да се враќате наназад и повторно да го читате  одамна прочитаниот текст. Со премиум верзијата што ја плаќате 14,99 долари годишно, можете да ги следите постовите на социјалните мрежи, да поставите како сакате да ја сортирате и тагирате вашата содржина која ви се појавува во feed. Inoreader ви нуди и видео туторијал како поефикасно да ја користите оваа апликација, што ја прави супер апликација за лицата кои прв пат ги користат RSS апликациите. Достапна е за веб, Андроид и iOS.

News blur

News blur исто така има бесплатна и верзија што можете да ја платите. За бесплатната верзија добивате можност да следите 64 страници, да ги снимите и да ги споделите со пријателите/ките. Во платената верзија добивате можност да го пребарувате вашиот профил и да снимате приказни. Ви нуди можност тематски да сортирате по фолдери, и да следите колку што сакате страници. Премиум пакетот чини 36 долари годишно. Супер опција која News blur ја нуди е следење на вашите теми, и препораки за следење на страниците кои до тогаш не сте ги следеле а кои нудат информации за истата тема. Достапна е за веб, Андроид и iOS.

Bloglovin'

Bloglovin' спаѓа во RSS читачи со најпривлечен дизајн. Има едноставен формат со можност за оставање на коментари за секој пост. Вклучува и фотографии, поради што неговиот дизајн изгледа уште попривлечен. Содржината е поделена во категории, што ви олеснува пребарување на нови страници. Секако, и овој RSS читач ви нуди можност да си креирате фолдери и подоцна да се враќате на истите.  Одличен е фактот што овој читач е сосема бесплатен. Достапен е за веб, Андроид и iOS.

Feeder

Овој RSS читач е едноставен за користење, и вклучува интеграција на другите апликации кои можат да ја подобрат вашата продуктивност. Доколку ја користите оваа апликација на веб ќе мора да инсталирате бесплатна надградба на вашиот пребарувач. Ви нуди можност за читање на целиот текст или на краткиот опис. Постои бесплатна верзија, потоа Про план кој месечно чини 4,99 долари, или пак можете да изберете деловен план кој чини 15 долари месечно.

Selfoss

Доколку сте информатички потковани со знаење и сакате да го приспособите својот RSS читач посебно кон вашите потреби, тогаш оваа апликација е идеална за вас. Отворена е и бесплатна за симнување, што ви овозможува да си додадете свои додатоци и да ја направите ваша. Ви овозможува, не само да ги следите веб страниците, туку и луѓето на Твитер. Потребно е да ја инсталирате рачно на вашиот веб сервер.

The old reader

Со овој RSS читач можете да ги следите вашите пријатели/ки и автоматски ќе ви претстави што вашите пријатели/ки препорачале за читање. Исто така постои и можност да видите што други лица читаат, што претставува добар начин да откриете нови страници кои би можеле да ги следите. Постои бесплатна и премиум верзија. Бесплатната верзија дозволува следење на до 100 страници, како и да ја прочитате целата статија. Премиум чини 25 долари годишно и вклучува можност за следење на повеќе од 100 страници, можност за блокирање на огласи и подетално пребарување. Воглавно се препорачува за користење преку веб пребарувачи.

Feedreader

Feedreader е веб платформа која ви овозможува да уживате во содржината што ја сакате на многу поедноставен начин. Можете да ја погледнете во проширена или скратена верзија. Feedreader е бесплатен, и нуди можност за сортирање во различни категории, како и означување на текстови со ѕвездичка или како прочитани.

Flowreader

Оваа платформа овозможува во исто време да ги следите интернет страниците и да имате ваш feed од социјалните мрежи, што е супер опција на едно место да имате сѐ. Целосно е бесплатен и единствено можете да пристапите преку веб пребарувач.

Netvibes

Овој RSS читач овозможува да го приспособите така да можете да ги следите социјалните мрежи и страниците што сте ги избрале. Можете да поставите и да синхронизирате календар, листа со активности и е-маилови. Вип и премиум опцијата ви овозможуваат пребарување на статии, автоматско снимање, следење на теми и споредување. Можете исто така да ја делите содржината со другите. Основниот пакет е бесплатен, ВИП чини 2 долари месечно, додека премиум изнесува 649 долари месечно, и постои можност за добивање на Netvibes за тимот на барање.

Кој RSS читач да го користам?

Ви ги претставивме некои од најкористените RSS читачи во 2019 година. Иако секој од нив има некои исти опции, тие сепак се разликуваат. Кој RSS читач ќе го користите зависи од вашите потреби. Одделете малку време и пронајдете читач што ќе им одговара на вашите барања, бидејќи не можете да згрешите без разлика кој ќе го изберете.

Како може да им користи на новинарите/ките?

Во времето на хиперпродукција на содржините, на новинарите/ките им станува сѐ потешко да останат во тек со сите достапни информации. RSS читачите можат да ви заштедат време за пребарување низ страниците на кои пронаоѓате информации. Време е да престанете бескрајно да кликнувате и да ги освежувате страниците за да ја видите најновата содржина. Во оној момент кога ќе се појави нова содржина на страниците што ги следите, таа ќе се појави на вашиот feed од RSS читачот. RSS читачите се супер база за текстови и во било кој момент повторно можете да им се вратите и да добиете некои информации што ќе ви требаат. Не чекајте, одделете малку време, пребарајте ги овие десетина понудени и веќе денес направете ја својата база.

Ocijenite kvalitet članka