Што е TikTok и како може да се користи во новинарството?

10.02.2020. / 09:45

Минатата недела во текстот Трендови на социјалните медиуми во 2020 година кои се важни за новинарството ја спомнавме социјалната мрежа TikTok како еден од трендовите врз кои новинарите/ките би требало да го свртат вниманието во 2020 година. Бидејќи оваа социјална мрежа е во константен пораст, одлучивме да ѝ посветиме простор и да напишеме повеќе за нејзините можности, и како може да биде корисна за новинарите/ките.

Социјалната мрежа TikTok според најновите информации од јануари брои повеќе од милијарда корисници/чки и се претпоставува дека популарноста забрзано ќе расте во текот на 2020 година. Оваа социјална мрежа благодарејќи им на својот формат и содржината доживеа процут во текот на 2019 година.

Во декември 2019 година според SensorTower.com беше топ еден преземена апликација меѓу социјалните мрежи, со што сигурно го сврте вниманието врз себе и време е да дознаеме нешто повеќе за оваа многу млада социјална мрежа.

1

Што е тоа TikTok?

Социјалната мрежа TikTok потекнува од Кина и настаната е во септември 2016 година. TikTok им дава на корисниците/чките прилика да креираат, споделуваат и гледаат кратки видео снимки најчесто во времетраење од 15 секунди, но со можност за спојување на видеа во времетраење од 60 секунди. Првично е направена со идеја за креирање на кратки видеа за имитирање на пеење (lip-sync), комични клипови и пројавување на различни таленти. Значи, фокусот на содржината на TikTok е во споделување на кратки видео клипови кои најчесто се забавни и кои ги насмејуваат корисниците/чките. Голем број мемови и песни станаа популарни поради TikTok мрежата, и овој тренд дефинитивно ќе се продолжи и во 2020 година.

Но како што тоа вообичаено се случува со социјалните мрежи, темите и намената драстично се менуваат, па денес на TikTok можете да пронајдете различни теми, кои се оддалечуваат од првично замислените. 

Наменета е првично за помладата публика, за т.н. генерација Z. Според податоците од 2019 година околу 50% од корисниците/чките се помлади од 34 години, од кои 26% се помеѓу 18 и 24 години. 

Креирање на профилот и користење на мрежата TikTok

Содржината на оваа мрежа можете да ја прегледувате и без регистрација, но ако сакате да имате ваш личен профил преку кој сакате да комуницирате со другите корисници/чки, да објавувате содржина и слично, тогаш ќе морате да се регистрирате.

Кога ќе ја инсталирате апликацијата на вашиот телефон и ќе ја отворите, во долниот десен агол се наоѓа опција на која пишува Me (јас). Кликнете врз таа опција за да креирате профил. Ќе можете да се регистрирате со користење на вашиот број на телефон, мејл, или со користење на други профили што ги имате на социјалните мрежи, како што се Instagram, Facebook, Twitter.
Без оглед која опција ќе ја одберете, потребно е само да ги следите упатствата и мошне едноставно ќе се регистрирате на мрежата TikTok. Кога ќе се регистрирате, ќе можете секако подоцна да го менувате и доработувате вашиот профил, но запомнете дека името можете да го смените само еднаш во 30 дена. TikTok нуди и можност за поврзување на профилот со Instagram и со каналот Youtube.

Видео содржината ја прегледувате со скролување кон горе. Видеото можете да го коментирате, лајкувате, и да го погледнете профилот на лицето кое го објавило истото. За да додадете видео ќе биде потребно да кликнете врз + и автоматски ви се пали камерата на телефонот. Кога ќе кликнете врз снимање на видео, ќе имате можност да додадете различни филтри и ефекти, и токму тие две опции се она што ги привлекува корисниците/чките да го користат TikTok. Исто така можете да уфрлите и видео од вашиот телефон, и подоцна да додавате ефекти, звук и песни. 

Дали TikTok може да биде корисен во новинарството?

Се поставуваат многу прашања дали оваа социјална мрежа може да се користи за новинарството. Одговорот веројатно се крие зад логичноста на фактот дека секоја досегашна мрежа го користела и дефинитивно ќе го користи истиот за развој на новинарството во иднина. Имајќи го тоа предвид, многу е важно да се следи развојот на социјалните мрежи и креирање на новите, и да се гледаат потенцијалните можности за креирање на профили за вашите медиуми и користење на истите за пласирање на медиумската содржина и доаѓање до публиката. 

Washington post во 2019 година веќе го виде потенцијалот за доаѓање до новата публика преку  мрежата TikTok и моментално има 370.400 фанови. 

Интересен е фактот што меѓу американските медиуми веќе наголемо се зборува за вработување на млади луѓе кои всушност би придонеле за креирање на содржините на TikTok мрежата.

Сара Јасин, уредничка на вести во  BuzzFeed News, изјави дека ќе вработи три амбасадори/ки тинејџери/ки кои неделно ќе произведуваат видео клипови за TikTok или Instagram, засновани врз нивните страсти кон политичките теми и можностите за креативно раскажување.

„Го поврзувам BuzzFeed како медиум со многу иновации. Со нив (амбасадорите тинејџери) размислуваме како ќе изгледаат вести во иднина и се играме со таа визија“, изјави Сара Јасин. 
Кога зборуваме за медиумите во светот кои имаат профили на  мрежата TikTok, овие два дефинитивно не се осамени. NBC News моментално брои повеќе од 118.000 следбеници/чки и овој број секојдневно расте. MTV, Vice, BBC Radio 1, Guardian Australia, Vogue Italia, USA Today и многу други го гледаат потенцијалот на TikTok мрежата и веќе работат врз изградбата на своите профили. На овој линк можете да ја погледнете моменталната листа од преку педесет медиуми кои имаат креирани профили на мрежата TikTok.

Сите овие медиуми тестираат различни пристапи во снимањето на видео вести, од многу едноставни и забавни до сериозни теми како што се политиката и претседателските избори во САД. Ги користат оние алатки кои ги користат тинејџерите/ките кои најчесто и се корисници/чки на оваа мрежа. Тие користат ефекти, мемови, музика, промена на гласот и танц. 

„Генерално, доброто TikTok видео е она кое сакаш да продолжиш да го гледаш. Ако безволно ве сакаат, тоа е најголем комплимент кој можете да го добиете. Она што го прави TikTok толку извонреден е што можете да кажете Никогаш не сум размислувал за тоа (меме), но сегa би сакал да се обидам да ја направам својата верзија на тоа.“ – изјави Дејв Јоргенсон, видео продуцентот во Washington Post.  

Моментално, кога зборуваме за медиумските куќи на мрежата TikTok сѐ е во креирање на профилот, експериментирањето и воспоставувањето на конекцијата со корисниците/чките. Сѐ е во анализирањето на генерацијата Z и на кој начин би било најдобро, најкреативно да се креираат вестите преку кратки видео клипови за да дојдете до оваа публика.

TikTok веќе полека станува популарен и на Балканот, воглавно го користи иста возрасна група на луѓе како и во светот, и сѐ повеќе станува популарен и меѓу инфлуенсерите/ките. Медиумите во регионот сѐ уште не го гледаат потенцијалот за креирање на профил, но веруваме дека со сите спомнати информации од светските медиуми, ќе можат да добијат поширока слика и да размислат и овој тренд да го вкомпонираат во своите медиуми.

Во врска со тоа, TikTok дефинитивно може да игра важна улога во промената на моментално користените начини за пласирање на вести и може да придонесе за промена на користењето на социјалните мрежи и на нашите простори.
 

Ocijenite kvalitet članka