

Медиумите на заедницата имаат многу важна улога во едукацијата на општеството преку вестите, истражувачкото новинарство, solution новинарството, објаснувачкото и специјалното новинарство. Често се случува медиумот на една заедница да се создаде од потреба затоа што никој друг не сакал да се занимава со таа тема.
Што се медиуми на заедницата?
Медиуми на заедницата се оние медиуми во кои граѓаните работат за граѓаните, со тоа што некои од нив се професионалци, некои се студенти, некои од нив работеле како новинари/ки а некои од нив за првпат се среќаваат со работа во медиумите.
На сите што работат им се важни заедничките цели:
- да се биде вклучен во животот на заедницата
- да се работи во корист на општествената разновидност
- да не се работи исклучиво за профит
- да се остане независен од политичките партии и од институциите
- да им се овозможи на многу луѓе да учествуваат во медиумите и да научат нешто за нив.
Медиумите на заедницата се важни, затоа што благодарение на нив се слушаат многу јазици, се гледаат многу стилови и се дискутира за многу теми, а сето ова придонесува за разновидноста на медиумскиот простор. Советот на Европа ја препознава вредноста на медиумот на заедницата како исклучително важен извор на локална содржина, културна и јазична разновидност, медиумски плурализам, општествена вклученост и дијалог.
Медиум на заедницата може да биде која било форма на медиум што го создала и го контролира заедницата, со цел да ѝ служи на таа заедница. Ова може да вклучува радио и телевизиски станици, но и локални списанија, алтернативни медиуми или граѓански медиуми, онлајн и офлајн.
Традиционалната дефиниција за 'заедница' се однесувала на географски определена заедница.
Денес тоа може да биде заедница од интерес, особено меѓу ранливите групи во општеството. Така може да постои "заедница на жени претприемачи", "геј заедница" или "заедница на лица со попреченост", но и заедници кои се насочени кон луѓе од определена религија или политичко определување.
Што е важно за одржливоста на медиумот на една заедница
Клучот за опстанок на медиумот на заедницата е принципот: работете со она што го имате.
Лошата продукција, недостатокот на специфични знаења и вештини, недостатокот на опрема - ниту една од овие причини не треба да го спречи лицето да ѝ ја даде информацијата на заедницата.
Медиумите на заедницата се типично мали емитери кои се фокусирани на минимални трошоци, а пристапот до соодветната дистрибутивна технологија претставува предизвик.
Основната техничка опрема се набавува благодарение на донации, а работата често ја вршат волонтери.
Во публикацијата “Учеството се плаќа: Одржливоста на јавното емитување во перспектива” која за фондацијата Friedrich Eben Stiftung ја објавија David Lush и Gabriel Urgoiti, се наведуваат четири принципи за одржливост на медиумот на заедницата.
Сопственост и контрола на заедницата
Сопственоста на заедницата функционира и на практично ниво и на нивото на перцепција на заедницата.
Во некои случаи законски сопственик е самата заедница, преку здружение што е формирано за таа цел. Во други случаи законскиот сопственик е непрофитна група, невладина организација, општина... Без оглед на правната структура, акционерите од заедницата имаат право на глас во развојот на политиките и целите на емитерот, а членовите на заедницата имаат и чувство на сопственост и способност за обликување на медиумот за да им одговара на нивните желби и потреби.
Таму каде што управувачките структури се репрезентативни и процесите на донесување на одлуки се демократски, поверојатно е дека медиумот на заедницата ќе биде одржлив.
Учеството на заедницата
Учеството на заедницата е рецепт за создавање на медиум кој публиката го следи секој ден, а со кој членовите на заедницата се идентификуваат и го поддржуваат.
На медиумот му се потребни работи како што се опрема, ресурси и вештина за управување, администрација, продукција и емитување на содржина, но сето ова не може да биде доволно доколку не се постигне вистинско и трајно учество на заедницата. За медиумот да постигне успех и да се одржи во предизвикувачки ситуации каков што беше lockdown-от, неопходно е да се обезбеди учество на членовите на заедницата на сите нивоа. Ова вклучува активности во управувачките структури на медиумот, консултации за програмските теми и за форматите, обука, продукција и дистрибуција на програмата, истражување на публиката и финансирање. Кога зборуваме за принципот на непрофитност (кој ќе го споменеме подоцна), советите од сметководителот и од даночниот советник од заедницата можат да бидат клучни за функционирање на медиумот.
Вистинското учество создава силно чувство на сопственост бидејќи членовите на заедницата сами гледаат и разбираат како функционира медиумот.
Работа за општо добро
Содржината во медиумите на заедниците постои за да го поддржи и да придонесе за општествениот, економскиот и културниот развој на заедницата. За квалитетна услуга се смета онаа што:
- ги афирмира и ги зајакнува заедниците
- покрива теми кои се релевантни за заедницата
- поттикнува дискусија и дебата во заедницата
- го олеснува учеството на заедницата во производството и во ширењето на содржината
- обезбедува да се слушнат гласовите на маргинализираните, стигматизираните и потиснатите делови на заедницата
- нуди простор за перспективи и погледи кои обично не се изнесуваат преку главните медиуми.
Независност
Без оглед на тоа кој ги поседува, медиумите на заедниците треба да бидат независни од владата, од донаторите, од огласувачите и од другите институции. Тоа не значи дека немаат врска со тие институции или дека не можат да добијат средства од нив. Но, тој однос треба да биде транспарентен и не смее да ја загрози независноста на медиумите. Кога парите се во прашање, секогаш постои можност независноста да биде загрозена.
Затоа, финансиските односи треба да бидат регулирани со јасни и транспарентни договори кои го штитат непристрасното известување кое емитерите им го нудат на нивните заедници. Овие договори треба да функционираат внатре во границите кои се дефинирани со законот и со статутот или со водечките принципи на станицата.
Непрофитна структура
Непрофитната структура е важен начин за разликување на медиумот на заедницата од другите форми на медиумите и ги штити медиумите на заедницата од комерцијалните интереси.
Толкувањето на принципот на непрофитност е различно.
Во некои земји непрофитната структура е предвидена со закони кои го регулираат локалното радиодифузно емитување. Но, во земјите што немаат закони за медиумите во заедницата, некои медиумски иницијативи во заедницата функционираат како компании, но тие и понатаму ѝ ја нудат услугата на заедницата. Овој статус на непрофитна организација не значи дека медиумот не може да оствари приход од ралични извори (на пр. рекламирање, претплата на слушателите, придонес од членовите на заедницата, спонзорство, донаторско финансирање…).
Во вакви ситуации, одговорност е на медиумите да ја покажат нивната финансиска одговорност и транспарентност. Јавната одговорност создава доверба, а најверојатно е дека довербата ќе ја привлече поддршката на заедницата и на другите донатори.
Луѓето во стотици заедници, особено маргинализираните групи, со медиумите на заедницата добија инструменти за комуникација, што им овозможи да создаваат вести, информации и дискурс.
Зајакнувањето на луѓето со помош на медиумот на некоја заедница им помага да ги подобрат нивните општествени и економски околности, да се спротивстават на предрасудите и на расизмот, да станат поефикасно вклучени во демократскиот развој на нивната земја и да им дадат алтернатива на комерцијалните медиуми.