Што се SLAPP тужби против новинари/ки, медиуми и активисти/ки

19.04.2023. / 12:04

Стратешките тужби против учеството на јавноста (Strategic lawsuits against public participation - SLAPP) се користи систематски против јавните чувари на демократијата и владеењето на правото.

Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите го дефинира SLAPP какотужба што ја покренале моќни субјекти (на пр. корпорација, јавни функционери, деловна личност од висок профил) против невладините поединци/ки или организации кои изразиле критички став за суштинското прашање од некаков политички интерес или општествено значење.”

Тие вклучуваат обиди за цензура, заплашување и замолчување преку засилен судски процес кој најчесто е дополнително оптоварен со големи финансиски трошоци кои можат да доведат до откажување од судската борба, а во краен случај и до задушување на критиката. Значи, нивната цел е задушување на слободата на изразување за прашањата што се од јавен интерес.

Терминот SLAPP првпат е користен во академската литература во осумдесетите и деведесетите години од минатиот век, за да го опише феноменот на судскиот спор што има за цел да ја задуши критиката или политичката дебата за прашањата што се од јавен интерес.

Најчестите цели на овие тужби ги вклучуваат новинарите/ките, независните медиуми, граѓанското општество, невладините организации како и поединечните активисти/ки за човекови права. Нив најчесто ги тужат влијателни корпорации, богати поединци/ки, политичари/ки, политички партии па дури и владини тела. Клучната карактеристика на SLAPP-овите е нивната тенденција за префрлање на дебатите од политичката во правната сфера.

Овие типови на тужби претставуваат големи предизвици за слободата на печатот и за владеењето на правото.

Во годишниот извештај на Советот на Европа за 2021 година, регистрирано е ширење на злоупотребата на судските постапки против новинарите/ките во повеќе земји членки. Случаите се движеа од независните малтешки новински куќи кои беа тужени од различни бизнисмени, најчесто надвор од Малта, до приватните компании кои успеаја да цензурираат содржина преку судски забрани и тужби за клевета во Унгарија и Романија, но и кривичните пријави што ги подигнаа словачките власти против еден новинар поради неговото мислење за одредена верска тема.

Што ги карактеризира SLAPP тужбите

SLAPP тужбите ги карактеризира злоупотребата на постапката од страна на тужителот или прекумерните побарувања во работите во кои тужениот остварува право заштитено со устав.

Според професорот George W. Pring, чија работа прва ги идентификуваше и ги категоризираше SLAPP тужбите, постојат четири критериуми до кои се придржуваат овие тужби:

  1. граѓанска тужба или противтужба со која се бара паричен надоместок и/или забрана;
  2. тужба поднесена против невладина група или активисти/ки;
  3. тужба поради комуникација со избирачкото тело или со државното тело;
  4. тужба за прашањата што се од јавен интерес.

SLAPP тужбите се насочени во две насоки. Пред сè, зборуваме за последиците што ги чувствуваат обвинетите во текот на судската постапка, а потоа за последиците што ваквите тужби ги оставаат во јавноста.

Овие последици се рефлектираат во финансиските трошоци, времето на суд како и на психолошките последици поради стресното судско искуство. Ваквите процеси никогаш не ја вклучуваат само тужената страна, туку целата професија, како што е новинарската, бидејќи во ваквите процеси честопати се повикуваат други новинари/ки како сведоци во самиот процес.

Иако најчесто ваквите тужби се неосновани и се отфрлени на суд, фокусот е на создавањето на притисок врз новинарите/ките, медиумите или активистите/ките во текот на самата постапка како и на напад на нивниот углед.

SLAPP тужбите во земјите од Западен Балкан

На SLAPP тужбите се изложени сите оние кои укажуваат на пропустите на властите и известуваат за корупцијата и за криминалот. Бројот на стратешки тужби што се покренати во Европа од 2010 до 2021 година се зголеми од 4 на 111. Овој број е значително зголемен во текот на 2022 година и неколку месеци од 2023 година.

Според Индексот на Репортери без граници од 2022 година, земјите од Западен Балкан значително заостануваат зад повеќето земји-членки на ЕУ. Само една држава од земјите од Западен Балкан е членка на ЕУ, а заземените позиции се во опсег од 57-мата до 103-тата позиција.

Една од најголемите закани за слободата на новинарството во земјите од Западен Балкан во 2022 година се токму SLAPP тужбите, наведуваат медиумските организации од Европа.

Репортери без граници во извештајот наведуваат дека во Србија бизнисмените со проблематични врски со политиката и со политичарите свесно ги употребуваат SLAPP тужбите за да ги замолчат новинарите/ките и дека српското правосудство и општеството во тоа не гледаат никаков проблем. Извештајот покажува дека во текот на 2021 година во Србија се регистрирани 18 SLAPP тужби. А од 2010 до 2020 година во Србија се покренати најмалку 26 SLAPP тужби, од кои 22 против новинари/ки и медиуми.

Од 2016 до 2021 година, здружението БХ Новинари регистрирале околу 40 SLAPP тужби во Босна и Херцеговина, кои најчесто се карактеризирани како клевета. Специфичноста на SLAPP тужбите во Босна и Херцеговина е тоа што најчесто подносителите на тужбите се носители на правосудни функции. Како што наведуваат од Safejournalists.net, овој тренд укажува на намерата финансиски да се уништат медиумите.

Ниту Хрватска не заостанува со ваквиот вид на тужби, иако е членка на Европската унија. Напротив, состојбата во Хрватска е најлоша во регионот, па така во декември 2022 година биле активни дури 900 SLAPP тужби.

Сите овие се загрижувачки податоци, кои дефинитивно зборуваат многу за сериозноста на моменталната состојба во целиот регион и на страшниот удар врз слободата на медиумите и владеењето на правото. Со нејасни или непостоечки правни регулативи кои ќе ги заштитат оштетените страни и ќе ги контролираат неоснованите тужби, слободата на медиумите и активизмот во целиот регион се цел на моќниците кои ги користат SLAPP тужбите за да можат преку заплашување да ги продолжат нивните корумпирани дејствија и да ја задржат политичката моќ што води кон диктатура и загушување на слободата на медиумите и јавна критика.

Коалицијата против SLAPP тужбите во Европа (CASE) во октомври минатата година ги повика владите ширум Европа да ги креираат политиките и законската регулатива така што ќе ги штити новинарите/ките и другите јавни личности и организации од растечката закана од стратешките тужби против учеството на јавноста. Оваа коалиција е создадена минатата година токму од потребата да се преземат конкретни чекори за заштита на новинарите/ките и на другите актери. На првата анти-SLAPP конференција, коалицијата ја објави Анти-SLAPP декларацијата и повикот за акција со конкретни препораки за ЕУ, Советот на Европа, Европскиот парламент, земјите-членки на ЕУ и сите влади.

Ocijenite kvalitet članka