Што треба да има денес CMS-от за порталите за вести

31.03.2023. / 12:39
Автор/ка
Share
cms
cms

Порталите за вести денес се веб продавници.

Различни видови на претплати, купување на билети за специјални настани, купување на претплати за печат; сето ова се наоѓа на една платформа која испорачува десетици вести секој ден.

Не можеме да не се запрашаме како да се избере CMS за портал кој истовремено им го нуди најдоброто искуство на публиката, на купувачите и на огласувачите, а притоа медиумот да има оптимизирани текови на продукцијата и на промоцијата на содржините.

Сѐ во еден екосистем

Денес, уредниците/чките, новинарите/ките и менаџерите/ките на социјалните медиуми користат CMS и на сите им е подеднакво важна неговата едноставност во користењето.

Донесувањето на правилни технолошки одлуки е, вели Sanjay Ravindran главниот службеник за информирање на New Statesman Media Group (NSMG), клучно на два фронта.

Ги сакате најдобрите алатки за вашето работење, но уредничкиот тим, комерцијалните тимови, менаџментот сите треба да бидат сигурни во решението што го предлагате. И, сѐ повеќе и повеќе, тоа решение е модуларноста и способноста за менување, не нужно многу брзо, но ефикасно,” вели тој.

Постојат некои индустриски стандарди, но варијациите всушност се случуваат околу тоа како планирате да ја монетизирате вашата публика или дали определена страница има посебен USP [уникатен продажен предлог] на кого му е потребно нешто што не е достапно во решенијата на стандардот. Важно е всушност да разберете што е вашиот USP и потоа да изградите технолошко решение кое му одговора на тој USP.", додава Ravindran.

Mediahuis  поседува национални и регионални медиумски брендови во Белгија, Холандија и Луксембург, вклучувајќи ги De Telegraaf, NRC и Het Nieuwsblad. Исто така е сопственик и на Irish Independent. Од 2013 година, групата Mediahuis забрзано расте со спојувања и со аквизиции.

Директорот на Mediahuis, Koen Vandaele, вели дека тие имаат два водечки принципи:

  • создавање на економии со обем за да се намалат трошоците
  • забрзување на дигиталните иновации.

Најголемиот предизвик на Vandaele е правилното интегрирање на големиот број на окружувања.

Компанијата започна голем проект на воведување на целосно нов CMS, доведувајќи го целиот процес во еден нов екосистем, од создавање на содржини и управување до објавување и дистрибуција.

На прашањето што очекувате од CMS-от, Vandaele вели: “Кај нас тоа е сѐ од работата на новинарите/ките, олеснувањето на пребарувањето и на пронаѓањето на содржините, уредувањето, збогатувањето со видеозапис, со аудио, со подкаст, со метаподатоци.”

Она што се очекува од еден CMS денес е екосистем што секој медиум ќе го креира според неговите потреби.

Како да се избере најдобриот CMS за порталот за вести

Постојат неколку работи што ги издвојуваат најдобрите CMS-и од толпата.

Тоа се брзината, сигурноста, интеграцијата на додатоците како што е дистрибуцијата на содржината преку повеќе канали, автоматизацијата, модуларните елементи, оптимизацијата и скалабилноста.

Во продолжение кратко дискутираме за секој од нив пред да преминеме на нашата листа.

Време на вчитување и сигурност

Брзината на вчитување на страницата е важна бидејќи влијае на оптимизацијата, може да го одреди рангирањето на веб-страницата на пребарувачите, а влијае и на стапката на напуштање на страницата.

Според Google, стапката на напуштање на почетната страница се зголемува за 32% по само три секунди од вчитувањето на страницата. За пет секунди тој број се искачува на 90%. Овие бројки покажуваат колку е важна брзината на страницата во оваа дигитална ера.

Дистрибуција на содржината преку повеќе канали

Социјалните мрежи се еден од водечките извори на вести. Многу читатели/ки вестите ги добиваат исклучиво преку социјалните мрежи. Со толку голем удел на читатели/ки што се распоредени на повеќе платформи, на медиумите им е важно објавувањето на содржината на повеќе канали истовремено.

Важен елемент за CMS-от е дека може да го поедностави овој процес, ако е можно со еден клик.

Модуларност

Колку помалку креаторот на содржините треба да се грижи за кодирањето, толку е попродуктивен во креирањето на содржини. Модуларните блок елементи можат да ја намалат количината на труд што е потребен за дизајн и за интерактивност на содржините.

Со помош на модуларните елементи за вградување на мултимедија (слики, аудио, видеозаписи) се додаваат само неколку кликови. Притоа нивното вчитување не ја намалува брзината на веб-страницата.

Овој елемент е исклучително важен ако знаеме дека просечно голем портал за вести објавува околу 50 вести дневно.

SEO

На цената на рекламниот простор во медиумот влијае бројот на посетите. За бројот на посети придонесува и SEO оптимизацијата. Затоа секој CMS треба да има опции кои ќе ја олеснат SEO оптимизацијата на секој дел од содржината.

Зошто е важно SEO оптимизацијата да биде дел од CMS-от, а не посебна алатка која не е тешко да се интегрира во системот? Бидејќи таквите алатки го забавуваат вчитувањето на веб-страницата. Со тоа ја губиме брзината на работата на веб-страницата и брзината на работата на луѓето што ја користат алатката.

Скалабилност

Најдобрите CMS-и растат со издавачот. Ако штотуку покренувате портал, веројатно не знаете веднаш како ќе функционирате после една година. Не знаете дали ќе ви требаат поголем број на категории, дали ќе им понудите претплата на читателите/ките и дали можеби ќе почнете да снимате подкаст. Но, сигурно знаете дека сакате едноставна интеграција ако е тоа можно, без премногу скапи програмерски решенија или уште полошо да зависите од достапноста на веб-развивачите.

CMS-от треба да може да се приспособи на растот на медиумот без да предизвикува проблеми и премногу големи трошоци.

Број на корисници на CMS-от

CMS-от не смее да го ограничува бројот на соработници.

Како што ќе се шири редакцијата, можеби ќе биде потребен дополнителен персонал, а добриот CMS треба да им обезбеди непречена работа на сите. И тоа без забавување на веб-страницата и отежнато вчитување додека се работи во CMS-от.

Разбирање на податоците

За да се дознае која содржина функционира, и уште поважно, зошто таа функционира, има сѐ повеќе барања за податоци. Уредниците/чките на почетната страница врз основа на податоците во реално време одлучуваат што ќе оди на почетната страница на медиумот, а што ќе избришеме. Успехот на презентацијата на вестите може да се измери благодарение на податоците. Податоците се еден вид на упатство за понатамошно постапување со вестите.

Изборот на CMS за еден медиум е сериозна работа која бара одлично разбирање на потребите и на процесите на еден медиум. Планирањето и одлучувањето бараат време, но дури и тоа е полесно од менувањето на CMS-от додека медиумот работи со полн капацитет.

Ocijenite kvalitet članka