

Прво објективно, па неутрално, потоа транспарентно, а сега и солидарно новинарство.
Можеби се прашувате: “Кога ќе ја работиме работата, ако постојано трчаме по нови знаења и трендови?”
Солидарното известување не е новост или ниша.
Тоа одамна постои во медиумите, но неговата застапеност повеќе е како “инцидент” отколку секојдневна практика во редакцијата.
Солидарното известување најчесто го дели тенка линија од сензационализмот, а тоа не треба да биде така.
Што е солидарно новинарство?
Солидарноста во новинарството значи дека новинарите/ките се залагаат за основното човечко достоинство и против страдањето, а се практикува преку проценување на вредноста на вестите, пронаоѓање на изворите и опишување на доживеаните искуства на луѓето што живеат во неправедни услови.
Накратко, ова може да биде одговорот на прашањето што е солидарно новинарство што го дефинирала д-р Анита Варма, асистентка на катедрата за новинарство на Универзитетот Тексас во Остин.
Според нејзините зборови, солидарност во новинарството е усогласеност со прецизното известување, за разлика од „обостраноста” или сомнителното повикување на неутралност пред човечкото страдање.”
Солидарното новинарство му се спротивставува на неутралното “избалансирано” известување и ја фаворизира објективноста, затоа што смета дека не треба да се расипуваат наративите на човечкото страдање со барање на мислење од оние луѓе кои не го доживеале страдањето за кое новинарот/ката известува.
Како новинарот/ката може да биде солидарен/на ако не знае со што треба да сочувствува?
Во нашите медиуми секојдневно имаме примери за несолидарно новинарство во кои ги слушаме политичарите како им кажуваат на луѓето кои ги изгубиле домовите, семејствата, работата или правото на лекување, да бидат трпеливи бидејќи ете се работи на тој “проект”.
Самиот факт дека животната борба на еден човек (или заедница) е само проект за некој друг, покажува дека во известувањето постојат лоши избори на соговорници и на извори.
Според концептот на д-р Варма, новинарството главно се занимава со солидарноста на новинарите/ките – субјектот за кој се известува, затоа што новинарот/ката ја прифаќа целта на маргинализираните во борбата за социјална правда. Постојат и други начини:
- Новинарско – новинарска солидарност
- Општествено – новинарска солидарност
Сите три типа на солидарност треба да дејствуваат усогласено.
Солидарноста на новинарите/ките и на субјектите ја поддржува социјалната правда и хуманоста. Како што тврди д-р Варма “намерно се оди подалеку од повторувањето на тврдењата на функционерите или на надворешните експерти за маргинализираната заедница, за да се централизира вистината на луѓето чие знаење се базира на доживеаното искуство.”
Понекогаш новинарите/ките засилуваат одредени гласови во однос на другите, создавајќи натпревар помеѓу жителите на заедницата кои се нурнати во вниманието на локалните и на националните медиуми. Новинарите/ките често разговараат со најгласните, со оние кои ги перцепираат како лидери или со оние кои можат да дадат брз, уверлив цитат. Тогаш вестите можат да имаат несакани последици како што се сомневање, претпазливост и создавање на конфликти меѓу жителите.
Кристина Мислан, вонредна професорка на студиите по новинарство на Missouri School of Journalism во текстот “Solidarity journalism: An alternative practice” го сподели нејзиното искуство на покривање на темата за природни катастрофи преку солидарно новинарство.
“Спроведување на истражување откако нелокалните новинари/ки се спакуваа и си заминаа не е лесна задача. Многу новинари/ки веќе практикуваат праведни форми на раскажување. Но, во известувањето за катастрофи честопати се потпираат на методи за собирање на вести кои можат да имаат штетни последици во погодените заедници откако ќе заминеме.”
Во вестите за климатските и за еколошките катастрофи, најчесто ги гледаме најгласните, негативците, протагонистите, апокалиптични приказни и хаос. Катастрофата станува леќа низ која ја гледаме заедницата.
Мислан нагласи дека “во овие околности им нагласувам на соговорниците/чките дека ми е битно да ја раскажам приказната која го одразува тоа како тие се гледаат себеси. Во интервјуата ги прашувам што е тоа што го сметаат за релевантно, што сакаат остатокот од светот да знае за нивната заедница и што гледаат во нивната иднина.”
Ги интервјуирав локалните новинари/ки за климата и за животната средина. Мери, локална новинарка која се занимава со еколошка правда, истакна некои од пристапите за собирање на вести кои ги има усвоено за да ѝ врати на заедницата што ја покрива:
“Важно е да започнете да ја менувате динамиката и начинот на кој разговарате со жителите и како ги споделувате нивните приказни. Она што се обидувам да го направам кога ја покривам заедницата е да ги посетувам и да разговарам со нив почесто отколку што всушност ги покривам. Не е секој разговор за медиумите. Исто така, настојувам во разговорите да ги прашам што им е битно за да го споделат со другите и што прават за да го решат проблемот. Често новинарите/ките само се фокусираат на тоа дека ова подрачје има голем проблем. Но, многупати, лидерите на заедницата всушност имаат многу јасни цели, начини за решавање на овие проблеми кои не се решаваат или работи кои веќе ги прават. Затоа се обидувам да ги вклучам тие иницијативи во моето известување за да покажам каква моќ има заедницата.”
Новинарката Мери тврди дека се обидува да биде поотворена со луѓето и да ги прашува дали има нешто што им е непријатно, а веќе го кажале претходно. Луѓето не се навикнати на тоа медиумите да разговаарат со нив, па затоа можноста да им се даде таква шанса исто така помага во градењето на довербата.
“Тоа го сметам за надлежност на репортерот/ката. Често државните службеници ќе ви дадат повеќе информации отколку што ѝ даваат на заедницата. Затоа се обидувам, барем во моите приказни, да пронајдам некок исечок кој можеби заедницата не успеала да го открие сама, така што моето известување всушност ќе ѝ помогне на заедницата, а не само на луѓето што се надвор од заедницата кои читаат за проблемот.” - изјави новинарката Мери.
Ја наведов оваа новинарска приказна затоа што во неа ги имаме сите елементи на солидарност што треба да ги има новинарството: солидарност со колегите/шките, со луѓето, со животната средина, со заедницата во која живеете и работите.
Како солидарното новинарство да се примени во практика?
Solidarity Journalism Initiative им нуди на новинарите/ките различни ресурси како помош при воведувањето на солидарното новинарство во секојдневната практика.
Според оваа иницијатива, клучните аспекти на солидарноста во известувањето вклучуваат:
- Донесување на одлуки за вестите врз основа на проценката “дали се омаловажува достоинството на заедницата.”
- Центрирање на перспективите на изворите кои знаат најмногу за проблемот или за настанот. Кога ги покриваме маргинализираните заедници, тоа значи дека треба да се започне со ставовите на членовите на маргинализираните заедници – наместо известувањето да се насочи кон надворешните “експерти” или службеници.
- Да се вклучат гледиштата на сите оние врз кои влијае проблемот.
- Поставување на стандарди за вистината врз основа на доживеаните искуства на луѓето. Ако заедницата гладува, а владата го негира тоа, доживеаните искуства на луѓето за гладувањето се земаат како вистинити, а владините тврдења дека никој не гладува се третираат како лага.
- Презентирање на консензус на сите засегнати: на пример, дури и покрај сериозното несогласување за улогата на полицијата во американските заедници, разговорите што се базираат на идејата дека луѓето сакаат да бидат безбедни е едно место каде што можеме да видиме дека се појавува консензус. Останува спорно како изгледа безбедноста и како таа да се постигне, но солидарноста во новинарството значи дека новинарите не презентираат само поделби, туку и го детектираат и го артикулираат договорот, кој е усогласен со информирањето на читателите/ките наместо дополнително да ги поларизира.
Солидарното новинарство е она што најдоброто новинарство секогаш го правело:
- инсистираат на презентирање на вистински наративи,
- ги засилуваат изворите кои имаат најдобар увид во проблемот
- ги искористуваат јавните средства за комуникација во служба на пренесување на навреди на човечкото достоинство.
Солидарноста не е еднонасочна улица. Не е ниту двонасочна. Тоа е повеќедимензионална улица во која сите актери на солидарноста работат заедно за општото добро, а солидарното новинарство функционира како медиум помеѓу сите нив.