Трендови на социјалните медиуми во 2020 година кои се важни за новинарството

03.02.2020. / 09:13

Новите медиуми обидувајќи се да останат во чекор со развојот на технологиите од година во година драстично се менуваат. Во светот на дигитализацијата, сѐ повеќе се оддалечуваме од класичните медиуми, како што се печатот и телевизијата, а се свртуваме кон медиумите во онлајн сферата. Онлајн сферата стана примарен извор за доаѓање до информации, особено користењето на социјалните мрежи. 

Имајќи предвид дека социјалните мрежи така често се менуваат и дека сѐ повеќе и повеќе се користат, за новинарите/ките, и генерално медиумските куќи, е неопходно да бидат во тек со промените и трендовите. Медиумите се тука да ѝ дадат релевантни и интересни информации на публиката, но доаѓањето до тие информации наголемо е сменето со доаѓањето на социјалните мрежи.  

Социјалните мрежи како главен извор на информации

Сѐ повеќе сме сведоци дека дури и класичните медиуми, печатот и телевизијата, ја сфаќаат важноста на социјалните медиуми и креираат свои профили на нив. Од друга страна, не постои онлајн портал кој покрај својот веб домен нема веќе креиран профил на социјалните медиуми.

Фред Тарнер во новата книга на Петар Јандриќ „Знаењето во дигиталното доба“ објавена во 2019 година, коментирајќи ги новите медиуми зборува за драматично забрзување на прибирањето и ширењето на вести, како и за драматичното диверзификување на бројот и видот на луѓе кои можат да воочат работи кои би можеле да се вклопат во категоријата на вести и да ги прошират, олеснувајќи им на новинарите/ките да дојдат до дел од информациите од целиот свет. 

Имајќи го ова предвид, на новинарите/ките социјалните медиуми наголемо можат да им го олеснат доаѓањето до различни информации кои можат да бидат од општествено значење. 

Фактот дека токму преку социјалните медиуми, како Facebook и Twitter најмногу се споделуваат информации, не е ни чудно што социјалните мрежи даваат голем потенцијал за доаѓање до информации, и ширење на медиумската содржина. Трендот на преземање на информации од социјалните мрежи од јавни личности како што се политичари/ки, активисти/тки, инфлуенсери/ки, е присутен наназад неколку години. Наголемо веќе вестите се креираат врз основа на еден твит или фејсбук статус. 

Меѓутоа, треба да се остане внимателен кога се во прашање социјалните мрежи, бидејќи е во пораст и трендот на лажни вести, кои се шират со големa брзина. Одговорноста на медиумите да ги проверуваат информациите до кои доаѓаат на социјалните мрежи е многу важна и би требало секогаш да ја имаат на ум.

Постои голем број на идентификувани трендови на социјалните медиуми за 2020 година. Од повеќе начини на купување, користење на вештачка интелигенција (AI), преку промена на влијанието на инфлуенсерите. Меѓутоа, кога зборуваме за новинарството според нашето мислење, медиумите на Балканот би требале да го свртат вниманието барем на овие три тренда, кои дефинитивно можат да придонесат за вашиот медиум.

Социјалната мрежа TikTok продолжува да расте

Социјалната мрежа TikTok потекнува од Кина и настаната е во септември 2016 година. TikTok им дава на корисниците/чките прилика да креираат, споделуваат и откриваат кратки видео снимки најчесто во времетраење од 15 секунди, но со можност за спојување на видеа во времетраење од 60 секунди. Првично е направена со идеја за креирање на кратки видеа за имитирање на пеење (lip-sync), комедија и видео за пројавување на различни таленти. Но, како што тоа се случува со социјалните мрежи, темите и намената драстично се менуваат, па денес на TikTok можете да најдете различни видео клипови. Наменета е првично за помладата публика, за т.н. генерација Z.

Според податоците од 2019 година повеќето корисници се на возраст до 24 години старост.

Социјалната мрежа TikTok според најновите информации од јануари брои повеќе од милијарда корисници/чки и се претпоставува дека популарноста забрзано ќе расте во текот на 2020 година. Оваа социјална мрежа благодарејќи им на својот формат и содржината го доживеа својот процут во текот на 2019 година. Фокусот на содржините на TikTok е во споделувањето на кратки видео клипови кои најчесто се забавни и кои ги насмејуваат корисниците/чките. Голем број на мемови и песни станаа популарни поради мрежата TikTok, и овој тренд дефинитивно ќе продолжи  и во 2020 година. Се поставуваат многу прашања дали оваа социјална мрежа може да се користи за новинарство. Одговорот веројатно се крие зад логичноста на фактот дека секоја досегашна мрежа му користела и дефинитивно ќе му користи на развојот на новинарството во иднина. Washington post во 2019 година веќе го виде потенцијалот на доаѓањето до публиката преку TikTok мрежата и само за 3 месеци привлече повеќе од 78.000 фанови. 

Подолг формат на видео и зголемување на времето на гледање на видео записот 

Нема сомнеж дека видео клиповите станаа секојдневие на сите луѓе кои имаат паметни телефони. Секојдневно прегледуваме голем број кратки видео клипови, без оглед дали се работи за забавни и смешни видеа или за исечоци од прес конференции, седници на влада или информативни медиумски видео прилози. Меѓутоа, во текот на 2020 година е забележан растот на времетраењето на клиповите кои воглавно се движеа до 30 секунди. Дури и општествените мрежи, како Instagram, воведоа нови опции (IG TV) кои ви овозможуваат да поставувате подолги формати на видеа.

Според маркетинг агенцијата Zenith луѓето во моментов поминуваат 84 минути на ден гледајќи видео записи. Студијата што ја направија зборува дека овој број до 2021 година би можел да се зголеми на 100 минути во текот на еден ден. Во овие 100 минути гледање на видео записи се пресметани клипови на социјалните мрежи, како што се Instagram и Snapchat приказни, кои секојдневно ги гледаат повеќе од милион корисници/чки. Приказните на Instagram имаат повеќе од 500 милиони дневни корисници/чки, и овој број исто така секојдневно расте. Доколку се земе предвид растот на мрежата TikTok може да се очекува дека бројот на минути кои корисниците/чките ги поминуваат гледајќи видео записи ќе расте и преку овој број. 

Креирање на подкасти е во пораст

Медиумите во светот, но и на Балканот, сѐ повеќе увидуваат дека низ формата на подкаст можат да привлечат голем број публика. Минатата година пишувавме за темата подкасти, и преку примери на некои балкански медиуми зборувавме за видови подкасти кои можете да ги покренете. Најнов пример на медиум од Балканот кој се одлучи да ја покрене оваа форма на содржина е порталот Krik од Србија. Имајќи предвид дека е во пораст времето кое се поминува во гледање на видео записи, овој формат, иако воглавно е базиран врз аудио форматот станува сѐ повеќе популарен. Сѐ помалку се читаат вестите и сѐ повеќе публиката сака да слуша за различни теми. Во врска со тоа, производството на подкаст емисии дефинитивно ќе отвори нов простор во новинарството.

Заклучоци

Социјалните мрежи ќе продолжат да се менуваат и нивната употреба во медиумите ќе биде сѐ поголема и поголема. Имајќи го тоа предвид, ви советуваме колку е можно поскоро да размислите за трендовите кои се пред нас и да ги вкомпонирате во вашето новинарство. 

Оваа листа секако не е конечна кога се во прашање трендовите на социјалните мрежи, но секако можат да дадат појасна слика за важноста на искористувањето на сите потенцијали кои тие можат да ви ги понудат. 

Вашата публика ќе бара да се прилагодите и да внесете свежина во вашите редакции. Преку креирањето на нови формати секако ќе ја задржите досегашната публика, но ќе дојдете и до новата.
 

Ocijenite kvalitet članka