Truepic Vision како водечка платформа за проверка на автентичноста на фотографии и видео записи

27.01.2021. / 09:05

Живееме во 21-от век во кој технологијата енормно брзо напредува а вештачката интелигенција ги достигнува своите врвови. Од друга страна, дезинформациите, манипулациите со видео и фотографија стануваат сé повеќе присутни во сферата на онлајн медиумскиот простор, така што понекогаш нѝ изгледа дека не можеме да разлачиме што е автентично. 

Дали сте го виделе Барак Обама како го нарекува Доналд Трамп „целосно срање“, или  Марк Цукерберг како се фали дека има „целосна контрола врз украдените податоци од милијарди луѓе“ или можеби сте го погледнале видеото во кое Џон Сноу трогателно се извинува поради стушениот завршеток на Играта на тронови? Доколку одговорите се потврдни, тогаш она што сте го виделе е манипулација со видео, односно „дипфејк (deepfake)“.

Лицата кои се занимаваат со креирање на ваква содржина користат форма на вештачка интелигенција која се нарекува длабоко учење за изработка на слики за лажни настани, па оттаму и називот дипфејк.

Со оглед на тоа што новите техники им овозможуваат на неквалифицираните луѓе да направат длабоки лажни слики со грст фотографии, лажните видео записи стануваат сé повеќе проширени. Неретко се користат за создавање на дипфејк порно видео записи, користејќи ги познатите ѕвезди. Даниеле Ситон, професорката по право на Бостонскиот универзитет вели дека „дипфејк технологијата се користи како оружје против жените“.  Дипфејк може од ништо да создаде уверливи, но во целост измислени фотографии и видео записи.

Технологијата Truepic Vision за борба против дипфејкот

За да се бори против лажните видео записи и фотографии, компанијата Truepic која е основана во 2015 година, ја креирала технологијата Truepic Vision која низ годините се развивала и денес претставува една од водечки за откривање на лажни фотографии и видео записи.

„Ме погоди тоа што постојат сите овие апликации кои се занимаваат со манипулација со слики или лажни поставки на локацијата и времето“, вели Крег Стак, основачот на Truepic.

Денес примарната мисија на компанијата е да користи алатки за проверка на слики за да ги идентификува и да се бори против застрашувачките форми на дезинформации, особено оние кои доаѓаат од лажните налози на социјалните мрежи.

„Truepic Vision е платформа за дигитален преглед која дава брз и прикладен начин за примање на проверени, сигурни слики. Ви нудиме ист сигурен резултат како и традиционалните прегледи, освен што ги извршувате виртуелно, со што штедите време, пари и продуктивност во процесот.“ – наведуваат на својата веб страница.

Мета на оваа апликација се токму дипфејковите, лажните вести кои се користат со вештачка интелигенција во основа и ги создаваат застрашувачки реалистичните видео записи и фотографии.

Софтверот на Truepic анализира сé што е во врска со сликата, вклучувајќи ги мета податоците како што се оние кога и каде е снимена истата, и со помош на наменскиот начин на работа во апликацијата на камерата дали со истата е манипулирано на кој било начин. По завршување на анализата апликацијата ги вградува проверените податоци во датотеката на фотографијата, овозможувајќи им на примателите самите да ја утврдат автентичноста на фотографијата.

Како медиумите можат да ја користат оваа технологија

Денес сите имаат паметни телефони и неретко се случува граѓаните/ките да бидат оние кои ги снимаат првите снимки или фотографии од некој настан и ги поставуваат на социјалните мрежи. Стана вообичаено медиумите да се користат со тој материјал во креирањето на вести, но она што ги прави несигурен материјал е непровереноста на нивната автентичност. Иако првично е направена како автентична снимка, во интернет сферата мошне брзо станува престорена во различни манипулации кои понатаму прават дезинформација.

Truepic Vision им овозможува на новинарите/ките и редакциите брзо и сигурно да ја проверат содржината што ја добиваат од својата публика, и на тој начин да определат дали некој манипулирал со видео или фотографија. Со тоа се овозможува директно верифицирање на материјалот низ системот на проверка на автентичноста.

potnldu

На веб страницата на оваа технологија, опишано е како Truepic Vision работи во три едноставни чекори:

  • Испратете барање за снимање на слики до вашиот извор 

Вашиот извор го прима текстот или мејлот со линк кој го насочува на апликацијата Vision. По преземањето на апликацијата може да почне да ја користи без потреба за пријава или регистрација. 

  • Изворот безбедно ги снима сликите со помош на апликацијата Vision

Вашиот извор ги снима сликите врз основа на приспособениот список на фотографии кои ви се потребни. Со технологијата Controlled Capture Truepic Vision ги прима и проверува податоците директно од сензорот за слика на уредот и ги складира сите како единствен дигитален отпечаток од прст кој никој не може да го уредува.

  • Веднаш прегледајте ги проверените, автентични слики

Откако фотографиите од вашиот извор ќе се пренесат и анализираат, висококвалитетните слики и нивните резултати од проверката се веднаш достапни за преглед на контролната табла Vision.

Во октомври 2020 година Truepic успешно ја постигнал првата изворна интеграција на хардверски загарантираното снимање на фотографии во прототипот на мобилен уред, напојуван со Qualcomm® Snapdragon ™ 865 5G Mobile Platform. Уредот дава фотографии со криптографски запечатени податоци за изворноста чија автентичност можат да ја проверат примателите.

Во текот на пандемијата значително е зголемен растот на визуелните мамења, измами и дезинформации на социјалните мрежи. Џеф Мекгрегор, извршниот директор на Truepic наведува дека овој тренд „не може безбедно да постои без механизмот на доверба кој ќе ги заштити оние кои ги снимаат и гледаат сликите“, и додава дека оваа најава претставува иднина на дигиталните слики на Интернет и долгорочно решение на проблемот со визуелна измама на мрежата.

Truepic во 2000 година е ставена на листата на најдобрите технолошки изуми што дополнително ја потврдува нејзината вредност, а зголемувањето на манипулациите со видео и фотографија ја покажува нејзината важност на пазарот во борбата против дезинформации.

Ocijenite kvalitet članka