VEED.IO: Онлајн алатка за уредување на видео

05.02.2020. / 09:17

Како што веќе најавивме во текстот за трендовите за 2020 година видео содржината ќе продолжи да го доживува својот раст. Според Journalism, Media, and Technology Trends and Predictions 2020 кој го објавува Reuters Institute for the Study of Journalism „5G ќе овозможи побрза и посигурна интернет врска на мобилните телефони, што ќе овозможи полесен пристап до мултимедијалната содржина во движење“. Поради ова некои предвидуваат дека вебот на видеото ќе влезе во фаза на раст која не е видена уште од почетоците на YouTube. Согласно тоа, а откако веќе сме ви го претставиле Headliner.app, ви претставуваме уште една алатка за обработка на видео преку веб пребарувачот – Veed.io. 

За разлика од гореспоменатиот Headliner, Veed е наменет за обработка на вашето видео на нивото кое се наоѓа помеѓу аматерските алатки како iMovie и Windows Movie Maker и професионалните како Avid или Adobe Premiere Pro. Сепак Veed најмногу може да се гледа како алтернатива на апликацијата Headliner. 

За разлика од постоечките алатки Veed.io ви нуди едноставно корисничко окружување, но и напредни опции кои ќе ви овозможат побрза продукција на видео подготвено за различни веб формати и социјални мрежи. Она што е основна предност, како и кај сите други веб базирани алатки, е дека не ги користи вашите програмски ресурси така што монтажата можете да ја вршите и од мобилен телефон или од некој послаб компјутер под еднакви услови. 

1

Основен преглед

Пред да креирате кориснички налог на оваа страница кој ви е потребен за да ги зачувате своите проекти Veed ви нуди да ги истестирате сите негови можности со поставување на свое видео со големина до 50 MB. Со кликнување врз копчето Upload Video или Try sample ќе влезете во работно окружување на оваа веб апликација каде од левата страна на работниот простор ќе видите 9 големи копчиња кои ви овозможуваат влез во различни поставки за уредување и постпродукција на содржини. 

2

Првата опција под назив Project ви дава основни можности за дефинирање на бојата на позадината, јачината на звукот на аудио записот (доколку сакате воопшто да го имате), поставување на резолуција до 1080p, времетраење на видеото, и замена на поставеното видео и на крај опции за алгоритамско прочистување на аудио записот. 

Втората опција Subtitles ја прави оваа програма посебно интересна. Покрај рачната изработка на титлови, поставување на веќе подготвените титлови, Veed ви дава можност и за автоматизирана изработка на титлови на преку 50 различни јазици со уште повеќе јазични варијанти. Она што е особено интересно за нашиот простор е што Veed нуди изработка на автоматизирани титлови на хрватски и српски јазик. За жал сѐ уште не постои поддршка за албански и македонски јазик. Во нашиот тест за хрватски и српски јазик увидовме дека некои зборови не се најдобро препознаени, но препознавањето на аудио записи е доволно добро што ви дава основ да ги исправите грешките во титловите. 

Во оној момент кога на било кој од трите понудени начини ќе ги направите титловите за вашето видео ги добивате следните дополнителни опции за обликување на:

  • Стиловите на текстот со бои на буквите и позадината кои дополнително рачно можат да се прилагодат. 
  • Видот на фонтот, големината и порамнувањето. 

Дополнителни опции нудат бета опција за автоматизирано преведување на титловите, кои не се совршени како и за извезување на титловите во txt и srt формат, како и бришење на титловите, доколку тоа е потребно. 

Наредната опција Text ви нуди можности за додавање на текст со дополнителни обликувања на фонтот, големината, порамнувањето и бојата на фонтот. Исто така ви се нуди можност за сместување на текстот во определено времетраење. Дополнителни опции нудат дефинирање на растојанието помеѓу буквите и неколку шаблони. 

Опцијата по оваа Images служи за поставување на дополнителни фотографии кои евентуално ќе го збогатат видеото каде исто така можете да го определите времето на прикажување на самата фотографија. 

Дополнителните опции кои можете да ги истестирате самите ви нудат додавање на различни елементи, геометриски форми, аудио записи, филтрирање на бојата на видео записот, брзината на видео записот и опцијата за слободно цртање. 

Во долниот десен агол се наоѓаат опции за скратување на видео записот и преземање на записот на вашиот локален уред кој исто така служи и како опција за чување на проектот доколку веќе сте креирале кориснички налог.

Во горниот десен агол имате можност за подесување на платното за различни социјални и видео платформи на мрежата така што автоматизирано можете да го прилагодите својот видео запис. 
Кога ќе завршиме со обработка на видеото и ќе се одлучиме за преземање ни се нудат следните можности: 

  • Копирање и споделување на видео записот преку линк
  • Преземање на видеото во mp4 формат (со соодветен квалитет зависно од верзијата што ја користите)
  • Преземање на записот во GIF формат
  • Директно споделување на видеото на социјалните мрежи на Facebook, Twitter и e-mail. 

3

Услови на користење

Како и повеќето слични апликации и оваа нуди бесплатна опција и опција за плаќање за дополнителни можности. 

Бесплатната опција во основната работа со апликацијата не ви го оневозможува пристапот до алатките, но ве ограничува во:

  • Додавање на водениот жиг на секое видео
  • Ограничување на квалитетот на видеото на 420p
  • Ограничување за поставување на податоци на 50 мегабајти

Платената верзија, која чини 20$ месечно или 200$ годишно, ви дава многу поголеми можности во контекст на напредните поставки за извезување, квалитетот на видеото и неограничен простор за поставување на вашиот видео материјал и секако отстранување на водениот жиг. 

Кога сето ова ќе се земе предвид би можело да се каже дека постојат и некои многу „подарежливи“ алатки, но сепак Veed го има своето место меѓу корисниците и леснотијата на користењето е она што му дава дополнителна предност. 

Испробајте го самите. Со задоволство би сакале да ги слушнеме вашите искуства и дали планирате да го користите во вашата идна работа. 

Ocijenite kvalitet članka