Видео содржина во новинарството: тренд, можност или потреба

17.07.2020. / 15:08
Автор/ка
Share
Video ilustracija
Video
Video ilustracija

До 2020 година 82% од содржината на интернет ќе биде видео содржина.

Така зборуваа истражувањата и предвидувањата.

Сите знаеме дека промените во новинарството (и не само во новинарството) предизвикуваат првин промени на читателите/ките, а потоа и промени на технологијата. На помладите генерации видео содржината им е поблиска од текстуалната, па почесто ја консумираат.

Дали можат медиумите поради барањето на публиката да воведат во редакциите дополнителни обврски, вештини, алатки и опрема?

Видеото е еден од најскапите медиуми во новинарството. Новинарите при снимање на подолга видео содржина планираат приказни, организираат интервјуа, снимаат видео, уредуваат, креираат конечни верзии и на крај ја пренесуваат содржината на определени платформи.

Покрај тоа што овој процес трае, тој бара вештини, опрема и алатки кои не се евтини.

Дали на медиумите им треба скапо видео по секоја цена?

Трендот на пивотирањето на видеото во многу медиумски куќи во светот започна во 2014 година. Воглавно поради исклучителниот успех и прекрасната аналитика во која нѐ уверувала компанијата Facebook. Многу медиумски куќи се натпреварувале во производството на видео содржини за Facebook. Воглавно се работело за многу кратки клипови кои ги сакаа и огласувачите, а кои имаа неверојатно достигнување на Facebook.
Ренесансата траела до 2016 година кога Wall Street Journal известил дека статистиките на Facebook за мерењето на гледаноста на видео содржини се вештачки пренапумпани, што многу медиумски куќи ги довело до проблеми. Последица, како што во 2018 година известил магазинот The Atlantic, се отказите на стотици новинари и уште еден показател дека новинарството е нестабилна индустрија.
Деловните одлуки за воведување на огромен број видео содржини во уредничките календари подразбирале огромни трошоци за производство и пласирање на содржини, но и за вработување на голем број видео новинари. Трошоците се скратени со откази кога се разбрало дека медиумските куќи не можат да ги поднесат ниту да ги оправдаат трошоците за производство на скапа содржина.

Зошто да се воведува уште еден формат на содржина

Видео содржината не е потребна исклучиво заради читателите/ките кои се навикнале на овој или оној тип содржина. Видеото може да пренесе порака која ниту еден друг формат не може. Меѓутоа треба да се знае дека не треба и не заслужува секоја порака и секоја вест да се презентира во видео формат.
„Дел од проблемот е тоа што постојат многу лоши видео содржини“, тврди Кристофер Вадел, професор во Школото за новинарство и комуникација на Универзитетот Карлтон во Отава. „Само затоа што луѓето се движат или изгледа дека се движат на сликата не значи дека видеото е вредно да се гледа.“
Натали Малинарич, уредничката на мобилните и новите формати во BBC News, предвидувала дека во видео новинарството ќе се случи поместување од масовно продуцираните, идентични кратки видео записи, до подетални и поквалитетни видео содржини.
„Ако на Facebook следите поголем број медиумски куќи, веројатно ќе го видите истото видео барем 20 пати. Единствената разлика ќе бидат боите, големините и фонтовите на текстовите на вашите екрани што е бесмислено бидејќи медиумите не можат да се натпреваруваат на таков начин. Ако веќе креирате видео содржина, што ќе ѝ дадете, што ќе и донесете на публиката, како ќе се разликувате?”
Квалитетните видео содржини на вториот најголем пребарувач на светот, Youtubе, можат да му помогнат на медиумот во привлекување на новата публика. Некои приказни и пораки кои поради своите универзални вредности можат да траат подолго од еден ден заслужуваат видео формат кој на приказната ќе ѝ донесе нова димензија и ќе ѝ го продолжи животот.
Ако стратешки се пристапи кон вклучувањето на видео содржина во медиумската содржина, освен добрите новинарски приказни и новата публика, тоа може да донесе и заработувачка преку огласување кое е поврзано со овој формат.

Кога да се користи видеото во новинарството

Како што кажал Џереми Копеланд, професорот на Western Ontario University во Лондон, видеото е најмоќна форма за раскажување и начин емоционално да се поврземе со луѓето низ визуелноста, преку гледање (на луѓе) и доживување на нивната радост, нивната болка, нивниот бес.“
Претходно во текстот објаснивме дека не треба секоја информација да биде во видео форма. Веројатно сте се запрашале како да одлучите кои информации тоа го заслужуваат и  кога трошоците за креирање на видео содржина се оправдани.
Одговорот на ова прашање го нуди текстот на Меѓународната мрежа на новинари во кој е наведено дека видеото е потребно:
Кога имаме приказни богати со податоци и статистики кои треба да се хуманизираат. Одличен пример на примена на видео содржина токму на овие теми е Дата новинарството на Balkansmedia.org каде јасно и едноставно е објаснувано во серија видео клипови како да се користат податоците во новинарството.
Пишаните приказни за невработеноста, раселувањето, за последиците од пандемијата со КОВИД-19 и за слични теми често се тешки за да се разберат ако се пишувани исклучиво во текстуална форма. Видеото е прекрасен начин да се зголемат тежината на приказната и јаснотијата на пораката.
Кога  постојат премногу податоци и треба логички да ги поврзете. Некои прашања се исклучително сложени, а кога медиумите ќе ги раскажат во густи статии без визуелни прилози тогаш тие се уште повеќе нејасни. Во тие случаи видеото може да ги пренесе главните информации во форматот кој повеќето луѓе го разбираат.
Кога ќе најдете исклучителен лик со силен глас. Единствените или извонредните ликови можат да се загубат во гласот на известувачот, затоа е подобро да ги пуштите тие да ја раскажат својата приказна, со сопствени зборови.
Кога приказната има аудио или визуелни елементи кои би се загубиле кога би биле напишани. Овој пример опфаќа цела низа приказни за природни катастрофи, протести и уште многу работи. Ваквите примери можат да бидат извонреден дел од подолги приказни за кои пишувавме во текстот за бавно новинарство. Со месеци во bh. медиумите читавме за афери и незаконитости на bh политичарот Неџад Бранковиќ кои помеѓу останатото биле предмет на истрага на Центарот за истражувачко новинарство. Кулминација на приказната е видеото со (денес веќе) антологиска изјава „стан според законот“.
Доколку во некој случај новинарот/ката ја напишал/а изјавата без придружен видео клип, што мислите дали оваа изјава подеднакво би одекнала во јавноста?

Ако по некој случај сте се запрашале колку видеото е важно во новинарството и каде му е тука местото на текстот, најдобро објаснување дал Едвард-Исаак Довер за Huffington post „Изгледа дека луѓето како вест ја сакаат содржината која им помага да разберат што моментално се случува и зошто е тоа важно. Видео записот тоа не го може сам. Тоа значи дека пишаното новинарство не е надминато. Спротивно на тоа, сега е можеби и поважно откога и да било. Само треба да се приспособи кон новиот простор и време во променливиот медиумски пејзаж.”

Ocijenite kvalitet članka