Ана Анастасовска: Кај нас сé уште владее оној патријархален принцип дека домашните обврски се работа на жените

13.03.2021. / 09:28

Знаеме дека кризите можат да поттикнат нови начини на однесување, понекогаш доведувајќи до промени во родовите норми и подржувајќи ги трајните промени кон родовата нерамноправност. Но со пандемијата многу родови нееднаквости се засилени и ова време покажало колку уште борби треба да се добијат за да се постигне еднаквоста помеѓу жените и мажите.

Индивидуалната поддршка и пристапот кон креирање на простор за еднакви можности се покажале како единствените кои функционираат во текот на овие тешки времиња. Жените, но и мажите, помошта ја добивале од своите блиски кругови, без институционална поддршка која требала да дојде од нивните работодавачи/ки. Така и многумина новинари/ки се нашле во ситуација да работат од дома без системска поддршка, приморани самите да го поднесат товарот на сите предизвици кои се ставени пред нив, очекувајќи целосна функционалност и продуктивност на работата.

По повод Меѓународниот ден на жената, разговаравме со новинарката Ана Анастасовска, уредничка на „Слободен Печат“ од Северна Македонија. Нé интересираше како таа ја доживеала претходната година, и колку било тешко да се усогласат сите обврски.

Работата од дома е тешка, бидејќи целиот товар паѓа врз жената

Balkansmedia: Прашањето за нерамноправната положба на жените и мажите во новинарството постоело и пред пандемијата. Сега, една година од почетокот на пандемијата, изгледа дека таа положба уште повеќе се влошила. Како вие, како новинарка, сте ја доживеале претходната година?

Ана Анастасовска: Прогласувањето на пандемијата во Македонија како и во целиот свет беше вистински шок за сите нас. Се соочивме со ситуација за каква никогаш не сме сонувале. Проблемот на почетокот беше како да се работи, а да не се доведе во ризик здравјето на сите вработени. Владата донесе уредба според која, родители на деца до 10 години се ослободени од работа. Ваквата мерка се разбира ја искористивме сите вработени кои имаме мали деца, но тоа не можеше вечно да трае. Потоа менаџментот во договор со нас вработените донесе одлука, целата редакција, како веб сајтот, така и весникот, да се преселиме дома и да работиме од дома. Имајќи предвид дека новинарската работа бара излагање на терен, контакт и разговори со луѓе, пандемијата и тоа како влијаеше на целиот процес на продукција и квалитет на вестите.

Balkansmedia: Знаеме дека живееме во патријархален систем на вредности, каде жените неретко се ставени во неповолна положба и носат повеќекратен товар. Тие се грижат и за домот, за семејството, но и за работата. Колку беше тешко за вас во претходната година да ги усогласите сите овие обврски, особено ако бевте приморани да работите од дома?

Ана Анастасовска: Работата од дома дефинитивно е многу тешка, имајќи предвид како што спомнувате, дека целиот товар паѓа на жената. Децата останаа дома, следејќи онлајн настава. И тие беа затекнати како и нас, седнати пред компјутерите, не знаеја што да прават. Имаш две деца кои следат онлајн настава и кои на секои 10 минути те прашуваат нешто, ти бараат се нешто, во меѓувреме мора да зготвиш, да ги однесеш на тренинг, а ти мора да се сконцентрираш, да пишуваш и да читаш текстови. И тоа навистина ме излудува понекогаш. Но се трудам да останам смирена и сите работи да ги завршам навреме. Сопругот ми помага колку може и кога е дома, но неговата работа е таква што цел ден е на пат.

Полека но сигурно одиме во правецот на разбивање на предрасуди

Balkansmedia: Колку според вас постои свеста меѓу вашите колеги за фактот дека новинарките се нерамноправни, и ако мислите дека постои, зошто е тоа така?

Ана Анастасовска: Колегите со кои работам и тоа како се свесни за целиот товар кој го носат жените во ваква ситуација, од причина што и голем дел од нив ја играат женската улога дома. Тие останаа да работат од дома, нивните сопруги одат на работа, па товарот со домашни обврски и деца падна и на нив. И тие готват, им помагаат на децата со онлајн наставата и со учењето, и совршено се согласуваме и се разбираме. И секако се покриваме и поддржуваме.

Balkansmedia: Како гледате на фактот дека повеќе новинарки известуваат за нерамноправната положба на жените, односно дека новинарите не сакаат да се занимаваат со темите за нерамноправноста на половите?

Ана Анастасовска: Фактот што мажите новинари не сакаат да известуваат за нерамноправната положба на жените доаѓа од менталниот склоп на народите на Балканот. Кај нас се уште владее оној патријархален принцип, дека домашните обврски се работа на жените и дека на таа тема нема што да се дискутира. Секако не сите мажи размислуваат така. Треба време за овој ментален склоп да се искорени и мислам дека полека но сигурно одиме во тој правец. Многу од младите денес не гледаат така на работите и сметам дека со тек на време ќе се смени перцепцијата за улогата на мажите и жените во општеството. Слободен печат како медиум се труди да ги покрива овие теми колку може повеќе, а со цел да ја истакнеме убавината на жената од сите аспекти, не мислам само на надворешната убавина, во склоп на нашиот медиум, повеќе од една година, излегува додатокот „Женски печат“  кој е посветен исклучиво на жените.

Ocijenite kvalitet članka