Дамира Калач: Повеќе ме загрижува нерамноправноста во однос на знаењето и вештините – како на општата јавност, така и на редакциите

09.03.2021. / 08:59
Share
Novinarka Vijesti.me i blogerka - Damira Kalač
Novinarka Vijesti.me i blogerka - Damira Kalač
Novinarka Vijesti.me i blogerka - Damira Kalač

Истражувањето кое е направено врз испитаниците/чките во САД, Германија и Сингапур за влијанието на пандемијата врз родовата нееднаквост на пазарот на трудот и ставовите за родовата улога покажуваат дека зголемената невработеност, намалувањето на работното време и преминувањето на работење од дома во претходната година биле почесто изразени кај жените отколку кај мажите.

Во ова истражување исто така се наведува дека долгорочните последици од пандемијата ќе зависат од тоа како и мажите и жените ќе ги доживуваат родовите улоги и натамошните промени во своите работни односи како што ќе заздравуваат економиите.

Наметнатите родови улоги им отежнуваат на жените да излезат од нивните окови и да бидат рамноправни работнички и самите да одбираат кои улоги ќе ги прифатат и ќе ги живеат. 

Родовата нееднаквост, за жал, дополнително се влошила во целиот свет, но секогаш постојат позитивни примери на храбри жени кои успеваат да ги балансираат своите улоги, и да уживаат во оние избори кои ги прават исполнети и среќни.

По повод Меѓународниот ден на жената, со желба да ги слушнеме различните искуства „од прва рака“, разговаравме со новинарките од регионот за личното доживување на претходната година, и колку било тешко да се усогласат сите сфери на животот. 

Долгогодишната новинарка на Vijesti.me и блогерка, Дамира Калач, нѝ зборуваше за нејзината перцепција и постоењето на нерамноправноста на половите, особено во деловното окружување, и како таа го гледа фактот дека жените се тие кои во медиумите најчесто ги обработуваат темите врзани за нерамноправноста, дискриминацијата и малцинските групи.

Набљудување на познати теми од поинаков агол

Balkansmedia: Прашањето за нерамноправна положба на жените и мажите во новинарството постоело и пред пандемијата. Сега, една година по почетокот на пандемијата, изгледа дека таа положба уште повеќе се влошила. Како вие, како новинарка, ја доживеавте претходната година?

Дамира Калач: Претходната година беше прилично динамична, епидемијата, со редовните и веќе некако познати теми, отвори и многу нови, и наметна и поинаков пристап како во секојдневието така и во работата – во смисла дека и тие познати теми сега ги набљудуваме од уште еден, сосема нов агол. Во Црна Гора, освен тоа, во време на епидемијата се случија и парламентарните избори. Сé заедно, во смисла на динамиката на работењето, искрено, мене ми одговара, бидејќи во новинарството секогаш тежнеам кон новото. Затоа и пишувам и блог, наскоро „ускокнувам“ во реализација на подкаст. На тој пат, сите овие години во новинарството, немам чувство на нерамноправност во однос на машките колеги. Повеќе ме загрижува нерамноправноста во однос на знаењето и вештините – како на општата јавност, така и на редакциите. Луѓето повеќе пати ќе споделат лажна вест, отколку истражувачка или друга содржина во која сте вложиле време и знаење. Редакциите исто така денес ја негуваат брзината, зад која некогаш не стои контекст, бидејќи немате време за такво нешто. Но, тоа е подеднакво проблематично, и да сте маж или да сте жена.

Важноста на фокусот на работодавачот врз потребите на вработените

Balkansmedia: Знаеме дека живееме во патријархален систем на вредности, каде жените неретко се ставени во неповолна положба и носат повеќекратен товар. Тие се грижат и за домот, за семејството, но и за работата. Колку било тешко за вас во претходната година да ги усогласите сите овие обврски, особено доколку сте биле приморани да работите од дома?

Дамира Калач: Повторно можеби не сум слика на мнозинството. Живеам со партнер, без деца, со три кучиња. Двајцата сме во работата која нема работно време, на мојот темперамент тоа и му оговара, кога ми се пишува ноќе – пишувам ноќе, и на други начини ги приспособувам работните обврски. Предноста на работењето од дома, кога сте новинар на печатен медиум, е таа што можам да готвам ручек, додека истовремено размислувам за соговорниците, за можниот агол на некоја приказна. Важно е и да се има поддршка од домашните во таа смисла, а тоа важи секогаш, сите обврски да се поделат и домот да не биде само на еден од нас, туку на секој член на домаќинството.

Во однос на работата, а тоа е она што би им го сугерирала на работодавачите, е тие во секоја ситуација да размислуваат за потребите на вработените, да им се стават на располагање, да ги сослушаат. Јас да речам пред некоја година поминував низ постапките за вонтелесно (оплодување), не можам да се пофалам со општа поддршка, повеќе е тоа поединечен случај.

Поддршката е особено од значење во кризните ситуации, како што е епидемијата со корона вирусот, тогаш работодавачот би требало дополнително да размислува  за потребите на вработените, особено за менталното здравје, дали и каква поддршка на секој вработен му е неопходна за да може да ги реализира работните задачи. Ако е во прашање самохран родител, ако има деца на училишна возраст кои во време на епидемијата воглавно ја посетувале наставата онлајн…

Во мојот случај, ние обично сме организирани на микро ниво, секоја редакција внатре во тој поголем систем има свои договори, па меѓусебно се усогласуваме, колку што можеме. Имало ситуации, на некого да му е позитивен член на семејството, некој од колегите да е позитивен, некој да е во изолација, имало, за жал и смртни случаи… Но, со интерни договори надминавме сé.

На жените им е наметната улогата на мајка, домаќинка и за секоја друга улога тие мораат да се борат

Balkansmedia: Колку според вас постои свест помеѓу вашите колеги за фактот дека новинарките се нерамноправни, и ако мислите дека таа е ниска, зошто е тоа така?

Како гледате врз фактот дека повеќе новинарките известуваат за нерамноправната положба на жените, односно дека новинарите не сакаат да се занимаваат со темите за нерамноправноста на половите?

Дамира Калач: Колку постои свест за положбата на кој било член на општеството верувам дека е прашање воопшто на поединецот и колку тој ја „чувствува“ таа положба, но не декларативно, туку искрено.

И тука и го гледам одговорот на второто прашање, како тоа повеќе жените известуваат за нерамноправната положба на жените. Веројатно бидејќи тие природно подобро ги чувствуваат жените и воопшто родовите улоги, кои ги „црта“ патријархатот.

Не сум сигурна колку може секој од нас добро да известува за слични теми, за положбата и да речеме за LGBTIQ лицата, за лицата со инвалидитет, малцинствата… ако не сме ја почувствувале таа положба на кој било начин. Кога зборуваме за известувањето, не мислам на ситуациите кога како новинар ќе проследите настан и ќе напишете до збор извештај од тој настан. За известување на определена тема го сметам оној вид пристап кога како автори ги анализираме постоечките состојби, преиспитуваме, отвораме прашања…

И, за да известуваме на тој начин, не велам дека треба на својата кожа да почувствувам некоја положба. Но, ако не сме разговарале, не сме ги сослушале, не сме поминале време со тие луѓе, не сме истражувале некое време, не сме се обиделе вистински да разбереме – не знам како тогаш да известуваме, а тоа да значи и дека ја разбираме позицијата која ја проблематизираме.

И тука ги гледам причините жената да може подобро да ја види положбата на жената, неретко и положбата на другите загрозени групи, бидејќи во патријархалното општество, какви што се општествата и во Црна Гора, БиХ, и во регионот воопшто, жената е таа на која ѝ е наметната улогата на домаќинка, мајка, улогата од која за секоја друга мора да се (из)бори.

Ocijenite kvalitet članka