Џана Брканиќ: Филмот е моќна алатка како во уметноста така и во новинарството

22.06.2023. / 12:28
Share
Film u novinarstvu slika pokazuje osobu ispred kamere u studiju
Canva mashup
Film u novinarstvu slika pokazuje osobu ispred kamere u studiju

Документарните филмови можат да се сметаат како дел од новинарството бидејќи споделуваат слични цели и техники во презентирањето на информациите на јавноста. Новинарството е практика на собирање, истражување и известување за вестите и за информациите поради информирање и ангажирање на публиката. Документарните филмови, иако се презентирани во различен формат, ја споделуваат оваа основна цел.

Она што ги прави новинарски стил е објективното известување. Документарците најчесто ги истражуваат проблемите од реалниот свет, со обезбедување на длабинска анализа и истражувачко известување за да расветлат определена тема. Документаристите/ките поминуваат многу време во собирањето на информации, во водењето на интервјуа и во проверката на фактите за да обезбедат точност и веродостојност. На крајот, и новинарството како и документарните филмови имаат потенцијал да инспирираат општествени промени. Преку нивното раскажување и претставување на општествените прашања, документарните филмови имаат за цел да ја подигнат свеста, да предизвикаат дискусија и да влијаат врз јавното мислење, слично какви што се и целите на истражувачкото новинарство.

Разговаравме со новинарката и заменик-уредничката на медиумот Detektor.ba, Џана Брканиќ, за тоа како документарниот филм ја раскажува новинарската приказна, што може тој да ѝ понуди на публиката во споредба со класичните новинарски форми и колку тој може да придонесе за подобро разбирање на маргинализираните групи во нашето општество.

Џана Брканиќ е авторка и режисерка на неодамна објавениот документарен филм Четири ѕида, кој зборува за предизвиците на LGBTIQ заедницата во Босна и Херцеговина и во Србија.

Поопширна и посеопфатна слика на луѓето

Balkansmedia: Како документарниот филм ја раскажува новинарската приказна? Како ти ја гледаш новинарската филмска форма како дел од новинарството?

Можам да кажам дека документарниот филм им дава една нова димензија на нашите новинарски приказни. Филмот треба да биде интересен, на привлечен начин да ги раскаже приказните за кои ни се чини дека тука нема што ново да се каже, понекогаш треба да донесе нова перспектива и да ја разбуди свеста, да се претстави секојдневието, реалноста, минатото или очекувањата, но и да го презентира новинарското откритие или работата на таков начин што ќе биде сфатен, привлечен, интригантен. Ваквата форма нуди и поопширна, посеопфатна слика на луѓето и на настаните, и на авторот му ја овозможува слободата што ја немал кога ја презентирал приказната во некоја друга новинарска форма. Филмот е моќна алатка како во уметноста така и во новинарството, кога сакаме да испратиме порака, да укажеме, да поддржиме. За време на создавањето на филмот, новинарот ќе размислува за секоја секунда и на кој начин таа може да произведе сочувство, разбирање или да поттикне промени и решенија. Забележувам дека и во новинарството кај нас почнува сѐ повеќе да се користи токму оваа форма за да им се оддаде почит на определени личности, жртви, да се зборува за настаните од минатото или од сегашноста и за определени појави, но за жал како и кај другите форми, постои можност за манипулација, дезинформации или пласирање на невистини како и дека е потребно пред самото гледање да се знае кои се авторите и во чија продукција е направен филмот, и да се трудиме да им го подариме вниманието на кредибилни куќи и на поединци, без оглед на тоа што зад секој документарен филм треба да стои вистината.

Balkansmedia: Што може документарниот филмски формат да понуди различно во споредба со новинарските прилози/ репортажите/ истражувачките приказни? 

Документарниот филм по правило содржи вистина, факти, како и истражувачки приказни или анализи, но со користење на слика, со креирање на атмосфера со движењето на камерата, понекогаш е полесно да се изразат чувствата на актерите, да се долови сцената со архивска снимка или со реконструкција, да се разбуди емпатија како и да се привлече внимание, со оглед на тоа што живееме во технолошки развиен свет и дека луѓето денес повеќе гледаат отколку што читаат. Дури и нашите анализи и истражувања се обидуваме да ги опремиме со мултимедијални содржини кои се, како што покажуваат статистичките податоци од нашите мрежи, попривлечни за публиката. Од друга страна, како што освен стилот на пишување, пишаните форми ги следат строгите правила кои не му дозволуваат преголема слобода на самиот автор, тоа е овозможено во создавањето на документарниот филм. Така размислував многу за самата слика, уфрлував некои симболични сцени во соработка со снимателите и со монтажерот, со надеж дека и гледачите во нив ќе го видат позадинското значење. Ова го правев во оние делови од филмот кога едноставно не можевме да ја расчлениме темата на уште многу важни прашања со кои во определен момент филмот не се занимава, но важно е тие да се покажат. Понекогаш тоа во филмот ќе го направи и авторот на музиката, понекогаш авторот односно режисерот на филмот, кој ќе вгради во него и некое негово лично чувство или доживување. Би рекла дека документарниот филм е мешавина на сите овие пишани форми, придружен со дополнителни аудио и видео ефекти.

Документарниот филм и LGBTIQ лицата

Balkansmedia: Неодамна го сними документарниот филм Четири ѕида. Кое е твоето искуство од работата на документарниот филм за правата на LGBTIQ лицата? Колку таа форма се разликува од другите новинарски.

Ова е мој втор авторски филм, трет на кој работев како новинарка режисерка, но би кажала дека можеби и најкомплексен. За подемот на десничарските наративи и за намалувањето на правата на LGBTIQ заедницата во регионот веќе се зборуваше, а нашата задача беше да го раскажеме тоа на различен начин, да го појасниме, да се донесе некој нов поглед, и да им се овозможи на оние кои за тоа ништо не знаат да им стане јасно и цело време да се застапуваат човековите права, да се шират хоризонтите и да се едуцира. Покрај тоа, изманипулирани од општеството, најчесто во страв од оние кои ја знаат или не ја знаат нивната сексуална ориентација, од околината, беше потребно да се стекне довербата на припадниците на заедницата, да се најдат соодветни соговорници, но и да им докажеш дека си сојузник и дека сакаш објективно да ја раскажеш приказната. Ова беше особено важно кога одредени членови на заедницата прашуваа зошто ги снимаме десничарите или политичарите кои презентираат негативни ставови против LGBT лицата? Токму поради тоа што прво е потребно секогаш да се прикажат двете страни на медалот и затоа што без нив не можеме да го доловиме она со што се бори заедницата. Треба и да се прикажат овие противници на човековите права, кои после една, по правило секогаш ќе најдат некоја друга жртва или малцинство. 

Моето досегашно искуство во работата со жртвите на воени злосторства мислам дека ми помогна во самиот процес на поврзување со соговорниците и со работата, а како човек секогаш сум се водела со тоа дека и кога ќе се заврши приказната треба да бидам во состојба да застанам пред сите тие луѓе, значи морам да ја завршам работата професионално, но и човечки. Таа човечка димензија, со која се водевме во филмот, мислам дека резултираше со добро, а од луѓето што го гледаа филмот добивавме само добри критики (ако не ги сметаме пораките во коментарите на социјалните мрежи). Додека едни зборуваа дека не знаеле во каква позиција е заедницата во Босна и Херцеговина, што мене искрено ме изненадува, другите зборуваа дека одлично сме ја прикажале поврзаноста на регионот, светот и Босна и Херцеговина како и наративите кои незапирливо се шират. Но, најважни се пораките што ги добив од членовите на заедницата кои не се изолирани и кои ми ги раскажаа нивните приказни. Благодарна сум им на нив, како и на оние кои застанаа пред нашите камери.

Можам да кажам дека како екипа на филмот сме горди на неговата „образовна“ вредност, критичките мислења што тој ги поттикна, но морам да признаам дека не ја запоставивме и неговата естетска улога. Во врска со тоа, работата на филм неспоредливо бара повеќе од, да кажеме, пишаната анализа за правата на LGBT лицата, бидејќи пишувајќи ја анализата честопати ќе се задоволите и со телефонски изјави или со прашања преку е-пошта, што не е случај со снимањето на кој било видеозапис, а кога сте автор на филм вие не престанувате да размислувате дење и ноќе како на што е можно подобар начин, со слика, тон, музика, експресија, да го доловите она што го доживуваат овие луѓе, како некој можеби во канцеларијата до нашата, во станот што е до нас или во истиот, не може да го има она што ни е дадено на нас со раѓањето.

Balkansmedia: Колку е важно да се прават вакви посеопфатни, длабински приказни (документарни форми) кога се известува за LGBTIQ темите? Што тие ѝ нудат на публиката кога се во прашање животите и правата на LGBTIQ лицата? 

Сите форми се важни, но овие подлабоки анализи или филмови, истражувања или репортажи ни нудат и повеќе простор и можности од самата вест за да зборуваме за проблемите и бараме, се залагаме со објаснувања зошто е важно системски да се реши тоа сите луѓе, без оглед на нивната ориентација, да ги уживаат истите права. Преку филмовите можеме да се идентификуваме со жртвата на насилство, со лицето кое се прашува зошто го/ја удира него/неа, пцуе, навредува или го/ја поистоветува со воен злосторник само затоа што немаат исти навики, желби или ставови. Авторот полесно ќе го долови, а публиката ќе го види тоа, дека зад LGBTIQ лицето се крие вистинска личност, со сите негови надежи, стравови и аспирации, дека нејзиниот идентитет не е само нејзината сексуална ориентација, дека оваа личност се наоѓа меѓу нас и ќе не поттикне на размислување и на преиспитување. Колку и да мислиме дека знаеме, понекогаш треба да се доловат и оние наизглед најобични ситуации од секојдневието, кои се подразбираат за некого, а на другите им се одземаат, од одењето на работа, купувањето на пуканки и држењето за рака во кино салата.

Важно е да се осврнеме на тоа дека не можеме да очекуваме дека сите медиуми или организации поради ресурсите се во можност да прозиведуваат документарни филмови, но и други форми, но доколку им се пристапи длабински, и редовно, а не само пред поворката на гордоста, тие можат да бидат добра алатка и сојузник во борбата за човековите права.

На крајот, бидејќи наша должност како професионалци е да преиспитуваме, да укажуваме, да му се спротивставиме на секој нехуман пристап или минимизирање на правата на која било заедница или поединец, па би била најсреќната новинарка во светот доколку со овој филм на некого сум му го сменила мислењето за правата на LGBTIQ заедницата во БиХ. 

 

Важно е да се напомене дека не се сите документарни филмови исклучиво новинарски по природа. Некои документарни филмови може да бидат субјективни, да застапуваат одредена гледна точка или да служат како заговорничко новинарство. Меѓутоа, многу документарни филмови настојуваат да се придржуваат до новинарските принципи на точност, правичност и непристрасност во презентирањето на фактите и настаните. Сè на сè, документарните филмови, преку нивната посветеност во истражувањето на вистински теми, презентирањето на фактичките информации и ангажирањето на публиката, можат да се сметаат за важна форма на новинарството.
 

Оценете го квалитетот на статијата