Драгана Ерјавец: Работиме сé од домашните компјутери, кои се често многу бавни и не се соодветни за работата што ја извршуваме

10.03.2021. / 08:38

Прашањето за промените кои пандемијата ги донесла е сигурно едно од мошне важните за денешното разбирање на менталното и физичкото здравје. Пандемијата внесе огромни промени во функционирањето на севкупното општество, а деловните сфери беа приморани да го свртат своето делување. За жал, ниту новинарството не било изземено. Многу редакции својата работа ја префрлиле во домовите на своите новинари/ки, а работничките/ците се нашле на местото на многу предизвици кои морале да ги усогласат и да ги надминат. 

Драгана Ерјавец е долгогодишна новинарка со огромно искуство во работата за различни редакции. Преку својата работа таа настојувала да известува за колку што е можно поразлични теми, неретко фаќајќи се во костец со оние кои ја носат темата на нерамноправноста, дискриминацијата, предрасудите и неразбирањето.

Со нејзе разговаравме за личното доживување на претходната година, и колку било тешко да се усогласат сите сфери на животот. Низ разговорот нé интересираше и дали таа чувствува нерамноправност помеѓу мажите и жените, особено во деловното окружување, и што мисли за фактот дека жените се тие кои најчесто во медиумите ги обработуваат темите за нерамноправноста, дискриминацијата и малцинските групи.

Научивме како да снимиме радиски емисии во орман

Balkansmedia: Прашањето за нерамноправната положба на жените и мажите во новинарството постоело и пред пандемијата. Сега, една година од почетокот на пандемијата, изгледа дека таа положба уште повеќе се влошила. Како вие, како новинарка, сте ја доживеале претходната година?

Драгана Ерјавец: Дефинитивно, претходната година што се однесува до работата, но и до животот, беше единствена и тотално поинаква во однос на она како сме живееле и работеле досега. Ритамот и начинот на работата од корен се променети, барем во редакцијата во која јас работам, бидејќи до денес не сме вратени во редакцијата, па сé што работиме, работиме воглавно од дома. Со оглед на тоа дека работам во електронски медиум, мене најтешко ми паднало тоа што сметам дека домашните услови не се најдоброто решение, па почетокот на пандемијата беше навистина најтежок период во кој се приспособувавме на новите услови. Научивме како да снимиме радиски емисии во орман, а да биде звукот барем некако пристоен, како да ги снимаме ТВ најавите во својата дневна соба. Кога зборуваме за условите за работа, мене лично најтешко ми паѓа што работиме сé од домашните компјутери, кои се често многу бавни и не се адекватни за работата што ја извршуваме, ги користиме приватните телефони и мислам дека тоа е сегментот кој на многу колеги во време на пандемијата најтешко им паѓа.

Нема работно време 

Balkansmedia: Знаеме дека живееме во патријархален систем на вредности, каде жените неретко се ставени во неповолна положба и носат повеќекратен товар. Тие се грижат и за домот, за семејството, но и за работата. Колку беше тешко за вас во претходната година да ги усогласите сите овие обврски, особено ако бевте приморани да работите од дома?

Драгана Ерјавец: Работиме од дома од првиот ден на пандемијата. Од една страна, јас немам семејство, но имам две кучиња и маче, кои исто така учествуваат во секојдневната работа. Тешко е да му се објасни на кучето да не лае додека имате состанок, или снимате изјава со телефон, на комшијата да не го дупчи ѕидот додека снимате радиски дневник. Мене искрено ми се смачи работењето од дома и некогаш ми е толку тешко што секогаш се прашувам како луѓето со деца и со секојдневни семејни обврски успеваат да излезат на крај. Она што најмногу ми пречи е што во принцип нема работно време, што подразбира дека нон стоп си дома, па тој момент на некаква приватна „домашна оаза на мирот“, дефинитивно е загубен.

 

Треба да се мотивираат колегите да се занимаваат со приказните за нерамноправноста

Balkansmedia: Колку според вас постои свеста меѓу вашите колеги за фактот дека новинарките се нерамноправни, и ако мислите дека постои, зошто е тоа така?

Драгана Ерјавец: Не можам да кажам дека во редакцијата во која работам сум ја почувствувала таа нерамноправност, во која било смисла, освен што се очекува да работиме апсолутно исти работи, што не сметам дека е проблем. Иако, работам во редакција во која има многу повеќе жени отколку мажи. 

Balkansmedia: Како гледате на фактот дека повеќе новинарки известуваат за нерамноправната положба на жените, односно дека новинарите не сакаат да се занимаваат со темите за нерамноправноста на половите?

Драгана Ерјавец: Мислам дека за тој факт сме виновни и ние, односно уредниците кои се занимаваат со тие теми. Постои мислење дека мажите не се доволно емпатични, што според мене е сосема погрешно, па таквите приказни навистина воглавно ги работат новинарките. Не мислам ниту дека е правило дека жените кои преживеале насилство полесно им се отвораат на жените, отколку на мажите, иако секако постои можеби и тоа мислење. Новинарите, колегите, само со линија на помал отпор за жал го прифатиле овој модел, што меѓу колегите во Европа дефинитивно не е  случај. Она што мислам дека треба да се работи е да се мотивираат нашите колеги да се занимаваат со овие приказни и да не ги распределуваме во неемпатични лица. 

Ocijenite kvalitet članka