ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ВОЕНИТЕ КОНФЛИКТИ И ЗА БЕГАЛЦИТЕ БЕЗ ПОДДРШКА НА ГОЛЕМА РЕДАКЦИЈА: Искуство од полско-украинската граница

02.08.2022. / 11:49

Известувањето за воените конфликти, особено за животите на луѓето и за последиците што војните ги оставаат врз луѓето, не е воопшто едноставно. Често е тешко да се пренесе приказната на начин што на некого таму, далеку од конфликтот, ќе му биде јасно што точно се случува и како тоа влијае на животите на луѓето.

Новинарот/ката треба да биде чувствителен/а, да ја знае историјата на конфликтот, да биде свесен/а за културните разлики и на крајот да ги стави луѓето пред приказната.

Од друга страна, се поставува прашањето како новинарите/ките можат и треба да се подготват за известување од небезбедни и од војна зафатени области и како да се опфатат сите предизвици поврзани со логистиката, сместувањето или пронаоѓањето на соговорници/чки.

За да добиеме одговори на овие прашања, разговаравме со новинарката и уредничка на порталот E-trafika.net, Вања Стокиќ. Вања со почетокот на војната во Украина решила да го спакува ранецот и нејзината опрема и да се упати кон границата на Полска и Украина, поточно кон граничниот премин Медика (Medyka).
Вања ни го пренесува нејзиното искуство од новинарската работа на терен и зборува за совети кои можат да му/и бидат корисни на секој/а новинар/ка при патувањето, како и за начините како да му се пристапи на известувањето за бегалците. 

Беше на границата меѓу Украина и Полска, во местото каде што пристигнуваат бегалците од областите зафатени со војната во Украина. Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за тоа што треба новинарите/ките но и редакциите да земат во предвид при патувањето на ваква задача? Кои се подготвителните активности?

Како прво, треба да разговараат со колегите/шките кои веќе биле таму. Јас познавав неколку медиумски работници кои беа таму претходно, па ги слушнав нивните искуства. Исто така, кога објавив на социјалните мрежи дека ќе одам, ми се јавија неколку колеги кои беа или биле таму и имаат некој совет за мене или имаат контакт од новинари во Словачка и Полска и се понудија да не поврзат. Тоа споделување на искуства и на контакти е многу важно.

Како и секој друг терен, без оглед на тоа колку се информираме и се подготвуваме, ситуацијата може многу брзо да се промени. Мораме да бидеме подготвени на тоа дека ќе бидеме преморени, валкани, гладни, нервозни.... Дека нема да одиме на одмор и дека ќе работиме и по 15 часа дневно. Во Полска разговарав со колеги од други земји, некои од нив ми кажаа дека дошле со однапред подготвени теми кои сакале да ги обработат, но на терен виделе дека промашиле или дека не е можно да се работат тие теми. Потоа мораа да импровизираат и да поставуваат нови. Тоа е многу тешко кога имате ограничено време што можете да го поминете таму.

Што е според тебе важно, а што може да им биде корисно и на другите новинари/ки за време на нивниот престој на терен, особено во областите каде што има конфликти и се зафатени со војна?

Безбедноста е најважна па затоа треба да се направат протоколи, доколку тие не постојат. Да речеме, јас направив посебна вибер група со двајца колеги од редакцијата на кои на секои неколку часа им ја испраќав мојата локација и контактите од сместувањата каде што престојуваме. Доколку ни се случи нешто, да знаат од каде да почнат. Мислам дека секоја редакција треба да го практикува ова, без оглед на тоа каде е теренот. 

Покрај тоа што треба да бидеме внимателни со луѓето што ги снимаме, затоа што сите тие поминале низ траума и ние не смееме да ја злоупотребуваме ниту да ја зголемуваме, мораме да се грижиме и за нашето ментално здравје. Некои сцени се многу тешки да се гледаат. Важно е ова да излегува од нас, да не ни се насобираат вакви работи. Јас имав неколку ситуации на границата со Украина кога бев на работ да се скршам поради нешто што видов или што слушнав. Сето тоа го споделував со снимателот што одеше со мене и тоа ми помагаше. Си дозволив и да заплачам. Тоа што сме новинари не значи дека сме лишени од емоции и дека треба да ги голтаме.

Мислам дека не е потребно да образложувам дека е важно слепо да не веруваме во сѐ што слушаме и гледаме, да ги проверуваме информациите и да користиме повеќе извори, како и да работиме во интерес на ширењето на вистината а не на пропаганда, без разлика од кој извор таа доаѓа. Ова се работи кои секогаш треба да нѐ водат, а не само кога известуваме од воените зони.

Кои беа предизвиците за логистиката, сместувањето, пронаоѓањето на соговорници/чки на терен?

Беше многу тешко да се најде сместување, тоа беше еден од најголемите проблеми. Przemysl е полски град на границата со Украина, покрај преминот Medyka, каде што доаѓаат најмногу бегалци. Беше логично да го избереме токму него затоа што е најфреквентен. Меѓутоа, тоа е мал град, со околу 60-70.000 жители, а во кој се собраа илјадници бегалци, волонтери, медиуми, припадници на различни служби и организации. Таму бевме околу седум дена, го менувавме сместувањето четири пати. Не можевме да најдеме сместување за подолг период затоа што сѐ беше резервирано. Првото сместување го најдовме пред пристигнувањето, а останатите директно таму. Последните две ноќи ги поминавме во село оддалечено 20-ина километри од градот, во некое селско домаќинство каде што исто така беа сместени новинари од Германија и од Шпанија. Во тој град речиси никој не зборува на англиски јазик, па затоа е тешко да се комуницира со луѓето.

Вториот најголем проблем беше разговорот со бегалците. Повеќето од нив не зборуваат англиски, а оние што зборуваат често беа незаинтересирани или преморени за да разговараат со нас. Се снаоѓавме на различни начини. Се случуваше некое дете од семејството да зборува англиски па тоа ни го преведуваше она што го зборуваше мајката. На крајот ангажиравме преведувач кој беше со нас неколку часа на терен и кој ни помогна да разговараме со луѓето.

Како изгледа тоа кога немаш поддршка од голема редакција зад себе? Кои се дополнителните предизвици на помалите редакции кои сепак одат на терен и известуваат?

Неверојатно непријатно. Мојата редакција има само двајца вработени.Честопати ни е луксуз да отпатуваме на подолго од два дена затоа што едно лице и пишува и уредува и плаќа сметки и комуницира со донаторите и ја води администрацијата и објавува на социјалните мрежи... Како прво, патот до границата со Украина беше моја и желба на снимателот Ајдин Камбер со кого мојата редакција соработува. Ние немавме од каде да повлечеме средства за тоа, па затоа сами го финансиравме патот и сѐ останато што се подразбира. eTrafika нема проект кој може да покрие ова а Ајдин е фриленсер. Така ја земавме нашата заштеда и ја потрошивме на гориво, патарини, сместување, храна... Многу чини да се отиде било каде на 15 дена. Не сакавме пред патот да им се јавуваме на другите редакции и да им нудиме приказни од границата, го направивме тоа дури откако стигнавме таму и видовме каква е ситуацијата. Не знаевме што ќе затекнеме а не сакавме да даваме празни ветувања. Потоа направивме неколку приказни за други медиуми, за да покриеме барем дел од трошоците. Но, сеедно поголем дел од патот е платен исклучиво со наши пари. И на сето тоа, тогаш почнаа да се јавуваат други редакции, да не замолат да им испратиме фотографии од границата, а тие за возврат ќе не потпишат. Што имаме ние од тој потпис?

Ние немаме голем тим за да можеме да ги поделиме обврските. Истовремено моравме да размислуваме и за логистиката и за новинарството. Лесно е да се изгубите во сето тоа. А дури тогаш се губите во работата кога ќе се вратите во редакцијата, затоа што секој нормален новинар го прегледува и го обработува материјалот после теренот, а ние мораме да работиме и други, главно административни работи, кои во меѓувреме се натрупале а нема кој да ги направи.

Дали имаш некои корисни совети и предлози за други новинари/ки кои ќе одлучат да одат и да известуваат за војната во Украина, сеедно дали од бегалските пунктови или пак директно од воените зони?

Потребни ви се еден или два дена за воопшто да се адаптирате на работата во  новите околности, едноставно да видите што и како функционира. Значи, потребно е да се одвои време, како за престојот таму, така и за патувањето. 

Додека бевме на границата, правилата во врска со снимањето се менуваа од ден на ден, во зависност од тоа кои полицајци и војници се на границата. Некои дозволуваа да се снима сѐ, некои поставуваа линија која физички не можете да ја поминете. Потребно е да се приспособувате на ситуацијата.

Ќе се случуваат и обиди за саботирање на вашата работа. Ние имавме проблем со неколку волонтери, кои многу отворено се обидуваат да ги спречат новинарите да ги снимаат бегалците. Да нагласам, спречуваат да ги снимаат во јавен простор, додека одат или да ги запираат и да ги прашуваат за интервју. Тие неколкумина им се внесуваат на новинарите во камерите, им ги покриваат со рака и намерно им влегуваат во кадарот. Тие сметаат дека ние сме мршојадци кои дошле да се хранат со туѓата несреќа и дека со тоа ги спасуваат бегалците. Останатите волонтери се сосема ок и се вреден извор на информации, имаат интересни приказни за споделување.

Со оглед на тоа што главно разговаравте со бегалците, дали постојат некои лекции кои колегите/шките новинари/ки треба да ги имаат на ум кога разговараат со бегалците?

Кога разговараме со бегалците, цело време мораме да имаме на ум дека се работи за луѓе кои се под стрес и имаат трауми. Нашите прашања можеби ќе разбудат некои лоши спомени кај нив. Мене ми се случи тоа во кампот Vučjak. Прашав едно момче кој му е најсреќен спомен од домот? Само гледаше во мене и почна да плаче. Никогаш не знаеме што точно допираме во човекот. Има тука и многу морални дилеми, дали и како треба нешто да снимаме. Колешката од Франција, која ја запознавме на границата со Украина, ни кажа дека првите два дена ништо не снимила затоа што постојано се прашувала дали има право да ги фотографира луѓето што страдаат. Потоа си кажала самата на себе дека некој мора да го пренесе тоа што се случува тука и да ги раскаже нивните приказни. На крај, таа научи како да ги праша на украински за нивното име и за дозвола за снимање, па малку разговараше со нив пред самото снимање.
 

Ocijenite kvalitet članka