Марина Костова: Повеќето новинари/ки работат во прекаријатот, не им се заштитени работните права, а приходите се мали и несигурни

11.03.2021. / 09:28

Несигурната финансиска состојба на многу медиуми на Западен Балкан станала уште поизразена за време на пандемијата, па многу медиуми сé уште се соочуваат со борбата за опстанок. Ковид-19 не ги сменил само финансиските изгледи за медиумите, туку наголемо влијаел и врз промените на начините на кои новинарите/ките ја работат својата работа. Во Северна Македонија, како и во останатите земји од Западен Балкан, повеќето новинарски редакции работеле или сé уште работат од дома. Преку работење од дома се среќаваат со различни проблеми и предизвици.

Прашањето за положбата на новинарките внатре во медиумските редакции и прашањето за разбирањето на положбата на жените кои се и работнички, и на товарот кој врз нив дополнително го ставила пандемијата е нешто за што ќе има потреба уште многу да се известува. Само неколку истражувања кои се направени зборуваат за фактот дека жените биле повеќе изложени на откази, на скратување на работното време, и на товари кои се огледале во грижата за домот, семејството и паралелните барања да се исполнат сите работни задачи.

Една новинарка од Северна Македонија, која сакаше да остане анонимна, во интервјуто за BalkanInsight.com, изјавила: „Морав истовремено да бидам новинарка, дадилка и мајка, а уредникот тоа не го интересираше. Доколку не бев на мрежата 15 минути, веднаш ќе ме прашаше каде сум.“

Различни се искуствата од новинарската работа во претходната година. По повод Меѓународниот ден на жената, сакаме да им дадеме простор на искуствата на новинарките и на тоа како тие ја виделе и ја доживеале претходната деловна година. По тој повод разговаравме со заменичката уредничка на онлајн медиумот од Северна Македонија, Сакам да кажам, Марина Костова.

Неизвесноста постои и долгорочното планирање е невозможно

Balkansmedia: Прашањето за нерамноправната положба на жените и мажите во новинарството постоело и пред пандемијата. Сега, една година од почетокот на пандемијата, изгледа дека таа положба уште повеќе се влошила. Како вие, како новинарка, сте ја доживеале претходната година?

Марина Костова: За жал, во новинарството положбата и на жените и на мажите во Северна Македонија е подеднакво лоша – повеќето работат во прекаријатот, не им се заштитени родовите права, а приходите се мали и несигурни. Ковид пандемијата само ја влошила состојбата, бидејќи и некои редакции се затворени, a некои ги отпуштиле своите вработени или го свеле бројот на минимум.

Мојата онлајн редакција (www.sdk.mk) е мала и нашиот основен извор на финансирање се проектите финансирани од странски извори (фондови на EU, UK, US, NL). Ние успеавме да го одржиме нашиот тим (кој е родово балансиран, а работните и професионалните права во целост се заштитени) и успешно ги искористивме нашите ресурси за колку што е можно поголема и порелевантна професионална продукција на вести и истражувачки приказни. Затоа, иако претходната Ковид година беше многу тешка и за нас, сепак нашето искуство е нешто попозитивно од општото. Но, секако, неизвесноста пости и долгорочното планирање е невозможно, а со тоа и развојот.

Balkansmedia: Знаеме дека живееме во патријархален систем на вредности, каде жените неретко се ставени во неповолна положба и носат повеќекратен товар. Тие се грижат и за домот, за семејството, но и за работата. Колку беше тешко за вас во претходната година да ги усогласите сите овие обврски, особено ако бевте приморани да работите од дома?

Марина Костова: Повторно, моето лично искуство е различно од другите – јас сум самохран родител, но за среќа мојата фамилијарна инфраструктура ми овозможува голема логистичка поддршка, а среќна околност е и тоа што мојот син има онлајн настава, бидејќи физички во училиштето одат само децата до 3-то одделение од основно училиште. Нашата редакција има работен ковид-протокол при кој според системот на неделна ротација секогаш една екипа работи од дома, а редакцијата ги снабдува новинарите со опрема за лична заштита. Поголем е проблемот за колегите/шките, и тоа и за жените и за мажите, кои имаат мали деца бидејќи мораат да се снаоѓаат за да ги згрижат по скратената настава во училиштето поради пандемијата.

Факт е дека новинарките се повеќе изложени на онлајн заплашување и онлајн нападите

Balkansmedia: Колку според вас постои свеста меѓу вашите колеги за фактот дека новинарките се нерамноправни, и ако мислите дека постои, зошто е тоа така?

Марина Костова: Моето лично искуство и искуството на колешките и колегите од мојата и помладите генерации не е дека новинарките се нерамноправни – работев во редакции каде повеќето од вработените биле новинарки, а родово балансирани биле и уредничките колегиуми. Редакцијата на дневниот весник Вест каде работев 16 години од основањето (кој беше најтиражниот дневник до 2016 година, но сега за жал не постои повеќе) беше пример за рамноправност во секоја, па и во родова смисла – 90 проценти од уредниците/чките беа жените. Нашата кадровска политика беше таква што регрутиравме млади новинари според квалитетот, а не според родовиот, етничкиот или каков било друг клуч и квота, а потоа тие младите новинари професионално растеа во редакцијата дури до уредничките места. Сосема е иста и кадровската политика и третманот во мојата сегашна онлајн редакција. Исто така, никогаш не се случило некоја новинарка да била спречена да си ја работи својата работа или да ја добие информацијата што ја бара само затоа што е жена.

Но, факт е дека новинарките се повеќе изложени на онлајн заплашување и онлајн нападите и тоа токму базирано врз полот. Мојот впечаток е дека генерално постои свеста и солидарната поддршка и кај новинарите и кај новинарките во таквите случаи. Но онлајн злоставувањето на новинарките е само еден дел од големиот проблем – на неказнивоста на насилството врз новинарите воопшто, особено во случаи кога насилството, заплашувањето и заканата доаѓа од државните службеници и функционери.

Ocijenite kvalitet članka