Balkansmedia.org во текот на месец март ќе претстави и ќе прослави само неколку од милионите жени во медиумите кои секојдневно ги уриваат бариерите и го трасираат патот за младите генерации на новинарки и на медиумски работнички. Во соработка со илустраторката Лејла Ахмедспахиќ, една од илустраторките која работеше и на проектот #ŽeneBiH, ќе можете да видите 6 исклучителни илустрации за 6 неверојатни медиумски работнички на Балканот за да ве запознаеме со жените во медиумите и надвор од рамките на вашите држави и за да им дадеме надеж на младите генерации на медиумски работнички дека не се сами, дека имаат поддршка и дека имаат темели од кои можат да почнат.
Минатата недела ви ја претставивме Вилдана Селимбеговиќ, а денес ја претставуваме нашата хероина Маријана Бојаниќ, извршна директорка на телевизијата Vijesti и на Daily press во чии рамки работат дневниот весник Vijesti и порталот Vijesti.
Медиумите под брендот Vijesti се медиуми со најголема доверба. Телевизијата Vijesti, во која таа беше уредничка, со години е најгледана телевизија во Црна Гора, додека пак порталот, од своето основање, цела деценија е убедливо најчитан во земјата.
Маријана Кадиќ Бојаниќ дипломирала на Филозофскиот факултет. Кариерата ја започнала како новинарка во неделникот Monitor во 1999 година. Добитничка е на повеќе награди. Наградата за истражувачко новинарство на Институтот за медиуми ја добила во 2005 година. Наградата за филантропија „Искра” и била врачена во 2012 година, додека пак наградата за најдобра менаџерка ја добила во 2017 година. Таа се занимава со хуманитарна работа и е еколошка активистка. Мажена е и е мајка на три деца.
Новинарската кариера ја започнала во 1999 година во неделникот Monitor, а од 2008 година работи во ТВ Vijesti.
“Самиот премин од неделен весник, каде што има еден ритам и начин на работа, во телевизија, каде што темпото е побрзо, беше предизвик”, вели Маријана. Исто така, таа наведува дека можноста да се обиде во различни форми на тв новинарство била сатисфакција, но и нов предизвик.
“Така го разбирам и најновото работно место”, истакнува Маријана. Таа не им робува на формите, не го работи само она што ѝ е во “во описот на работното место”, туку сама ја проширува нејзината сфера на работа и на интерес.
“Мислам дека тоа е добро за мене, но и за куќата во која работам”, наведува Маријана.
Маријана наведува дека не е секогаш едноставно сѐ да се вклопи со многу активниот семеен живот, со времето кое им го посветува на синовите Давид и Никша, на ќерката Искра, на сопругот, на мајка ѝ, на пријателите и на пријателките, на хобијата, на готвењето кое ѝ е омилена антистрес терапија, на патувањата на кои со задоволство одат. “Мојот распоред е секогаш натрупан и иако е доста тешко да се стигне сѐ, сама го избрав овој начин на живот и сама барам нови предизвици”, вели Маријана.
