Reporters Shield: Програма за покривање на трошоците за правна и судска заштита на медиумите и организациите

02.08.2023. / 08:46

Стратешките тужби против учеството на јавноста (SLAPP) се нова форма на напади врз новинарите/ките. Начините на напаѓање на новинарите/ките веќе не се само физички, туку тие вклучуваат и различни малтретирања кои најчесто се во форма на судски тужби кои ги исцрпуваат човечките и финансиските капацитети на медиумските куќи и на новинарите/ките.

Поради ваквиот тип на напади, денешното новинарство е незамисливо без правен тим кој ќе даде поддршка во процесот на креирање и проверка на информациите, но и заштита од потенцијалните судски тужби што можат да следат по објавувањето на истражувачките приказни. Најчесто тужбите се неосновани и тие се средство за малтретирање и обид да се замолчат медиумите за темите од јавен интерес, но долготрајните судски процеси доведуваат до исцрпување на капацитетите на медиумот.

Затоа поддршката на медиумите во овој процес е многу важна, а фондовите за покривање на адвокатските и на судските трошоци во голема мера им ја олеснуваат секојдневната работа на медиумите и им овозможуваат без оглед на тужбите да можат паралелно да продолжат да се занимаваат со она со што се занимаваат со известувањето од јавен интерес.

Неодамна УСАИД покрена програма под името Reporters Shield, која ги штити истражувачките новинари/ки и активистите/ките на граѓанското општество обезбедувајќи покритие на одговорноста за покривање на трошоците за одбрана од клевета, навреда и други тужби чија цел е да се замолчи нивното известување.

“SLAPP тужбите се поднесуваат за финансиски да се исцрпат новинарите/ките и медиумите. Затоа финансиската поддршка е многу важна. Reporters Shield значи дека новинарите/ките нема да мораат да се грижат дали ќе можат да ги платат адвокатите/ките, судските трошоци и другите трошоци.”изјави Бојана Јовановиќ заменичка на главниот и одговорен уредник на Мрежата за истражување на криминалот и корупцијата – KRIK.

По повод покренувањето на оваа важна програма, која дефинитивно им е многу потребна и на медиумите во земјите од Западен Балкан, ако се земе во предвид дека тие секојдневно се соочуваат со различни обиди за замолчување и ограничување на медиумското известување, разговаравме со Peter Noorlander, директорот на старт-ап програмата Reporters Shield.

Balkansmedia: Што е програмата Reporters Shield? Можете ли да ни дадете повеќе информации за идејата што се наоѓа зад оваа програма? По што таа се разликува од редовната правна поддршка што постои ширум светот?

Reporters Shield е членска програма која го брани истражувачкото новинарство ширум светот од правните закани. Програмата е наменета за печатените/онлајн медиуми и за невладините организации кои се занимаваат со известување од јавен интерес. Reporters Shield ќе ги идентификува квалификуваните адвокати/ки кои ќе одговорат на правните закани и тужби и ќе го плати правното застапување до однапред договорениот лимит, кој зависи од државата во која се наоѓа седиштето на публикацијата.

Идејата произлезе од работата на Проектот за известување за организираниот криминал и корупцијата. Тие добиваат голем број на правни тужби и закани поради нивното известување, а одбраната од тие тужби создава огромен притисок на нивните ресурси. Тие се свесни дека и многу други медиумски куќи страдаат од истиот проблем, кој го погаѓа целиот сектор. Затоа тие работеа со адвокатите/ките од Центарот за меѓународна правда Cyrus R. Vance, со помош и поддршка на експерти/ки за осигурување, за да ја развијат програмата Reporters Shield.

Програмата се разликува од постоечките механизми за правна поддршка бидејќи се заснова на членство и затоа што може да понуди помош до повисок финансиски лимит до 500.000 долари во земјите како што се Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство.

Balkansmedia: За кого е дизајнирана програмата и каков вид на организации можат да имаат најголема корист од неа? Заснована е на членство. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за ова? Дали барањето за членство се одвива во фази? Кои се општите критериуми за прифаќање, колку време трае тој процес и кога станува активен?

Моментално сме отворени за апликации од организации кои се наоѓаат во Европа, Централна Азија и Америка (освен Карибите).

Организациите/медиумите можат да учествуваат ако:

  • се законски регистрирани
  • нивниот фокус е првенствено на вестите, јавниот интерес и/или истражувачкото новинарство
  • објавуваат само во печатените и/или во онлајн медиумите
  • имаат непрофитен статус или транспарентна сопственост
  • имаат уредувачка независност и се придржуваат до професионалните уредувачки стандарди
  • се независни од политичко, комерцијално или друго несоодветно влијание или мешање
  • имаат транспарентно, професионално финансиско управување
  • прават јасна разлика помеѓу мислењето и медиумското известување

Имаме процес за строга контрола на апликациите и бидејќи имавме голем број на апликации, процесот трае најмалку шест недели.

Balkansmedia: Организациите ќе плаќаат годишна членарина. Постојат ли разлики во цените кога станува збор за помали организации во однос на поголемите, нивната локација и во случаите на скапи јурисдикции?

Надоместокот зависи од земјата, бројот на објавени извештаи и нивниот профил на ризик како и прометот на организацијата. Откако организацијата ќе стане членка, таа ќе има пристап до правниот преглед пред објавувањето за високоризични публикации (ова е ограничено на приказни во кои се наведуваат обвинувања за недолично однесување против некого што е поврзан со САД, Обединетото Кралство, Ирска или некоја друга скапа јурисдикција). Тие можат да повикаат помош за да одговорат на заканите каде и да се појават тие.

Balkansmedia: Дали ќе го разгледате проширувањето на членството и на фри-ленс новинарите/ките?

Во моментов сме фокусирани на покренување на овој модел. Работата на фри-ленсерите/ките е покриена кога тие ја објавуваат нивната работа преку медиум што е член на Reporters Shield.

Balkansmedia: Каков вид на поддршка е достапна во рамките на Reporters Shield? Постојат ли ограничувања за поддршката и постојат ли работи и ситуации кои фондот на може да ги покрие?

Членовите добиваат пристап до правната поддршка за да одговорат на заканите/тврдењата кои се изнесуваат во врска со содржината што тие ја објавиле. Постои финансиски лимит, чиј износ зависи од земјата, но се движи помеѓу 100.000 и 500.000 американски долари. Фондот не може да го покрие кривичното гонење за обвиненија што не се јавно поврзани со известувањето, како што се обвинувањата за затајување на данок.

Balkansmedia: Како ќе бидат организирани обуките за членовите и кои теми ќе ги обработуваат?

Обуките на почетокот ќе бидат ограничени за да им се овозможи на членовите да ги препознаат потенцијално ризичните објави.

Во продолжение слушнете ја презентацијата за програмата Reporters Shield која во склоп на овогодишниот USAID BMAP FORWARD Media Forum ја одржа Drew Sullivan, ко-основач и издавач на OCCRP, директор на програмата Зајакнување на транспарентноста и одговорноста преку програмата за истражувачко новинарство (STAIR).

 

 

 

Оценете го квалитетот на статијата