Women* Write the Balkans е платформа која неодамна ја здогледа светлината на денот. Уредничките Леа Хорват и Ана Секулиќ ја покренаа платформата како посебен простор за наративи од Балканот и за Балканот од автори/ки кои се идентификуваат како жени, транс и/или небинарни лица. Платформата е посветена на истражувањето на повеќеслојната реалност во регионот и прикажува пишување што го спојува искуството, експертизата и раскажувањето. Платформата содржи и кратки и долги статии, од фрагменти и архивски остатоци, до микромемоари и лични и визуелни есеи.
Важноста на ваквите платформи за изразување и за истражување кои излегуваат од рамките на мејнстрим новинарството значи давање на простор на гласовите кои често остануваат во позадина. Да се пишува за Балканот значи да се пишува и за повеќеслојноста на различните историски настани како и за луѓето кои живеат на овие простори.
Во продолжение го презентираме интервјуто со Леа и со Ана, кои ни кажаа нешто повеќе за самата платформа.
Balkansmedia: Можете ли за почеток да ни се претставите и да ни кажете нешто повеќе за идејата да ја креирате платформата Women* Write the Balkans?
Ние сме две историчарки и авторки што живеат на два различни континенти и се занимаваат со различни историски периоди. Се запознавме на Twitter и идејата за платформата Women* Write the Balkans се појави спонтано, од незадоволството од клишеата за Балканот што ги пронаоѓаме и во академските текстови и во медиумите. Наместо да се сосредоточиме на критика на постоечкиот, решивме да замислиме како може да изгледа наративниот простор по наша желба. Со месеци зборувавме за дизајнот, за логото, за визијата и за авторите/ките што сакаме да ги поканиме. Сонувањето е потребно и фантастично, но да се види како во почетокот на оваа година платформата оживува и станува посетувана е особено искуство.
Balkansmedia: Креирањето на простор кој ќе биде отворен и достапен за жените, за транс и за небинарните лица, за да ги изразат нивните ставови и мислења често се издвојува, односно се креира одново. Колку е ограничен просторот во мејнстрим медиумите за ваков пристап кон содржината?
Жените, а уште повеќе транс и небинарните лица во медиумите најчесто се појавуваат како тема на јавна дебата, кога се зборува за нив, а не со нив, или во рамките на активистичките наративи за човековите права. Веруваме дека активизмот во потесна смисла е исклучително важен за поинклузивно општество, но нашата улога ја гледаме во создавањето на простор во кој нема да се занимаваме со непишаните правила, со логиката на мејнстрим медиумите и со профитабилноста.
Balkansmedia: Што е целта на платформата Women* Write the Balkans?
Сакаме да создадеме простор за слоевити наративи кои едвај чекаме да ги прочитаме, кои ќе ги допрат читателите/ките, ќе ги натераат да размислуваат или можеби дури и ќе ги поттикнат да ги споделат нивните приказни со нас. Сакаме да работиме со сите што се грижат за Балканот и за добро раскажани приказни.
Balkansmedia: Како што можевме да прочитаме во описот на вашата платформа, таа ќе нуди можност за креирање на приказни преку раскажување, кои ќе вклучуваат кратки и долги форми на делата, како и фрагменти од архивски дела, мемоари и визуелизација. Колку е корисно и важно да се користат различни форми за презентирање на оваа тема?
Формите што доминираат во академската заедница оставаат малку простор за креативност бидејќи често е поважно да задоволуваат определени прецизно дефинирани норми. Ние сметаме дека ова е голема штета и веруваме во потенцијалот на креативното изразување кое им дава дополнителна вредност на наративите што ги сметаме за суштински. Во таа смисла, на нашите автори/ки им даваме целосна слобода во изборот на форматот и ги охрабруваме да испробаат нешто што ги привлекува дури и (или особено) ако немаат искуство со медиум и со формата што ги привлекува.
Balkansmedia: Twitter и Instagram се две социјални мрежи кои ги покренавте паралелно со страницата. Колку е денес важно да се биде присутен на социјалните мрежи и на кој начин ќе ги користите овие социјални мрежи за да ѝ ја презентирате содржината на публиката?
Повеќето од нашите посетители/ки на страницата доаѓаат преку Twitter, каде што полека собираме ангажирана заедница која се интересира за нашите теми и за пристапот. И ние се запознавме и се препознавме на Twitter и веруваме во потенцијалот на оваа социјална мрежа за дружење и за солидарност. Не сакаме класично академско вмрежување, но имаме потреба од заедница која на ваков начин ја бараме но и ја формираме.
Balkansmedia: Balkansmedia.org е платформа што пишува за новинарството, за иновациите, за советите, за ресурсите и за алатките кои можат да им бидат корисни на медиумите. Имате ли некакви насоки или совети како медиумите да дадат повеќе простор на ваквиот пристап кон темите, но и на луѓето што ќе известуваат од различни перспективи?
Многу текстови кои се занимаваат со регионот на Балканот користат востановени шаблони и стреотипи. Забележуваме дека таквата состојба делумно е предизвикана од надворешните притисоци и од очекувањата на издавачите, но веруваме дека на тоа можеме и треба да му се спротивставиме. Особено ни се важни одговорноста, критичкото преиспитување на наративите за Балканот и наративната и поетска сила која може да им претставува клучна противтежа.
***
И за крај, ги повикуваат авторите и авторките да ги тестираат границите на пишување за регионот и им се радуваат на уверливите приказни на искусните писателки и писатели, автори/ки кои првпат работат и кој било помеѓу.