ШТО СЕ РЕСПИРАТОРИТЕ И КАКО ТИЕ РАБОТАТ?

12.05.2020. / 13:14
ШТО СЕ РЕСПИРАТОРИТЕ И КАКО ТИЕ РАБОТАТ?
ШТО СЕ РЕСПИРАТОРИТЕ И КАКО ТИЕ РАБОТАТ?
ШТО СЕ РЕСПИРАТОРИТЕ И КАКО ТИЕ РАБОТАТ?

За респираторите интензивно се зборува во изминатите неколку месеци, откако почна глобалната пандемија предизвикана од вирусот КОВИД-19. Помамата на државите и здравствените системи по истите е споредлива со војните за брашно во супермаркетите, но пошироката јавност нема добиено премногу прилики да дознае што се респираторите и како воопшто тие работат.

САМО ВО НАЈТЕШКИТЕ СЛУЧАИ

Респираторите се инструменти кои дишат наместо пациентот и се користат во ситуации кога белите дробови не се во состојба да ја вршат својата работа – ја збогатуваат крвта со кислород. Пациентот со помош на туба се поврзува со респираторот, кој потоа впумпува навлажнет кислород во белите дробови, и извлекува CO2 кој го произведува пациентот. Количината на кислород во смеса воздух, влагата, волуменот и другите параметри на оваа процедура се подесуваат на респираторот, и нивните идеални вредности зависат од пациент до пациент.1

Респираторите се користат само во најтешките случаи, каде белите дробови не се во состојба да работат на доволно ниво за да го одржат телото во живот. За лицата кои немаат тешки симптоми може да се користи неинвазивна вентилација, каде не се врши интубација. Еден вид на неинванзивна механичка вентилација е CPAP - continuous positive airway pressure кој ги држи дишните патишта на пациентот отворени.2

Ова не е итна процедура и CPAP машините евтино можат да се купат за домашна употреба, и често ги користат луѓе кои патат од апнеа за време на спиење, состојба каде дишните патишта се затвораат во текот на сонот, и доведуваат до кусок на кислород во текот на ноќта, и не би смееле да се мешаат со респираторите, иако тоа се случувало. Компанијата на Илон Маск, Тесла, така вети дека ќе произведе голем број респиратори, а всушност тие доставија CPAP апарати.3

Според податоците на СЗО 80% од заболените од КОВИД-19 заздравуваат без потреба за болнички третман, a според податоците на CDC (Center for Disease Control) 5%-10% од сите хоспитализирани случаи на КОВИД-19 бараат интензивна нега, а според податоците од Њујорк од 5700 хоспитализирани лица околу 12% завршија на респиратори. Според тие бројки тоа би значело дека околу 1-2% од сите заразени со КОВИД-19 ќе бараат интензивна нега, што се совпаѓа со податоците од Италија, каде таа бројка е измерена на околу 2%.4,5,6,7

КОЛКУ РЕСПИРАТОРИТЕ СЕ ЕФИКАСНИ?

Едно од двоумењата на јавноста во врска со респираторите се однесува на нивната ефикасност. Како што спомнавме во воведот, респираторите се користат во најтешките случаи каде белите дробови престануваат да функционираат и тие се последна надеж на тоа лице за преживување. За жал во најдобри услови 50% од тие пациенти не преживуваат. Моменталните извештаи од Њујорк и Кина оваа бројка ја ставаат на 80%, додека во Обединетото Кралство тој број е нешто понизок, на 66%. Ова се податоци од помалите студии кои секако не даваат целосна слика и тие бројки веројатно со тек на време ќе опаѓаат, но не многу.6, 8, 9

Една од причините за вака висок морталитет на респираторите може да биде и поради преголемо потпирање врз нив. Група на Европски медицинари испрати писмо до американското списание за респираторна и критична нега, во кое ги повикува докторите да одбегнуваат користење на беспотребна механичка вентилација затоа што КОВИД-19 предизвикува атипичен вид на ARDS (Acute Respiratory Distress Syndrome). Атипичен според тоа што, иако доведува до многу ниско ниво на кислород во крвта, пациентите и понатаму се во состојба да дишат нормално, така што многумина немаат потреба за механичко впумпување на кислород, кое потенцијално може да биде и опасно за нив.10

Штетата од респираторите настанува на повеќе начини, поради ниското ниво на кислород во крвта на пациентите кислородот се доставува под висок притисок, што може да доведе до оштетување на белодробното ткиво. Потоа како што се врши интубација со уфрлување на долга пластична цевка низ душникот и гласните жици така се создава пат низ кој опасните бактерии можат да влезат во белите дробови и да доведат до запаление.11

Дополнително објаснување за високиот морталитет би можело да биде дека тоа е едноставно поради преоптовареноста на здравствените системи, бидејќи нема доволно специјалисти кои би биле во состојба да ги подесат параметрите на респираторите за секој пациент, или да пробаат помалку инванзивни методи и да преминат на респиратори единствено кога тоа ситуацијата го бара.

Секако постои и можност овие бројки со морталитетот да се единствено резултат на лошо толкување, бидејќи повеќето луѓе кои ќе се најдат во ситуација да завршат на респиратор се на постара животна возраст и поседуваат дополнителни коморбидитети, и со самото тоа се всушност популација која има најмалку шанси да извлече корист од тоа да биде на респиратор, што може да се потврди со извештаи на CDC, како и на Министерството за здравство на Шпанија.12,13

Значи, респираторите не се магичен лек за корона вирусот, туку опасен и комплексен инструмент кој се користи само како последна надеж за најтешките случаи. Неговиот успех зависи не толку од респираторите, колку од знаењето на докторот и коморбидитетот на пациентот. Дури и во случаи на успешен третман преку респиратор штетата на белите дробови може да биде неповратна, така што со самото тоа превенцијата и понатаму е најдобра тактика во овие пандемични времиња.

 

 

Референци

  1. “Coronavirus: What Are Ventilators and Why Are They Important?” BBC News, BBC, 16 Apr. 2020, www.bbc.com/news/health-52036948.
  2. Center for Devices and Radiological Health. “Ventilator Supply Mitigation Strategies.” U.S. Food and Drug Administration, FDA, www.fda.gov/medical-devices/letters-health-care-providers/ventilator-supply-mitigation-strategies-letter-health-care-providers.
  3. Whooley, Sean. “Elon Musk Criticized for Donating Sleep Apnea Ventilators.” MassDevice, 6 Apr. 2020, www.massdevice.com/elon-musk-criticized-for-donating-sleep-apnea-ventilators.
  4. “Media Statement: Knowing the Risks for COVID-19.” World Health Organization, World Health Organization, www.who.int/indonesia/news/detail/08-03-2020-knowing-the-risk-for-covid-19.
  5. “Severe Outcomes Among Patients with Coronavirus Disease 2019 (COVID-19) - United States, February 12–March 16, 2020.” Centers for Disease Control and Prevention, Centers for Disease Control and Prevention, 26 Mar. 2020, www.cdc.gov/mmwr/volumes/69/wr/mm6912e2.htm.
  6. Richardson, Safiya. “Clinical Characteristics, Comorbidities, and Outcomes Among Patients With COVID-19 Hospitalized in the NYC Area.” JAMA, 22 Apr. 2020, jamanetwork.com/journals/jama/fullarticle/2765184.
  7. Pcm-Dpc. “Pcm-Dpc/COVID-19.” GitHub, github.com/pcm-dpc/COVID-19/blob/master/dati-andamento-nazionale/dpc-covid19-ita-andamento-nazionale.csv.
  8. Ñamendys-Silva, Silvio A. “Respiratory Support for Patients with COVID-19 Infection.” The Lancet Respiratory Medicine, vol. 8, no. 4, 2020, doi:10.1016/s2213-2600(20)30110-7.
  9. Vaidya, Anuja. “66% Of COVID-19 Patients Needing Mechanical Ventilation Die, New Study Shows: About Two-Thirds of COVID-19 Patients Requiring Mechanical Ventilation Die, a 3,883-Person Study Shows.” Becker's Hospital Review, www.beckershospitalreview.com/patient-safety-outcomes/66-of-covid-19-patients-needing-mechanical-ventilation-die-new-study-shows.html.
  10. Gattinoni, Luciano, et al. “Covid-19 Does Not Lead to a ‘Typical’ Acute Respiratory Distress Syndrome.” American Journal of Respiratory and Critical Care Medicine, 2020, doi:10.1164/rccm.202003-0817le.
  11. Hamilton, Jon. “Ventilators Are No Panacea For Critically Ill COVID-19 Patients.” NPR, NPR, 2 Apr. 2020, www.npr.org/sections/health-shots/2020/04/02/826105278/ventilators-are-no-panacea-for-critically-ill-covid-19-patients.
  12. Ducharme, Jamie. “Why Ventilators May Not Be Working Well for COVID-19 Patients.” Time, Time, 16 Apr. 2020, time.com/5820556/ventilators-covid-19/.
  13. “ISCIII.” Informes COVID-19, www.isciii.es/QueHacemos/Servicios/VigilanciaSaludPublicaRENAVE/EnfermedadesTransmisibles/Paginas/InformesCOVID-19.aspx.
Ocijenite kvalitet članka